Предговор на книгата „Сродни души“ |
1.04.2021. | |
Автор на ова дело е Олга Рожнева Леонидовна, позната руска писателка и филолог, чиј што книжевен опус е огромен и не можеме сиот да го наведеме овде. За сите значајни црковни личности од руската црковна историја, за сите нови духовници и светители, од Русија, но и од целиот свет, таа има напишано барем по една книга, и поради нејзината активна посветеност во мисијата на Руската православна црква, токму од неа има добиено и значајна награда за „книжевна просвета“ (2014 година). Дипломирала на Пермскиот универзитет, филолог, одличен познавач на англискиот јазик и на романо-германската филологија, а како писател најдобро се пронашла себеси во православната литература. Книгата која ја имате пред себе, „Сродни души“, издадена во 2018 година од страна на Сретенскиот манастир, е зборник од повеќе раскази, меѓусебно неповрзани, но заедничко на сите е верата во Бог. Во нив читаме за обични луѓе, за секојдневниот човек кој го сретнуваме на улица, во соседството, кој се бори со секојдневните искушенија, и со Божја помош успева да се избори. Во овие раскази опишани се и вистински настани од животописот на отец Николај Рагозин и отец Саватиј, историски и значајни личности за Руската Црква. Сите овие ликови, богати и сиромашни, учени и неуки, среќни и несреќни, брачни и монаси, се камчиња во мозаикот којшто Бог го прави од сите нас. Овие приказни не се измислени, туку реални, и во некоја од нив секој од нас ќе се пронајде. Ќе ги видиме нашите судбини, нашите грешки, нашите застранувања во верата, лажната вера која сами си ја измислуваме, бидејќи ни годи на страстите, Промислата Божја, како и нашите гревови и последиците од нив уште во овој живот. Расказите се лесни за читање, секој ќе ги разбере и секој ќе извлече духовна полза од нив. Преку овие, често пати трагични истории, секој ќе научи како треба, и како не треба во животот. Восхитува простата вера на обичниот руски човек, која останала во срцата на луѓето, и покрај сите прогони и жестокост кон Црквата и кон сите кои ја сакаат и ѝ припаѓаат. Исто така на обичен јазик ни се прикажани искушенијата и добродетелите на свештенството, како и духовниот живот, подвизите, борбите и падовите на монаштвото – без никакво прикривање или шминкање на приказните и фактите. Оваа книга од длабочината на моето срце му ја препорачувам на секој Македонец, па дури и на безбожните. Овие реални истории да ни бидат еден вид вовед во верата, но и испит, да научиме да се гледаме себеси реално, да се прифаќаме себеси реално, па оттука ќе научиме да градиме таков однос и со ближните. Божјата благодат да ги укрепува и води во духовниот живот, сите оние кои имаат ревност и вера, сите кои читаат и ја учат и практикуваат верата на нашите татковци. Амин. Митрополит Повардарски г. Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|