Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед - протоереј ставрофор Горан панзов
Проповед - протоереј ставрофор Горан панзов
12.03.2021.

Проповед по повод именден и роденден на Митрополитот Агатангел

 

 

            Во името на Отецот Синот и Светиот Дух

            Ваше Високопреосвештенство, Пастироначалнику на оваа богоспасувана Повардарска Епархија, чесни отци, драги браќа и сестри.

 

Записот врежан врз светиот кивот со моштите на новомаченикот гласи:

„Оваа света глава му припаѓа на новомаченикот Агатангел, којшто маченички пострада во 1727 година од следнава причина:

Кога сите Агарјани, имајќи си зол обичај, во трите дена на бајрам го потурчуваа секој христијанин што ќе го најдеа, тој не можеше да го поднесе тоа, па замина во царскиот сарај, при тоа сочинувајќи и ферман, и со Божјо содејство - попуштија. Оние, пак, не поднесувајќи го ова, го убија, а главата негова беше воскрасена во дните на кир Григориј Пелагонијски, а од ереите беа тогаш: сакелариј поп Георгиј, како и сакелиите поп Георгиј, поп Христо, поп Трајан, поп Наум, поп Вангел, поп Васил, поп Георгиј, 1827, февруари 25“.

Овој македонски светител пострадал од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој денес во Бигорскиот манастир се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното петвековно владеење со македонските краишта Агарјаните имале необичен и свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам насилно да го преведат во својата исламска вера секој христијанин што ќе го нашле. Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев незаштитените и угнетени христијани се сокривале кој како умеел и можел. Раката на друговерните гонители пак, секогаш успевала да докачи по некоја нејака жртва и да го изврши злото над невиниот човек. Мнозина од уловените македонски христијани гонителите ги наоѓале неподготвени да појдат на маченички подвиг и исходот на спасението на оние што го примале исламот под тешка закана останувал неизвесен. Но Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложил тоа насилно исламизирање на невините христијани на Бајрам да запре. Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие, според ферманот приготвен за таа добра намера, го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но Бог, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел им допушти на неколкумина Агарјани во Битола да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. А свети Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи го својот небесен венец од Христа, Кому Му поверува: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.” (Мат. 29 – 33)

Родум од Македонија, од овие простори од ова парче библиска земја како што е запишано во неговото свето житие. Да си споменеме за љубовта што ја покажал кон своите браќа христијани. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел со богомудри зборови пред турските власти се заложил насилното исламизирање на невините христијани на бајрам да запре.  Светителот успел да најде милост пред иноверците и тие со ферман ја укинале таа дотогашна пракса. Но Бог за да ја прослави вистинската верност на својот ревнител им допуштил на неколку Агарјани да му се нафарлат и да го погубат. А светиот Агатангел чесно пострадал од нив и се закитил со маченички венец Христов.

Правото славење на Бога низ вековите до денес овде во Македонија е секогаш врежано во душите и срцата на овој род. Денес, нашата Македонска црква го слави споменот на едно големо светило, на еден млад ревносен пламен, на  својата вера и татковината, не плашејќи се од мачеништво пред Бога да принесе и да го избави народот свој од нечестивоста, која како злокобен облак се беше надвиснала поттикната од Мухамедовото безумство.  Денес го славиме Агатангел - ангелот Македонски кој се јави на овој верен род, за да го избави со примерот на своето мачеништво од тешките маки и неприлики, и потпомогнат од Благодатта Божја да ја разобличи прелеста на Агара, постанувајќи верен столб за душите православни во Битола Македонска, а на верните им го оставил и своето тело, од кое и ние еве имаме дел, за да ни биде сладосна утеха, а главата, пак преку мечот исечена, на Господа Му ја принесе низ вера и дејност света, за преку неа овој род да црпи безбројни исцеленија.

Само малкумина се тие кои можат да се пофалат со таков степен на духовен развој и просветлување на умот, малкумина се тие, кои како денешниот наш славеник ќе соберат храброст и ќе застанат пред царскиот сарај, со ферманот в рака и ќе го поднесат сиот товар на плеќите свои, без да се тетерават пред тој тежок крст. Таквото сведоштво пред агарјаните за него значела смрт, но пред Бога и пред овој род, кој вечно ќе го чевствува неговиот спомен значи живот вечен. Па нели Ги чувме Господовите зборови  во Евангелието: “Не бојте се од оние кои го убиваат телото, а на душата ваша не и можат ништо; ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од оние кои можат и душата и телото ваше да го уништат, од тие ви  велам да се боите”.

Денес, драги браќа и сестри, оваа наша Свети Климентова Македонска Православна црква го прославува празникот посветен на Св.Агатангел Битолски, но и за наша голема радост прославуваме именден и роденден на нашиот Архиереј, кој по Божја милост и негово допуштение денес за прв пат заедно со именденот, го славиме и неговиот роденден. Велам со Божјо допуштение затоа што во оваа сиропусна недела кога во Светата православна црква не се служат литургии во среда и во петок, именденот го прославуваме на денешен ден кога нашиот Митрополит пред 66 години телесно се роди. Но не помалку важно е и неговото духовно раѓање кога пред 23 години беше избран и хиротонисан за епископ, а потоа пред 21 година избран и востоличен како Митрополит Повардарски. Тој е шестиот архиереј по хиротонија во Синодот на МПЦ.

Ваше Високопреосвештенство, кога човек говори за Вас, се што ќе каже е премалку. Вашите дела, говорат и тогаш кога се молчи, Вашите молитви ги принесувате за сите Ваши духовни чеда, во лицето на свештенослужителите и народот Божји. Ја чувствуваме сите Вашата татковска љубов и тогаш кога ќе не укорите и тогаш кога ќе не посоветувате и тогаш кога само со еден поглед ќе ни го покажете смирението, трпението и љубовта кон ближниот. Но, дозволете ми денес да говорам за љубовта што ја имате и поседувате и која е посветена кон Бога и црквата, љубовта кон поединецот и љубовта кон Македонецот и Македонија. Вистинското служење на Господа, за Вас е како дарувано заедништво на Бог и луѓето, проследени со дарот на духот Свети. Вистинското трагање за духовниот живот, стабилноста и трајните вредности на Црквата Христова, е Ваше креативно дело и творештво. Македонската Православна Црква ОА секогаш ја гледате како народна црква, па преку литургискиот принцип на стабилност, смирение и воздигнување ја издигате на вистинските апостолско-древно христијански традиции. Преку Вашето изобилно теолошко воспитување и образување ја поседувате мудроста како дар, со кој ја унапредувате православната заедница и единството на Светата Православна Црква. Затоа нашиот верен народ може да си ја препознае својата жива црква и својот добар пастир.

Ваше Високопреосвештенство г.Агатангел, покажавте дека Господ Бог во изобилство Ви ја дал благодатта и силата за да ги исполнувате сите должности. Ние сите знаеме за вашата љубов и грижа за нашето спасение. Но исто така и знаеме дека со иста сила и љубов работите на полето на Евангелската доктрина која Ви е патеводителка, инспирирана од љубовта и помошта за човекот, особено за човекот како поединец, како личност на кому поради тешкотијата и финансиската несреќа му е потребна вистинска помош. Оваа Ваша љубов е насочена кон сите оние кои што страдаат од лош сплет на околности и се социјално загрозени. Но, Вашиот предзнак е дека тие се сепак христијани на кои им е потребна помош, која со голема љубов и ревност христијанска им  ја дарувате.

Патриотизмот и родољубието не е нешто страно за Вас, туку вистинско дејствување и исполнување на библискиот принцип. Се покажавте како вистински борец за правдата и мирот. Ја извршувате својата мисија во богомдаруваната Ви Епархија, во црквата човекот најмногу се познава по својот вистински идентитет. Го чувате Вашето паство и Вашата Епархија од најразлични опасности кои светот и световниот живот ги нуди. Го чувате Вашиот народ македонски кој Ви е доверен Вам, од распадот на безличната маса, од опасноста да стане жртва на манипулација на оние кои не го почитуваат законот Божји и делата на своите македонци. Го развивате православното меѓуцрковно единство и дијалогот со останатиот христијански свет. Се водите според Евангелието каде Христос преку дијалог го подучувал народот и секогаш сте во првите редови со народот. Духот на дијалогот стана символ на епохата во која живееме. Во вртлогот од брзина на модерниот свет каде се промовира толку негативно и толку неморално што народот може да го фрли во конфузија, токму ако нема кому да се потпре и од кого да ја побара вистината. Овој народ македонски и оваа црква македонска и овие македонци, македонки и македончиња како што милувате во секоја Ваша проповед да ги споменете, се радосни што Ве имаат и што можеме заеднички да посведочиме евангелски и да ја примиме таа вистина од Вас кој сте нашиот пастир и вистински застапник пред Бога.

Ваше Високопреосвештенство, денес сите ние чувствуваме посебна радост и Ви упатуваме искрени честитки на Вашиот именден и роденден, кој еве денес заедно како Црква со Епископ, свештенослужители и народ Божји го славиме. Ви посакуваме силно здравје, и уште многу години да работите и творите на нивата Господова, на оваа македонска црква и благочестивиот македонски народ.

            На многаја лета ВЛАДИКО.

                                                  Проповедал протоереј ставрофор м-р Горан Панзов

 
< Претходно   Следно >