16.02.2021. |
На 14.02.2021 година, на денот кога го празнуваме Претпразненството на Сретение, како и споменот на светиот маченик Трифун, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители, отслужи света архиерејска Литургија во храмот „Св. Петка“ во Кавадарци. На Литургијата Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи и го произведе во чин протоереј, свештеникот Мартин Деневски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, а потоа, според традицијата, беше закроено и лозјето. Светиот маченик Трифун 14/02/2021 Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.
|