Божикно послание на Митрополитот Агатангел |
4.01.2021. | |
† АГАТАНГЕЛ
по милоста Божја Митрополит Повардарски, до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на Македонската православна црква - Повардарска епархија, а по повод Рождеството Христово - Божик, испраќа мир и благослов од Бога,
Слава на Бога во височините и на земјата мир меѓу луѓето добра волја (Лк. 2,14)
Денес е денот кога се исполни кажаното од Господа преку пророкот кој вели: „И ете девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи со нас е Бог!“. Денес слугинката Божја, пречистата Дева Марија, ќерката на Јоаким и Ана, стана Богородица, стана мајка на Бога Словото, го роди Спасителот на светот Господ Исус Христос. Мајката му се поклони на Чедото кое го носеше под срцето свое, во утробата која се покажа поширока од небесата. Му се поклони на својот Син и Бог, Седржителот, Творецот на сѐ видливо и невидливо, Кој дојде да го спаси светот. Дојдете, возљубени мои духовни чеда, да се поклониме и ние пред Богомладенецот. Денес се јавува Царот над царевите, Синот Божји стана Син Човечки, за да ги спаси луѓето од гревот, од смртта, да го избави човештвото од канџите на погибелта, за да не стане човекот плен на ѓаволот. Витлеемската пештера, засолниште на сточарите и нивните стада, станува засолниште на Божјото семејство. Тука се раѓа Богомладенецот, Господ Исус Христос. Какво Божествено смирение, каква божествена љубов, какво Божествено човекољубие. Витлеем, што значи дом на лебот, не остана само дом на земниот леб што го плодороди земјата, но стана и дом на „живиот леб што слезе од небото“ - Христос. Пресветата „го роди својот Син првенец, Го пови и го положи во јасли“ (Лк. 2,7). Јаслите кои служеле за хранење на стадата, станаа престол Божји опкружен со херувими. Се радува сѐ создадено заради рождеството на Создателот. Се радува и словесното и несловесното. Словесното го слави, му пее и му се поклонува на Богомладенецот, а несловесното диши во јаслите и го топли својот Создател во ладната зимска ноќ. Денес се роди Христос, Кој е образ на невидливиот Бог, Првороден пред секоја твар, во Него живее сета полнота на Божеството. Се роди Оној Кој говореше преку пророците, Посредникот на Новиот Завет. Се роди Оној Кој е секаде присутен, Неизмерен, Вечен, Кој е пред секое постоење, Спасител на сите луѓе во светот кои преку Него ќе бараат спасение и живот вечен.
Возљубени мои чеда во Христа,
Божик е почеток на сите празници. Со Христовото раѓање започнува тајната за спасението на човекот. Божик е метропола на празниците, вели свети Јован Златоуст. Во Божикната пештера се навести смирението на Господа, и тоа смирение ќе продолжи до Голгота и до Крстот. Мудреците од исток донесоа пред Богомладенецот дарови за Неговото раѓање. Злато – како на Цар, ливан (темјан) – како на Бог и смирна - како на Оној, Кој ќе вкуси смрт, за да ја победи смртта, а нам да ни дарува вечност со Него во Царството Небесно. Какви дарови ние денес треба да принесеме пред јаслите на Синот Човечки? Со кои дарови да се појавиме и да влеземе во радоста на денешното роденденско празнување? На кои дарови најмногу ќе се израдува Детето во јаслите? Драги браќа и сестри, најдрагоцени дарови пред Христа се нашите гревови. Пред Него да ги принесеме нашите гревови со длабоко покајание и срдечна молитва. Гревот е пречка за наше соединување со Бога. Да се избориме секој со своите слабости и гревови, да го очистуваме нашето срце и во него да отвориме место во кое ќе се всели Богомладенецот. Видовме дека Бог не бара царски палати во кои ќе влезе и ќе се насели. Доволно е да се поедноставиме себеси и своето срце како витлеемската пештера. Да ги ослободиме нашите срца од копнежи по трулежното. Да го поедноставиме својот живот приклонети во пазувите на Црквата Божја. Црквата е Тело Христово. Црквата е жив богочовечки организам. Глава на Црквата е самиот Христос, а тело на Црквата е народот Божји. Бог, кој денес прима плот, во Црквата ни се дава Себеси и соединувајќи се, Он со нас и ние си Него, не спасува нас луѓето од гревот, смртта и ѓаволот. Благодатта на Светиот Дух, која се излева над верните преку Светите тајни и словото Божјо во светите евангелски поуки, не зајакнува да истраеме во напорите за достоинствен и добродетелен живот. Бог е љубов. Негувајќи ја љубовта кон Бога ја негуваме и љубовта и сочуствителноста кон нашите ближни. Пред Бога, сведоштво за нашето богољубие е големината на нашето човекољубие.
Верни чеда на Македонската православна црква,
Живееме во време на големи искушенија. Целиот свет е вознемирен од пандемијата која згаснува човечки животи, членови на нашите семејства, роднини и пријатели. Се молиме постојано за спасение на нивните души. Приморани сме да се придржуваме до одредени правила кои значително го изменија начинот на нашето живеење. Бог, премудро допушта потешкотии и искушенија меѓу луѓето за да добиеме време за ревизија на сопствената совест. Да застанеме и да се преиспитаме. Како се однесуваме помеѓу себе? Како се однесуваме кон своите најблиски, кон Црквата, кон луѓето и воопшто кон сѐ што нѐ опкружува, кон сѐ што постои како создание по Божја промисла. Дали посветуваме доволно внимание кон семејните вредности, воспитувањето на нашите деца кои се наша иднина, иднина на Црквата, на народот, на државата. Семејството е основна клетка на живиот црковен организам. Денес, на Божик, Бог се оприсутни во семејниот живот и затоа Божик е празник на семејството, семејната љубов и семејното почитување. Молитвено просиме пред јаслите на Богомладенецот да ја излие Божјата благодат и благослов за радост во секое македонско православно семејство, та тоа да стане мала црква, дом на молитва и благодарење пред Творецот. Да растат семејствата со повеќе рожби, кои со Божја помош ќе поминат преку сегашните и преку сите идни искушенија. Рожби, млади фиданки од древниот корен на библиска Македонија, кои ќе ја чуваат честа и белиот образ на нашите богобојазливи предци, нашите татковци, дедовци и прадедовци.
Браќа и сестри Македонци,
Сакам да Ве охрабрам, да не дозволите оваа Божикна радост да ја надвладее вознемиреноста од навредите и понижувањата што како Македонски народ ги трпиме во овој период, како од добрососедството така и од некои наши евровизионери. Ние сме Божји народ , засведочени во Книгата над книгите, во Светото писмо - Библијата. И во Стариот и во Новиот Завет, кој свој почеток има во денешното Божикно празнување. Македонија е земја со минато и историја која не престанува да ги бележи ни хероите, ни предавниците. Се пееле и ќе се пеат песни и за едните и за другите. Народе мој Македонски, македонскиот збор е нашето најсилно оружје, македонската песна е нашиот непокор и потсетник за нашата славна историја. Нашата древна Охридска архиепископија е мајка на својот Македонски народ од кој изнедрила и светители и просветители и чудотворци и маченици, наши молитвени застапници пред престолот на Света Троица. Бог е правдољубив и правдата ќе победи. Ние денес гледаме во јаслите со Богомладенецот, се радуваме и се поучуваме од Неговото смирение, се учиме од Неговото трпение и сѐ од Него да учиме оти на друг и не се надеваме. Новото лето Господово, во кое зачекоруваме, нека биде за победа над болестите што нѐ напаѓаат, како телесно така и духовно. Мудроста Божја да нѐ води во победи преку вистината за слава на Бога. Опстојот на Македонскиот народ е од Бога благословен, оти да бевме само човечка творба од нас не ќе останеше ниту прашинка досега. Македонците и во татковината и оние кои се насекаде по светот се сведоци и апостоли на вечната вистина за Македонија. Нашата Македонска православна црква, нашата древна Охридска архиепископија е наша закрила и нѐ обединува по сите меридијани во светот. Да ја сакаме нашата Света црква, да ја негуваме љубовта помеѓу себе и да имаме добра волја ако сакаме да завладее мирот помеѓу нас Македонците. Да се помириме, да се обединиме и со Божја помош да истраеме и на денешните искушенија. Секоја генерација Македонци води своја битка за татковината и запишува страница во историјата на Македонија.
Возљубени мои духовни чеда,
Да се поклониме пред јаслите на Богомладенецот, да ги отвориме нашите срца за во нив да влезе Божјата благодат и светлина од предвечниот Бог. Да го следиме Него целиот наш живот за да не застраниме од патот кој нѐ води во Царството Небесно. Честит Божик, возљубени чеда на Македонската православна црква.
Христос се роди, навистина се роди! За многу години, амин! |
< Претходно | Следно > |
---|