За Литургијата на светиот апостол Јаков |
3.11.2020. | |
На почетокот, во апостолскиот период, кога немало храмови, верниците се собирале во приватни домови, навечер, по урнек на Тајната вечера, и откако ќе направеле „Вечери на Љубовта“ - Агапи, ја извршувале и првобитната Литургија, која се состоела од пеење псалми, благодарности, молитви, принесување на Леб и Вино, осветување и причестување. Значи, најпрво вечерале, па потоа се причестувале. Подоцна, поради злоупотреби на тие вечери, а и поради гонењата, Литургијата била служена рано наутро, пред изгрејсонце, а навечер биле тие вечери на љубовта. По истиот тој концепт секоја црква си имала некој свој тип на Литургија, со свои молитви. Прва напишана Литургија се смета Литургијата на светиот апостол Јаков, брат Господов, и таа е многу долга, со многу молитви. Нејзиниот првичен облик не го знаеме, но сигурно била по истиот концепт: молитви, благодарење, принесување, осветување и причестување. Подоцна оваа Литургија била збогатувана, како и другите Литургии. Во IV век, кога настанува слобода за христијанството, се организира духовниот живот, и во црквата масовно навлегуваат нови луѓе, а со нивното доаѓање навлегува и комформизмот во црквите. Па така, новите верници не можеле долго да стојат, се жалеле, или отсуствувале, па затоа свети Василиј решил да ги собере сите тогаш познати литургиски молитви и да ги стави во еден чин. Ја зел Литургијата на свети Јаков како пример, нешто додал, нешто скратил, и направил еден пократок тип на Литургија, која до ден денес се користи во Православните цркви 10 пати во годината. Во тој период и свети Јован Златоуст се зафаќа со сличен зафат, па и тој прави уште поскратена верзија на Литургијата на свети Јаков и на свети Василиј, и таа Златоустова Литургија денес ја служиме во сите православни храмови, секоја недела и на секој празник. Во денешно време Православната црква ги служи литургиските чинови на свети Јаков двапати во годината, на Јован Златоуст, на свети Василиј Велики (десет пати во годината) и на свети Григориј Двоеслов (вечерно причестување кое се извршува во работните денови од Великиот пост). Но, во древната црква не биле само овие чинови, туку имало многу повеќе. Основа на сите Литургии е Тајната вечера, па Литургијата од Дидахи, од Апостолските установи, од делата на светите отци, од разни молитвослови, а врз чинот на Литургијата свое влијание оставиле и националните обележја. Па така, сѐ до поделбата на Источна и Западна црква, насекаде се служеле разни Литургии. Со отцепувањето на одредени народи, или на одредени православни групи, сите овие си задржале некоја своја Литургија или си формирале некој свој чин. Во основа сите се слични помеѓу себе, имаат ист концепт, само се разликуваат во редоследот и бројот на молитви. Од почетокот на христијанството па сѐ до IX век Јакововата Литургија се служела на повеќе места: Палестина, Антиохија, Кипар, Јужна Италија, Синај. Нејзината длабочина и подвижнички карактер нѐ води кон времињата на првите маченици и апостолски наследници. Од IX век веќе била заменета од Златоустовата и Василиевата Литургија, кои имале посвечен, царско-византиски карактер, својствени за царскиот град - Цариград. Оваа Литургија влегува повторно во богослужбената пракса во XIX век, а кај словенските цркви била преведена на црковнословенски јазик од страна на Руската Задгранична црква во 1938 година, и оттогаш ја преземаат сите други словенски православни цркви. Денес се служи речиси во сите Помесни цркви, главно поради образовни цели, за потребите на богословските образовни институции. Во оваа Литургија концептот е ист како и во другите. Имаме читања од Стариот завет, апостол и Евангелие, мал и голем вход, принесување, осветување на даровите, причестување и благодарење. Оваа Литургија за првпат ќе ја служиме на 5 ноември, за празникот на свети Јаков, па затоа, ги повикуваме сите богољубиви православни христијани, да дојдат и да учествуваат во оваа древна Литургија и со духот да се пренесеме во тие времиња, на просто и едноставно богослужење. Литургијата ќе биде отслужена во храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, со почеток во 08.00 часот. |
< Претходно | Следно > |
---|