Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед - протоереј Борислав Бобевски
Проповед - протоереј Борислав Бобевски
22.09.2020.

проповед произнесена во храмот

„Свети Кирил и Методиј“ во Велес

20.09. 2020 Лето Господово

НЕДЕЛА ПЕТНАЕСЕТТА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, АМИН!

            Браќа и сестри, денес е денот кога според Евангелското четиво треба сите ние да се запрашаме: „Дали можеме повикот Божји на љубов да го наречеме заповед и дали може воопшто љубовта да биде заповедана? Во денешното Свето Евангелие - Евангелието на љубовта како што се нарекува, слушнавме за една случка, за уште една поука од животот на нашиот Спасител.

            Како што сите знаеме Господ уште во Стариот Завет на две таблици на планината Синај му ги врачил напишани десет заповеди на Мојсеја. Но, според преданието е исто така познато дека во истиот тој Стар Завет, постоеле некаде околу 400 запишани Божји заповеди и сите тие заповеди биле во одречна форма: не прави ова, не прави она, не оди таму...  Дури и оние заповеди кои му се дадени на Мојсеја, говорат за она што не треба ние да го правиме? Тоа воопшто не треба да не чуди драги мои, затоа што Евреите како богоизбран народ живееле во едно духовно гето. Живееле како една енклава Божја, како богоизбран народ, кој бил опкружен со незнабожци и кој народ исто така бил склон кон гревовност, па затоа и биле потребни заповеди од Бога, да бидат нивни патокази низ животот, зашто сите околу нив биле идолопоклонци и ги обожувале тварите а не Творецот. Со директна интервенција од Бога тие успевале и напредувале во верата, па така биле усмерувани да одат по вистинскиот пат.

            Првите четири заповеди од овие богонапишаните, биле насочени кон тоа што треба да правиме за да не се огрешиме пред Бога, а останатите шест заповеди за тоа што треба да правиме за да не се огрешиме кон своите ближни. Меѓутоа, противниците Божји, кои ги имало и тогаш, а и денес постојат, катадневно и секоја недела можеме да слушнеме што се не правеле, а можеме и со очи денес да видиме што се не прават, само да го искушуваат Господа и да Го доведат во ситуација во која ќе можат да Го обвинат за кршење на старозаветните закони и форми, па и на овие денешниве „посовршени и проевропски“ нормативи, со кои наводно се коси нашето заостанато православие.

            Отсекогаш било така, оној кој што го нема законот Божји во себе, оној кој што не живее според заповедите Божји и нема морал во себе, секогаш се држи до надворешноста, до формата. Колку денови сме постеле пред причеста, дали сме кажале некој збор, дали сме се исповедале, притоа од светата тајна Покајание правејќи форма наречена исповед. Има разлика помеѓу вистинско покајание и фомална исповед? И така одејќи по патеките на формата, некаде попат ќе ја загубиме вистинската смисла и содржина на нашето живеење. Да се запрашаме: дали и ние Македонците како богоизбран и библиски народ (исто како Израилците, кои беа при Бога па отпаднаа) ќе се занесуваме во таа форма и формално ќе пристапиме кон повикот на љубовта Божја, или пак конечно како народ Божји ќе почнеме да се бориме за таа љубов, за повторно да ја заслужиме, ама онака вистински. Затоа што ако е Бог со нас, кој ќе е против нас, кој?

            Еве го и денешниот пример на еден лицемер, кој приоѓа пред Христа и му вели: „Учителе, која е најголемата заповед во Законот? А Господ упатувајќи го назад на основата на секоја заповед Му вели: Возљуби го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум ... А и втората е слична на оваа: Возљуби го ближниот свој, како што се сакаш самиот себе си ... И притоа додава: на овие две заповеди се потпира сиот Закон и Пророците (Невиим и Кетувим).

Во љубовта, драги браќа и сестри, лежи сиот клуч на нашата вера и нашиот животен успех. Ако сакаме да говориме за Бога, не можеме да го споредиме со ништо од овој свет, ако сакаме со зборови да го опишеме, ќе кажеме дека Он е Добрина, Совршенство, Неискажлива длабочина; Неизмерлива височина, но нема зборови што можат да го опишат Бога и Неговата љубов кон човекот, па затоа и велиме дека Бог е Љубов. Ако сакаме да го насликаме, најблизу преку иконата ќе се доближиме до Неговиот Лик (давајќи Му притоа човечки особини), но пак ќе речам нема таква икона или фреска, која ќе ја престави таа блажина на Неговиот светол лик, нема, не постои. Затоа и оние кои немаат љубов во себе не можат и да знаат за Бога и не можат да Го запознаат Бога. Бог толку го возљубил овој свет, што и Единородниот Свој Син го даде за овој свет, та секој што ќе поверува во Него да не загине, туку да има живот вечен, ете така не учи највозљубениот ученик Христов - Јован Богословот. Нашиот Бог со пример ни покажа колку го љуби овој свет, кога доброволно ги рашири рацете на Крстот и го зеде на Себе гревот на сиот свет. Тој својата љубов ја потврди со своето доаѓање во светот, со својата крсна смрт, пред која, како што ни сведочи Богословот се молеше усрдно на својот Отец: „Оче, не се молам за сиот свет, се молам за оние, кои Ти ми ги даде. Како што сме Јас и Ти едно во љубовта, подај им и тие да бидат едно со Нас... Па според таа љубов да ги познаат сите дека се Твои, Божји ученици“.

 Како мајката, кое силно го љуби своето чедо, така од нас се бара како чеда Негови природно да Му возвратиме на нашиот родител со таква, вистинска љубов. А ние денес, толку сме далеку и толку сме отпаднати од Бога и од таа Божјата љубов, што се доведовме во една духовна кома, та не приликуваме на ништо друго драги мои, туку на лешеви, на луѓе, кои чекаат да дојде денот на нивниот покој. Таа промена не е од сега, туку од гревопадот па следствено до денешниот ден, па затоа и нашите денешни чувства кон Бога се такви какви што се, ќе речам причинско - последнични или со модерен јазик кажано „бизнис - односи“. Дај ми, за да ти дадам... Простете, но таа е вистината што треба да се говори од овој амвон ....

            Љубовта е таа, која ги оживува сите пори на овој свет. Секоја билка, секоја капка вода, секој лист на гранката, секоја наша воздишка, сето тоа е исполнето со Божјата љубов. Се околу нас си направил Премудро, Господи (така му пееме на секоја вечерна богослужба). Таа негова промисла за се што створил и таа негова грижа која ја пројавува кон се што постои, а особено за круната на своето творение - човекот, нам треба да ни биде патоказот по кој треба да се движиме во нашите животи. Светиот апостол Павле во химната своја за љубовта нема ли да надополни: „таа е онаа која во се верува, на се се надева, се претрпува, се исполнува“, или пак „ако имам толку силна вера што и планини да преместувам, ако љубов немам, тогаш ништо не сум...

Таа Божја љубов, која ние во Црквата ја нарекуваме БЛАГО - ДАТ (во слободен превод: скапоценост дадена на дар) и денес кога Архиерејот ја читаше молитвата со полагање на рацете врз новоракоположениот свештеник ни повтори нам за да не зацврсти во неа, дека таа - благодатта е онаа која ги пополнува нашите човечки слабости и недостатоци, таа е онаа која ги лекува немоќните и ги зацврстува крепките во своето дело, или со други зборови да се предадеме сите на Божјата љубов и ќе ја примиме благодатта, која ќе го раководи вистински нашиот живот.

Затоа и денес, преку Евангелското четиво Бог ни ја испраќа таа заповед: Имајте љубов кон Бога и кон ближниот свој. Зашто, како што ни вели Богословот: лажливец е оној кој што вели Го сакам Бога, а на ближниот свој му прави зло. Како ќе го сакаш Бога, Кој не си го видел, а ближниот свој, кој што го гледаш постојано, не го ни препознаваш и му правиш зло? И самиот Христос ни посочува: Ако сте направиле добрина на најмалиот помеѓу вас, како Мене да сте ми ја направиле.

Денес, драги браќа и сестри, најповеќе од било кога е злоупотребен тој збор, зборот ЉУБОВ. Постојат пет форми на тој збор, љубовта кон Бога (онаа најсовршената), потоа љубовта на сопружниците еден кон друг, љубовта на родителите кон децата, љубовта кон нашите ближни, и на крај онаа испоганетата - љубовта кон страстите. Европа, кон која ние се стремиме, Европа, на која ние се поклонуваме, се обидува да ја исфрли оваа првата-најсовршената заповед за Богољубие и да може после слободно да зборува само за некакво „човекољубие“. Човекољубие, во кое сопружниците ќе се од исти пол, човекољубие во кое ќе имаме родител еден и родител два, човекољубие во кое едни и понатаму во 21 от век ќе се угнетувани, а другите кои се послушни на овие искривоколчени вистини ќе се величаат? Кои се тие мерила по кои денес се мери вредноста на некој народ, на некоја нација? Каде тоа ние залутавме, драги мои, во кој ќорсокак? Прашања се едноставни, а и одговорот заедно со нив.

 Дозволиме ли да ни ја пресечат папочната врска со нашиот Бог на љубовта и со нашата црква, тогаш ќе бидеме само бакар што ѕвони или кимвали што звечат, празни варосани гробови кои однадвор ќе изгледаат прекрасно, а внатре ќе се полни со трулежност и со коски. Таков духовен пустош ни сервираат и жално е што мноштвото од овој богољубив народ тоа го прима за нормално, за неминовно, за неопходно. Многу често ќе слушнеме дека нема друг пат за нас освен кон Европа? Има ли, имало ли, и ако погледнеме назад низ вековите ќе сретнеме ли такво нешто? „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ - вели Господ ... Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од овој свет и нека Ме последува. Да не кажеме после дека не сме знаеле, да не кажеме после дека не сме слушнале. Ќе немаме изговори за нашата инертност и слабодушност кон се што доаѓа и слепо го присвојуваме за наша традиција и за наше секојдневие, притоа откажувајќи се од она за кое гинеа нашите дедовци и прадедовци. Изборот е јасен и не може да му се служи и на Бога и на мамона, не можеме да имаме двајца господари.

Затоа, драги браќа и сестри, да го земеме тоа оружје Божјо, да се отповикаме на љубовта Божја и со подвигот кој ни го препорачува Црквата, да влеземе сите во радоста на Својот Господар, па така возљубени еден со друг да станеме дел од оној вистинскиот Нов богоизбран Израил, дел од тоа царско свештенство, кое ќе царува во Царството небесно. Таму, каде што нашиот Спасител ни вети она што око не видело, она што уво не слушнало, ниту човечкиот ум може да го замисли.

Нека Семилостивиот Бог по молитвите на светителите кои денес ги почитуваме и славиме и по молитвите на сите светии од овој наш македонски род, ни дарува мудрост, сила и ум да се вратиме на тој пат Божји и да не лутаме како незнабожците, тука како вистински народ Божји се вратиме на вистинскиот пат и така се зачуваме чекорејќи заради вистината и правдата низ сите векови, АМИН!

проповедал: протоереј Борислав Бобевски

 
< Претходно   Следно >