По повод јавниот апел на г-дин Трифун Костовски |
1.09.2020. | |
Почитувани,
По повод најновите случувања со одземањето на лиценцата за работа на Еуростандард банка, вознемирени од сите негативни ефекти по многубројни наши граѓани кои беа зафатени со таквиот развој на настаните, како и сочувствителни и поттикнати од јавниот повик на сопственикот на Банката, г-дин Трифун Костовски до сите „политички партии, институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка“, за да се спречи стечајната постапка на Еуростандард банка, ние безрезервно ја изразуваме Нашата поддршка кон Него. Имено Нашата поддршка кон јавниот апел ја даваме без никакво двоумење бидејќи станува збор за човек кој со своите богоугодни дела многупати се утврдил и вградил во Црквата Христова, односно неколебливо ја демонстрирал својата постојана љубов кон Светата православна вера и покажал ревност кон Божјиот храм и неговото благолепие. Г-дин Трифун Костовски во 2002-та година беше донатор за целосната обнова на Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, а во градот Велес, како епископско седиште, беше донатор и на создавање на многу други општествено-културни знаменитости, како и зачувување и обнова на постојните. За овој човек можеме да посведочиме и за многу други богоугодни дела. Тој е ктитор и беше главен двигател на изградбата на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје, потоа обновата на конакот Долни Палат во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, реновирањето на катедралниот храм на Охридската Архиепископија „Св. Софија“ во Охрид, црквата „Св. Трифун“ во с. Кучково, храмот на Светите Петар и Павле во с. Јурумлери, „Св. Климент и Св. Петка“ во Штип, храмот на Света Петка во с. Галичник и многу други. Овие дела се само еден дел од целокупната филантропска дејност на г-дин Костовски кои ги направил за својата Македонска православна црква и за својата земја Македонија. Македонската јавност е запозната и со многу други негови хуманитарни подвизи. Почнувајќи од спортската, културната, социјалната, па се до здравствената димензија на неговата дејност. Во овие тешки моменти за г-дин Костовски, ние ја искажуваме својата благодарност до него за сите богољубиви дела, се молиме Бог да ги услиша неговите молитви и упатуваме апел до надлежните институции за спречување на стечајната постапка и понатамошно нормално функционирање на оваа Банка, со што добробит ќе имаат многумина наши сограѓани, кои сега се соочуваат со голема вознемиреност и стрес од егзистенционална неизвесност, во услови кога веќе се соочуваме и со пандемијата. Митрополит Повардарски + Г. Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|