Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Обраќање на Митрополитот Агатангел
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 

 
Обраќање на Митрополитот Агатангел
26.03.2020.

 

Sample Image

 

На 25. 03. 2020 година, ден среда, беше планирано да се одржат литии по улиците низ градовите во Повардарската епархија, на кои што свештениците во први редови „наоружани“ со своето оружје (икони, темјан, свети мошти, света вода) требаше да го поведат својот верен македонски народ, да го осветат градот, и да принесат заедничка молитва кон животворната Света Троица-Господ Бог, за здравје на македонскиот народ и за покосување на оваа страшна заразна болест.

Во меѓувреме, додека течеа подготовките за овие Литии, состојбата со заразата ескалираше, по што Владата донесе мерки со кои се забрануваат масовни собири. Па така, бидејќи не сме неразумни, се прибегна кон друго решение, кое е пракса при вакви вонредни состојби и во други држави и помесни Православни цркви, овој чин свештенството да го отслужи во движење, со помош на возила.

Литиите не беа претходно најавени, па нивното отпочнување наиде на вчудовидување на луѓето кои беа на улиците во тие моменти. Некои стоеја, се прекрстуваа, и се доближуваа до возилото, кое се движеше со мала брзина, за да бидат попрскани со света вода, други стоеја немо и посматраа, додека трeти брзаа да снимат видеа со своите мобилни телефони.

Литиите во движење во градовите Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Богданци траеја неполн час и Црквата со нив ја исполни својата светотаинствена мисија, принесувајќи непрестајни молитви кон светиите за спасение на своето патство, за која патем речено, ниту треба некого да праша, ниту треба да прави компромис со неа.

Она кое ме потикна да го напишам овој текст, е блуењето на омраза, исмевањето, навредите кои се случија по завршувањето на Литиите. Најнапред целата ситуација ескалираше на социјалните мрежи, каде нема никакво ограничување на изразувањето, такашто поединци си дозволуваа секакви навредливи зборови кон свештениците кои беа во возилото.

Па, сакав да ги прашам тие луѓе, дали нив нешто им згрешија тие свештеници, ако им згрешија што е тоа? Дали ги познавате лично тие луѓе? Дали ги познавате нивите семејства? Дали со чинот на исмевање на Црквата и свештениците правите добро? Дали сте добри луѓе и ако не сте дали сакате да бидете? Дали вие направивте нешто добро во Вашиот живот? Дали помогнавте некому? Дали се помоливте за некого? Дали?

Душите си ги испоганивте луѓе. И притоа велите јас во Бог верувам, но во свештеник не. Не знам дали кога го велите ова, секако напразно, размислувате за нелогичната поврзаност на целата реченица.

На комбето во Велес беа свештениците Ристе, Јани, Игор, Драги Борче и Борис. Внатре во комбето беа ѓаконите Васил и Бобан.

Навредувајќи го Ристе, Јани, Игор и останатите, не само што се дрзнувате да ја навредите Црквата и да го повредите Телото Христово, туку во световни услови, несвесно ги навредувате и нивните фамилии, но ги навредувате и нивните духовни чеда кои не се малку и кои работат најразлични професии со кои сте секојдневно во контакт, како доктори, полицајци, продавачи, административци, професори, медицински сестри, Ваши клиенти, Ваши пријатели, Ваши роднини. Па се навредувате дури и самите себеси, затоа што голем дел од овие свештеници се и Ваши пријатели.

Дали кога со полни гради блуевте, дали размисливте дека и на сите погореспоменати им влепивте шамар. Tакви попови беа и свети Никола кого го слави скоро цел Велес, и свети Кирил и Методиј, и свети Климент и Наум. Навредувајќи го клирот ги наредувате и нивните претходници. Да живееше и свети Никола во денешно време, веројатно и тој ќе беше исправен пред судот на велешката „авангарда“... Ама ако не беа тие денес ќе зборувавме на некој друг јазик. Ќе имавме и поинаков идентитет.

Црквата не е само свештенството, Црквата е мноштво народ, колку и да Ви изгледа тоа несфатливо. Црквата сте и вие кои ковате клинци во Нејзиното тело. Црквата е Тело Христово и нејзината мисија ќе живее векови и векови од сега, а ние ќе го избуткаме некако Нашиот престој овде на Земјата, но дали ќе го напуштиме овој свет со чист образ е прашање кое ме мачи...

Свештенството се наследници на апостолите. Со оваа Литија Го молевме лекарот над лекарите, Нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој ги испраќа ги апостолите да го шират Христовото учење низ светот  и ги поучува со зборовите „Кој ве прима Вас, ме прима и Мене, а кој не верува во Вас, не верува во Бога“.

Бог да ја сочува светата Македонска земја и целиот Негов создаден свет, а уште еднаш би ја искористил оваа прилика да изразам голема благодарност кон лекарите, кон сите членови на светската здравствена организација, како и кон нашето министерство на здравство, а особена почит кон министерот Венко Филипче за неговата грижа и залагање во овие тешки моменти за целиот Македонски народ.

Митрополит Повардарски

г. Агатангел

 
< Претходно   Следно >