Проповед на празникот на св. Агатангел Битолски |
12.03.2020. | |
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ АМИН! Иако за време на Великиот пост луѓето се придржуваат до некои повеќе или помалку строги правила, би рекол дека во тој период од верниците не се бара ништо особено, или ништо што не се бара во преостанатите денови од годината. Ние постиме, се молиме, даваме милостиња, учествуваме на богослужбите. Но, сето ова го правиме почесто и позасилено за време на Великиот Пост. Како подготовка за Пасхата, празникот на празниците, сите овие добродетели нè водат подлабоко во длабочината и сржта на Православната вера. Денес, на многу христијани аскетизмот им се чини далечен. Малку се христијаните кои постат, а самиот пост е одамна избришан од преданието на претходните генерации. Нашиот вистински идентитет и нашите умови се преродуваат токму во прифаќањето на Крстот Христов, во празнењето на себе си пред Бога и пред ближните. Не можеме да гледаме во себе си како би се пронашле вистински. „Оти, оној кој сака да го зачува својот живот, ќе го изгуби“.Постот, како и сите Евангелски нешта, е чин на љубовта. Тоа е така, затоа што постот е вежбање на жртвувањето на себе си. Одрекувајќи се себе си во така мали нешта како што е воздржувањето од различна храна и пијалоци, учиме да се одречеме од себе си во многу поголеми нешта, како гордоста и гневот, себељубието и зависта. По Божјата милост таквите напори ни се даруваат во ликот Христов – Кој Самиот го започна Неговото спасително дело постејќи 40 дни, од љубов кон нас. Монаштвото на многумина им делува далечно и неприфатливо. А уште подалечно им изгледа подвигот на мачеништво. Мачеништвото како подвиг секогаш е поврзано со страднието, но страдание од љубов заради Христос. Во таа смисла е и страданието за братот до нас, единствено само заради љубов. Тоа се бара од нас да биде сострадални со нашите ближни кои страдаат. Постот како подвиг е срадство кој на духовниот подвиг е една голема помош. Постењето е дело на постојано покајание – правилниот став на христијанското срце. Покајанието не е единечна акција која се прави откако некој погрешил – покајанието е состојба на срцето, состојба на скрушеност и смирение. „Срце скрушено и смирено Бог нема да презре“ Во голема мера ова е и целта на христијанскиот начин на живеење – да се роди покајно срце. Царот Давид е наречен „човек според Божјото срце“, не затоа што во него не се нашол грев. Тој е „човек според Божјо срце“ затоа што кога се соочувал со својот грев – неговото срце бивало скрушено. Тој не се бранел, и не барал изговор. Св. ап. Павле ни го упатува овој совет: Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба, и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја. Ми се чини дека ниту еден друг цитат не успева да пренесе толку многу аспекти од нашиот великопосен живот. Нашите тела поставуваат „жива жртва“. Христовата жртва е икона за секого. Навистина е тешко да се понудат нашите тела како жива жртва. И тоа е многу повеќе од „еднократна“ жртва. Таква еднократна жртва на своето тело направи светиот маченик Агатангел Битолски. Еден од тие подвизи и еден од тие примери го имаме токму во ликот и делото на светиот маж христијанин. Најсветлиот лик и пример за нашиот архипастир кој го носи неговото свето име. Родум од Македонија, од овие простори од ова парче библиска земја како што е запишано во неговото свето житие. Да си споменеме за љубовта што ја покажал кон своите браќа христијани. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел со богомудри зборови пред турските власти се заложил насилното исламизирање на невините христијани на бајрам да запре. Светителот успел да најде милост пред иноверците и тие со ферман ја укинале таа дотогашна пракса. Но Бог за да ја прослави вистинската верност на својот ревнител им допуштил на неколку Агарјани да му се нафарлат и да го погубат. А светиот Агатангел чесно пострадал од нив и се закитил со маченички венец Христов. Нашето сведочење, нашите маки се неспоредливи во однос на трпението на свети Агатангел. Ние ги почитуваме мачениците, бидејќи преку нивните мачења и страдања, нам ни се јавува големата и спасителна сила Божја. Нивниот пример ни помага да разбереме како Бог го воздигнува човекот, како го прави силен и непобедлив. Мачениците за нас се херои на духот. Со смиреност ги приклонуваме нашите глави пред нив и се молиме нашите срца и ум да се отворат за средба со нив. Таков беше маченичкиот крст на светиот Агатангел Битолски. Не помало мачеништво во духот на христијанската љубов и жртва покажува нашиот архиереј во своите дела кога во согласност со својата неизмерна вера и безрезервна љубов, без штедење се предава целосно на сите. Со своите поуки и искуства првин нè поучува нас свештениците, Митрополит во кого го препознаваме ликот Христов и кој преку свој личен пример нè води кон еден свет и совршен Богочовечи организам преку кој се обавува светотаинството на љубовта. Цела епархија се возобновува како на духовен така и на матерјален план се изградија и осветија а и уште се градат многу цркви, се возобновуваат манастирски конаци се заживува монаштвото под негово духовно раководство. Со негов благослов се издава православна литература од чии извор верните пијат жива вода. Секој кој затропал на неговата врата бил примен со искрена и топла насмевка. Но такви дела може да се има само доколку се сведочи за Хрстос, доклку се живее Христос во себе. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Единствената негова цел е да не научи да заличиме на Бога и по делата да станеме достојни Христови војници. Зборувам за нешта кои сите ние ги имаме видено и ги гледаме секој ден во животот на нашиот владика, како тој ревносно се труди во добродетелите, како преку личен пример ни Го покажува Првообразот на нашиот Смирен Господ Исус Христос. Радоста наша е особено голема што сме едно, и што го сведочиме единството, на начин кој тоа единство, единствено го гледаме во Евхаристијата, во едната чаша, во Телото и Крвта Христови. Таквото единство е потврда на сета наша вера и надеж, и само тоа единство ќе остане и ќе трае. Сите ние како продолжена рака Христова, го молиме и просиме милост од светиот маченик Агатангел Битолски како најсветло кандило пред Престолот Божји постојано да се застапува за нашиот Архиереј да има крпко здравје, за Неговата од Бог поверена епархија и за сите нас негови духовни чеда! Амин! Свештеник Игор Пармачки |
< Претходно | Следно > |
---|