3.01.2020. |
П рославата на празникот на Богојавлението во Велес започна со Света Божествена Литургија во храмот „Свето Вознесение Христово“, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на целото свештенство од Велес. По завршувањето на Литургијата беше формирана литија до мало мовче од каде што се изврши осветувањето на водите на реката Вардар и беше фрлен чесниот и животворен крст во водите. Традиционално секоја година велешани масовно присуствуваат на осветувањето на водите и фрлањето на животворниот крст, а секоја година голем е бројот на оние коишто се фрлаат во студените води на реката Вардар за да го фатат крстот. Оваа година 72 млади луѓе влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот за здравје и спасение. Годинава, крстот го фати повторно Дејан Петрушев од Велес, кому ова му беше второ по ред фаќање на чесниот и животворен крст. Нему Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел му ја подари Библијата и златен крст, а десетина други спонзори му подарија други пригодни дарови. Покрај многубројниот народ, кој традиционално секоја година го следи осветувањето на водите, оваа година на чинот присуствуваше и заменик-министерот за економија г-дин Кире Колемишевски.
|