Божикно послание на Митрополит Агатангел |
2.01.2020. | |
† АГАТАНГЕЛ
по милоста Божја Митрополит Повардарски, до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на Македонската православна црква - Повардарска епархија, а по повод Рождеството Христово - Божик, испраќа мир и благослов од Бога,
Возљубени наши духовни чеда, Пред повеќе од две илјади години се случило нешто единствено и неповторливо. Бог, преку утробата на Пречистата Марија Дева, ни дојде во светот како човечко битие. Семоќниот Цар и Седржител, не посакал да се роди во раскошна и богата палата, туку во скромната и сиромашна Витлеемска пештера. Во скриената тишина на таа света ноќ се воплотил нашиот Господар, Кој преку Својата жртва го спасува и откупува секого на земјата. Со раѓањето на Спасителот, сè што постои добило нов облик и осмислување. Насилството е обесилено, темнината е обезвреднета, а моќта на гревот и смртта е погазена и засекогаш побиена. Ние, преку Словото, Кое стана човек, добивме удел во Бога и со право можеме да се нарекуваме деца Божји. Затоа оваа порака треба со радост да ја пренесуваме на сите луѓе. Спасителот нè испраќа кај сиромашните и кај оние кои страдаат, кај болните и напуштените, кај оние кои на сила се прогонувани и од неправдата изморени. Христос е кнезот на мирот, Он е добриот пастир, Кого, претходно пророците, илјадници години го предвестувале. Тие не со очите, а повеќе со своите срца ја гледале големата тајна, која пред нив се откривала. Преку нашите постапки нека биде повторно возродена и сеприсутна Божјата љубов и човекољубие. Нека се роди Христос внатре во нас, во нашите души, во нашите срца, нека се воплоти Христос во нашите мисли, во нашите дела, во нашите зборови. Нека засветли Неговата спасоносна светлина во секој дом, во секое семејство, во секое затскриено место во нашата татковина Македонија.
Драги браќа и сестри, Божик е празник на новиот живот кој повторно се раѓа и започнува. Божик е време на самоосознавање и себепреиспитување. Колку духовно пораснавме, колку добрини направивме, што се промени во нас и во нашиот живот во текот на претходната година? Ако сме помогнале барем на еден од нашите најмали браќа и сестри, ако не сме го повредиле својот ближен, тогаш добра и исполнета година сме поминале, тогаш Христос се родил во нашите срца, а ние од памук, волна и свила сме исткале повој и постела за Божествениот Младенец во нашите внатрешни духовни јасли. Преку Исусовото раѓање започна процесот на исцелување на нашиот свет. Тој процес не му е наметнат на човекот одозгора и насилно, напротив! Бог, во понизност како дете, одвнатре ја покрена промената во човечките срца. На Божјата свесност и убавина ѝ се дава можност да продре во човековата свест и овде засекогаш да го пронајде своето сигурно прибежиште. Целата смисла и сета духовна длабочина на Божик е проткаена во преобразување на погубната човечка несовесност и духовна затапеност. На Божик, секоја личност може во себе да ја прими Божјата совест, да ја гради и изградува Неговата љубов, да чекори по златните скалила кои водат во Домот на Отецот, во мирот и благосостојбата на вечниот живот. Овде се крие привлечната сила на денешниот празник. Бог, никогаш не бил толку близу на луѓето како во денешниот момент. Дојде Бог во овој свет сосема тивко и незабележливо, како мало дете беше упатен на помош од неговите благочестиви родители, а сепак, во исто време беше расположен и предаден на сите во овој свет, за нивно духовно воздигнување и вечно спасение.
Драги браќа и сестри, Самиот Бог ни проговара преку Своето Предвечно Слово. На еден преубав, поетичен и вонвременски начин, апостол Јован во воведот на своето Евангелие ни говори: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото“. Тоа Слово, за Кое зборува апостол Јован Богослов е предвечното Слово на Троичниот Бог, преку Кое, низ целата историја Бог разговарал со луѓето. Тоа е Словото, Кое говорело преку пророците и преку добрите дела на Светите оци. Тоа е Словото, Кое на денешен ден, пред нешто повеќе од 2000 години постана човек, преку Тоа Слово на мракот и темнината им се одзема силата, преку Тоа Слово се осветлува стварноста и се облагородува човековата личност. Христовото воплотување е раѓање на светлината во овој свет, која е посјајна од ѕвездата која ги довела Светите Мудреци до Витлеемската пештера. Денес, се раѓа светлоста на неизмерната Божја љубов спрема човекот. Вистинската светлина, која го просветлува секој човек, дојде во светот, светот преку Него постана, но светот не го позна. Ветениот Христос и Месија не дојде во светот како велик воин и војсководец, туку како Светлоносец, Кој ги осветлува стазите на човечките животи. Ни се приклони Господ како сигурен Сопатник, Кој ни го придржува тешкото бреме наталожено врз нашите срца. Христос нè оспособува за еден нов начин на разбирање на светот и човекот, преку Неговата светлина се гледаме онакви какви навистина сме, па усвојувајќи и живеејќи ја Неговата љубов го прегрнуваме секого со нашата топла прегратка. Христос, на Неговиот роденден ни се дарува Самиот Себе, а ние Му го подаваме највредното што го имаме, а тоа се нашите отворени и радосни срца. Се молиме денеска од нашите длабочини, нека останат нашите срца такви какви денес на овој празник ги донесовме пред Господа. Нашиот новороден Цар постојано нека нè осветлува со Својата спасоносна светлина, нека ни дарува мир и благослов за да можеме во среќа и благосостојба да ја шириме радосната вест за Божикното велелепие. Тајната на благодарноста нека се роди во нас, а преку нас нека се рашири во светот и во времето во кое живееме. Не бојте се мили наши духовни чеда! Христос безброј пати правел чуда, па невозможното станувало возможно. Така, и сега, во овие тешки моменти за нашата татковина Македонија, Он со Својата топла прегратка го закрилува македонскиот народ. Неправдата ќе биде исправена, злото ќе биде погазено, името македонско ќе живее вечно... Нека го крепи Бог нашиот дом, постојано нека биде присутен Божјиот мир во нашите семејства, нека бидат умножени и преумножени добрите дела на сите луѓе со добра волја во овој свет! „Господ е моја светлина и мое спасение, од кого ќе се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе се плашам?“ (Пс. 27, 1)
Христос се роди, навистина се роди! За многу години, амин! |
< Претходно | Следно > |
---|