Повик за сеноќно бдение |
28.11.2019. | |
![]()
„Бидете будни и молете сè, да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо“ (Мт. 26; 41) Преку овие зборови, нашиот Спасител Господ Исус Христос, најдиректно ни го покажа патот на внатрешната духовна борба, од која, преку телесна и духовна будност, ќе излеземе како духовни победници. И ние, денешните христијани, ќе треба да го следиме и усвоиме примерот на Господа Исуса Христа, Кој сеноќната молитва многупати ја практикуваше за време на Својата спасоносна мисија меѓу луѓето, а за што имаме бројни потврди во евангелските четива. Молитвата и постот се двете духовни крила на секој христијанин, со чија помош го возвишува и издигнува својот дух, лебдејќи виско над страстите и секојдневните слабости, кои, пак, со својата силна и разурнувачка моќ, оној што не внимава и не е буден, можат да го спуштат во пеколната подземност. Затоа, драги браќа и сестри, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, заедно со целото свештенство, Ве поканува и повикува да присуствувате на СЕНОЌНОТО БДЕНИЕ, кое на 31. 12. 2019 година со почеток во 23.00 часот, ќе се отслужи во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, каде соборно, како народ Божји, на нашиот Возглавител и Спасител Господ Исус Христос ќе Му ги принесеме најубавите и најскапоцени дарови од нашето срце.
|
< Претходно | Следно > |
---|