Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание - свети Лука Војно-Јасенецки
Sample Image
 
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 
Ново издание - свети Лука Војно-Јасенецки
1.11.2019.

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Христов Лекар и исцелител од последните времиња - Свети Лука Војно-Јасенецки“. Станува збор за едно прекрасно дело во кое се содржани житието на светителот, како и неговите пишани дела поуки и беседи кои се полезни за сите христијани. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на свештеник Игор Пармачки.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

 

Предговор на книгата „Христов Лекар и исцелител од последните времиња - Свети Лука Војно-Јасенецки“

Оваа книга е спицифична по својата содржина, а посебен и исклучителен е главниот лик, светиот Лука Кримски. По што е тој различен од сите други? Затоа што живеел во воени услови, се определил за една хумана дејност, а животот го насочил кон Бог и кон доживотно служење на Бога. Бил истовремено и лекар, и професор на медицина, научник, хирург, сопруг и татко, свештеник и епископ, автор на неколку медицински книги и на огромен број богословски проповеди. Во неговата личност се вкрстиле и соединиле науката и верата, и токму поради неговата вера поднесол ужасни страдања, затвори, измачувања, а поради неговата дејност и квалитет како лекар, бил понекогаш поштедуван. Живеел во време кога беснеела безбожната власт, биле рушени и затворани црквите и манастирите, се водела жестока кампања против клирот на Црквата, а згора на сѐ, и однатре Црквата била потресувана од внатрешните отпадници - „обновленците“, кои се труделе по секоја цена да го нарушат угледот на Црквата, а тие да ги заземат сите храмови.

Светиот Лука бил успешен лекар, се покажал дека е вистински специјалист за неговата област, кога оперирал тешки болести во мизерни услови, и многумина оздравувале благодарение на него. Можел да остане лекар цел живот, без да си го нарушува удобниот живот, но тој чувствувал повик од Бога за да Му служи и како свештеник и епископ. Се одликувал со строг карактер, висок морал, непопустливост, бескомпромисност, храброст и чесност. Уште како лекар се изборил со страста на среброљубието, па затоа цел живот живеел во скромност, во бедни услови, а сите пари кои ги имал ги давал на бедни семејства и се покажал како нов бесребреник на дваесеттиот век!

Во текот на неговото свештенослужење бил затворан и прогонуван повеќе пати, долги години поминал во изолација, измачување, лишување, а да ги искористел тие години во дејствување како лекар и научник, колку ли луѓе ќе биле спасени од смрт, колку ли голем напредок ќе имаше медицината, благодарение на овој богоугоден лекар-владика? Во неговите страдања се покажува сета беда на атеизмот, сета проклета пакост и декадентност, и ова богоборство на човештвото му донесе огромни страдања и ужаси. Голем дел од тие ужаси, како сведоштво за сите идни генерации, се запишани во оваа книга, како и во многу други со слична тематика.

Светиот Лука е блескав пример за сите нас. Секој во него може да пронајде нешто што ќе го допре до срцето. Восхитува со неговата духовна и морална цврстина, неговото натчовечко трпение, неговиот брилијантен ум, кој ги затнал нечестивите усти на безбожниците, неговата вера и побожност кога се молел пред секоја операција, неговата ревност за богослужење и проповед во време кога едвај имало останати цркви за служење.

Неговиот свет живот е показател дека светоста не е резервирана само за клирот и монаштвото, дека човек може и треба да биде свет во секоја професија, во секоја служба. Оној кој некогаш немаше каде глава да потслони, немаше каде да служи, немаше на кого да му проповеда, оној кој беше тепан и малтретиран дури и од своите пациенти, денес местото околу неговиот гроб и храм се претесни за да ги соберат сите верници, кои од сите страни на светот доаѓаат за да се поклонат пред неговите свети мошти, за да се помолат за нивно здравје и исцеление. Неговите молитви и благослов да бидат со сите оние кои го следат неговиот пример. Амин!

 Митрополит Повардарски

+Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >