Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow ПРОПОВЕД - отец Дарко Милев
ПРОПОВЕД - отец Дарко Милев
2.09.2019.

ПРИЗИВ  НА  СВЕТИОТ  ДУХ    11  СЕДМИЦА  ПО  ПЕДЕСЕТНИЦА

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваши Високопреосвештенства, почитувани отци и професори, драги ученици!

            По молитвите на св. Климент, и оваа година Бог благоволи да се собереме заедно во оваа света обител, каде едни од вас ќе го продолжат, а други ќе го започнат своето богословско образование. За едни ова е еден нов почеток на едно ново братство во Христа, а за други продолжение на една веќе вкоренета братска љубов, која верувајте дека ќе трае до крајот на вашиот живот. За тоа возрастување знаеме дека нема да се доволни само нашите лични усилија, а и помошта – благодатта на Светиот Дух, која единствено може да го отвори нашиот ум за воспримање на возвишените Божествени заповеди, за кое што нешто и денес посебно се молиме и упатуваме призив на почетокот од оваа учебна година, а која дарум можеме да ја добиеме само преку молитвата, доколку просиме со чисто срце. „Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата Ваши, Кој вика: Ава Оче!“ (Гал. 4, 6).

            Возљубени, денешното Евангелие, по Божја промисла од една страна нѐ поучи за тоа, каков треба да биде нашиот однос кон ближниот, кога тој е раководен од љубовта и смирението (кои само и единствено можат да дадат плод), и од друга страна, каков не треба да биде, кога се раководиме според гордоста, суетата, користољубието, омразата, и секој еден грев кој го помрачува нашиот разум и не дозволува љубовта Божја да продре во нашето срце, и да го засакаме нашиот ближен па дури и повеќе од себе си – како што Христос заповеда. Ап. Павле вели: „Ако љубов немам, ништо не сум“ (1 Кор. 13, 2). Понекогаш, само еден наш покајнички восклик е доволен, за нашиот Цар – Бог, да разреши па дури и десетици илјади наши гревови, и со тоа да ги „расчисиме нашите сметки“ со Бога. Зарем разбојникот на крстот не ги расчити своитесметки“ со Бога со само еден покајнички восклик кон Господа на крстот, врз база на кој, Бог му рече дека уште денес ќе биде со Него во Царството небесно? (сп. Лк. 23, 43)

            Возљубени, Бог стана чевек, за човекот да стане бог по благодат! Бог стана човек, не само за да ни го каже спасението, но и за да ни го покаже! Он стана вистински човек, за да немаме изговор за нашето неверие – дека спасението е недостижно за нашите човечки сили и усилија! Затоа доколку навистина сакаме да се нарекуваме христијани, треба на Христа да се угледуваме, а идеалот кој Христос ни го зададе е да бидеме „совршени како што е совршен нашиот Отец небесен!“ (Мт. 5, 48). Токму тоа е совршенството кон кое треба да се стремиме, без разлика колку и да ни изгледа недостижно. Сепак, не треба да забораваме дека сме повикани кон една подобност по благодат, а не по природа кон Бога. Имајќи го во предвид овој идеал, кој за нас воедно е и цел, да си го поставиме прашањето: дали еден наш покајнички исказ е доволен за нашето спасение, или покајанието завршува заедно со нашиот земен живот? Во суштина, знаеме дека доколку покајанието не врши примена на нашиот ум, т.е. на целото наше битие, тоа веќе не е покајание, а лицемерие. А можеме ли да бидеме лицемерни пред Бога? – Да можеме, се разбира, Бог ни дал слободна волја и за тоа, но треба да разбереме дека тоа наше лицемерие не можеме да го криеме пред Бога, како што тоа го правиме пред луѓето! Тоа наше лицемерие, според божественото предзнаење ќе биде препознаено од Бога уште пред да сме го направиле!

            Љубовта кон Бога, возљубени, ја манифестираме преку љубовта кон нашиот ближен како богообразно создание. Да се подцетиме на Христовите зборови: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (Мт. 25, 40), а ап. Павле вели: „љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова“ (2Кор. 5, 14). Поучени од Светото писмо, не можеме да тврдиме дека сме го возљубиле Бога, кого не сме го виделе, доколку не го возљубиме нашиот ближен кого го гледаме, и знаеме дека е богообразно битие, а доколку таа љубов ја поистоветуваме со Бога, тогаш таа не може да има и да познава граници! Љубовта е во суштината на целото новозаветно откровение! Да се сакаме еден со друг, онака како што Бог нѐ возљуби,затоа што само така ќе бидеме распознаени од светот дека сме Негови ученици (сп. Јн. 13, 34-35). Онаму каде што ја нема Божествената љубов, нема место ни за божествената благодат. Оној кој не сака да му го прости на својот брат ни најмалото согрешение кога тој бара прошка од нас, не може да очекува од Бога прошка за согрешенијата кои се бескрајно поголеми доколку размислиме дека не на човек, а на Бога сме му ги направиле од Кого никогаш ништо лошо не сме виделе.

            Во денешново Евангелско четиво, а и во многу други низ Светото писмо, нашиот Бог е прикажан, не само како милостив Бог, но и како праведен Судија, Кој во зависност од тоа како ќе го завршиме нашиот земен подвиг, на „секому ќе му даде според своите дела“ (Рим. 2, 6). Тој ќе биде Оној, Кој ќе ја награди нашата душа, но и Кој ќе ја предаде на мачителите, доколку тоа сме го заслужиле. Тој факт, не треба да биде причина за појава на еден страв во нас, а напротив, да предизвикува еден уште поголем љубовен порив кон Бога и нашиот ближен, зашто сите знаеме каква ќе биде и наградата заради таа наша промена, заради тоа наше преумување. Онаму каде што царува љубовта, каде што таа ги исполнува порите на човечкото битие, таму нема место за страв, затоа што дури тогаш знаеме дека Бог е со нас. Љубовта е нашето најсилно оружје против демоните. Затоа наши најмили, што и да се случува помеѓу вас во деновите кои предстојат, простувајте си и простувајте ни еден на друг, затоа што само така ќе можеме да постанеме нови луѓе – нова твар, која ќе биде способна во себе да прими божествената благодат, која обновува, просветува и осветува. Само така ќе можеме во секој наш ближен да ја гледаме и да ја обновиме повредената Божја икона, која постанала таква од нашата злоба и негрижа. Постапувајте со вашите ближни онака како што сакате и Бог да постапува со вас, за да бидеме достојни да се наречеме Негови синови, наследници на Царството небесно и достојни светиклиментови следбеници! На многаја и благаја лета – Амин!!!

МПБ „Св. Климент Охридски“                                                                                                                                                                               Подготвил:

Скопје, 01. 09. 2019г.                                                                                                                                                                                        о. Дарко Милев

 

 

 
Следно >