Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
За Постот
7.03.2008.

Како што децата на Израел го јаделе „лебот на бедата” (Второзаконие 16:3) како подготовка за Пасхата, така христијаните се подготвуваат себеси за дочек на Новата Пасха со одржување на пост. Но што се подразбира под овој термин „пост”?  Тука е потребно најголемо внимание, како и да се чува соодветна рамнотежа помеѓу надворешноста и внатрешноста. На надворешно ниво постот подразбира физичка апстиненција од храна и пијалак, и без таква строга апстиненција, полниот и вистинскиот пост не може да се одржи; сепак правилата за јадење и пиење никогаш не смеат да се третираат како крајни правила, зашто покајничкото постење секогаш има и внатрешен и скриен аспект. Човекот е единство меѓу телото и душата, „живо создание оформено со видлив и невидлив карактер,” и затоа нашето покајничко постење треба да ги инволвира двата вакви аспекта, истовремено. Тенденцијата на нагласените надворешни правила за храната на легалистичен начин, и спротивната тенденција да се искоренат овие правила како позастарени и непотребни, и двете се како грижа на совеста, како да се изневерила вистинската Православност. Во двата случаи, соодветната рамнотежа помеѓу надворешниот и внатрешниот аспект е ослабена.

                Втората тенденција несомнено преовладува во денешно време, посебно на Западот. Сѐ до XIV век, повеќето западни христијани, заедно со нивните браќа од Православниот Исток, апстинирале во Великиот Пост не само од месо, туку и од продукти од животни, како што се јајцата, млекото, путерот и сирењето. И на Истокот и на Западот, постењето во Великиот Пост барало строга физичка упорност. Но во Западното христијанство, во изминативе пет века, физичките критериуми на Постот биле видно намалени, така што денес тие се помалку од симболични. Некои се прашуваат, колкумина од оние кои блажат на Поклади се свесни за вистинските причини на овој обичај - да се искористат сите останати јајца и путер пред да започне Великиот Пост?   Како што е изложено во западниот секуларизам, православниот свет во денешно време исто така почнува да ја следи истата патека на непретпазливост.

                Една причина за ова намалување во постот, сигурно е еретичкиот став за човековата природа, грешен „спиритуализам” кој го одбива или игнорира телото, гледајќи го човекот единствено во условите на неговиот рационален ум. Како резултат на ова, многу современи христијани ја изгубија вистинската визија за човекот како целосно единство на видливото и невидливото; тие ја запоставуваат позитивната улога која ја игра телото во духовниот живот, заборавајќи го тврдењето на Св. ап. Павле: „Вашето тело е храм на Светиот Дух...затоа прославете Го Бога во своите тела”(1.Коринт. 6:19,20). Друга причина за намалувањето во постот кај Православните, е аргументот дека традиционалните правила не се повеќе можни денес. Овие правила претпоставуваат постоење на затворено, организирано, неплуралистичко христијанско општество, следејќи го земјоделскиот начин на живот, што сега е јасно - мината работа. Многу од ова е вистина. Но потребно е да се каже и дека постењето, како традиционална практика во Црквата, секогаш било тешко и секогаш било со мака. Многу од нашите современици се решаваат да постат од здравствени или естетски причини, во надеж да изгубат некој грам; зарем не можеме ние христијаните да направиме толку за доброто на Царството Небесно? Зошто самоодрекувањето, кое било толку добро примено од претходните православни генерации, покажува толку недодржлив товар за нивните наследници денес?  Еднаш го прашале св. Серафим Саровски, зошто чудата на милоста, кои биле толку обилно манифестирани во минатото, не се појавуваат во негово време. На ова прашање тој одговорил: „Единствено една работа недостасува - цврсто решение.”

                Примарната насока на постењето е да нѐ направи свесни за нашата зависност од Бога. Ако ја практикуваме сериозно, апстиненцијата од храна - паралелно во почетните денови - предизвикува значителна мера на вистински глад, и чувство на замор и физичка истоштеност. Целта на ова е да нѐ доведе до сознание за внатрешната нескршливост и покајание; да нѐ доведе до почитување на целата сила на Христовата изјава „без мене не можете да направите ништо” (Јн.15:5). Ако секогаш ја земаме нашата заситеност од храна и пијалак, ние лесно стануваме преполни со доверба за нашите способности, стекнуваме погрешна претстава за автономијата и самодоволноста. Набљудувањето на физичкиот пост го занемарува ова грешно самозадоволство. Слекувајќи го од нас божемното уверување на Фарисејот - кој пости, но не во вистинскиот дух - апстиненцијата во постот ни дава спасение. Тоа е функцијата на гладот и истоштеноста: да нѐ направи „слаби во духот,” свесни за нашата беспомошност и нашата зависност од Божјата помош.

                Сепак би било заведувачко да се зборува само за овој елемент на измореност и глад. Апстиненцијата води, не единствено до ова, туку и до смисла на просветление, будење, слобода, и радост. Дури и ако постот покажува слабеење на почетокот, потоа ни овозможува да спиеме помалку, да размислуваме почисто, и да работиме порешително. Многу доктори потврдуваат, дека периодичниот пост придонесува за телесна хигиена. Додека вистински се самоодрекуваме, постот не бара да вршиме насилство врз нашето тело, туку подобро да го насочиме телото кон здравје и рамнотежа. Повеќето од нас, јадеме повеќе од што имаме потреба. Постот го ослободува нашето тело од товарот на масивната тежина и го прави соработник во молитвеното послужение, држејќи нè будни и одговорни пред нашиот дух.

                Во заедничката православна практика ќе биде забележано дека зборовите „пост” и „апстиненција” се незаменливи. Првенствено во Вториот ватикански концил, Римската католичка црква направи јасна разлика меѓу овие два термина: апстиненцијата се однесува на видот на храната што се јаде, независно од количеството, додека постењето подразбира ограничување на бројот на оброците или количеството на храна што треба да се внесе. Според ова, на некои денови се пропишани и апстиненцијата и постот. Во Православната Црква не постои јасна дистинкција помеѓу овие два збора. За време на Великиот Пост постои ограничување на бројот на изедени оброци дневно, но кога е дозволен оброкот нема ограничување на количеството на дозволената храна. Отците едноставно велат, како водечки принцип, дека никогаш не треба да јадеме до заситување, туку треба да станеме од масата чувствувајќи дека сме можеле да изедеме уште и тогаш ќе бидеме подготвени за молитва.

                Ако е важно да не ги согледуваме физичките услови на постот, тогаш е уште поважно да не го забележуваме неговото внатрешно значење. Постот не е само прашање на диета. Тоа е прашање на моралот исто како и на физикусот. Вистинското постење треба да биде сместено во срцето и волјата; тоа е враќање кон Бога, враќање кон дома како Блудниот Син во Татковата куќа. Во зборовите на св. Јован Златоуст, се мисли на „апстиненција не само од храна, туку и од гревови.” Тој смета дека „во постот не треба да се чуваме само од устата, туку и од окото, увото, нозете, рацете и од сите останати органи на телото”: окото мора да избегнува нечисти слики, увото злонамерни интриги, рацете дела неправедни. Бескорисно е да постиме во јадењето, а да си допуштиме суров критицизам и клеветење: „Ти не јадеш месо, но го проголта брата си”, вели св. Василиј. Истиот принцип се сретнува и во Триодот, посебно во првата седмица од Великиот Пост.

 

Како што постиме во храната, да постиме и во секоја друга опсесија...

Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа,

А вистински пост е: бегање од злото,

воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите,

озборувањето, лагата, прекршување на дадено ветување.

Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен.

Да одржиме пост не само воздржувајќи се од храна,

Туку и од сите телесни страсти.

 

Внатрешното значење на постот најдобро е опишан во тројството на: молитвата, постот и милостивоста. Разделени од молитвата и од примањето на Светите Тајни, невклопени во актите на сочувството, нашето постење станува фарисејско или дури и демонско. Тоа води кон гордост, кон внатрешна тензија, а не кон покајание и радост. Врската меѓу молитвата и постењето е вистински иницирана од отец Александар Елшанинов. Оние што го критикуваат постот нему му велат: „Нашата работа трпи поради тоа, а ние стануваме раздразливи... Никогаш не сум видел слуги (во предреволуционерна Русија) толку лошо расположени како во последните денови на Страсната Седмица. Јасно е дека постот има многу лош ефект врз нервите.” на ова отец Александар Елшанинов одговара: „Имате право... Ако постот не е проследен со молитви и со зголемен духовен живот, тоа едноставно води до тензична состојба на раздразливост. Природно е дека слугите кои го сфатиле сериозно постењето и кои биле терани да работат напорно за време на Великиот Пост, а не им било дозволено да одат во Црква, биле лути и раздразливи.”

Постот, ако не е во комбинација со молитви, е безвреден и дури и штетен. Во Евангелието, ѓаволот се одбива, не само со пост, туку со „пост и молитва” (Мт. 17:21; Мк. 9:29); како што е кажано од раните христијани, не само дека постеа, туку дека „постеа и се помолија.”(Д. Ап.13:3). И во Стариот и во Новиот завет постот е виден, не како крај, туку како помош за посилна и пожива молитва, како подготовка за решавачко дело или како директна средба со Бога. Поради ова Божјиот четириесетдневен пост во пустината бил подготовка за Неговата мисија (Мт. 4:1-11). Кога Мојсеј постел на планината Синај (Исход 34:28) и Илија на планината Хорив (1 Царства 19:8-12), и во двата случаја постот бил поврзан со Богојавлението. Истата врска меѓу постот и Богојавлението е очигледна и во случајот на св. Петар (Д. Ап.10:9-17). Тој се качил на покривот на куќата да се моли, огладнел и сакал да јаде; во ваква состојба тој паднал во занес и го слушнал Божјиот глас. Тоа е секогаш целта на покајничкиот пост - да ни овозможи, како што Триодот налага, да се доближиме до планината на молитвите.

Наслов на изворникот:

When you fast - Bishop Kalistos Ware 

 

 

 
< Претходно   Следно >