Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание - Митрополит Агатангел
Велигденско послание - Митрополит Агатангел
22.04.2019.

 

А Г А Т А Н Г Е Л


ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА

НА ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА,

ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО - ВЕЛИГДЕН,

ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

Драги браќа и сестри!

Воскресението Христово, кое се случило во неделен ден, станало средиште и центар на спасението на човештвото. Велигден е самото срце на верата и христијанското учење. Тоа е сјајно изгрејсонце и мирисна пролет на секој оној кој се надева на Господа и на Неговата милост. Како македонско општество, неделата почнавме да ја доживуваме како еден обичен ден за растоварување од дневните грижи, во кој целосно се загубува неговата духовна и културна димензија. За жал, заборавивме дека неделата, со векови била живоносен духовен вруток, од кој извирал и се развивал духовниот идентитет на нашиот македонски народ. Затоа, Македонската православна црква, нашата духовна мајка, сè уште ја негува и чува светоста и мистичноста на денот Божји. Недела е денот кога му се посветуваме на Господа и со Него ја споделуваме секоја наша радост. Ова е ден на сите народни прослави, ден на нашата светла иднина, на сите наши убави надежи, па заради тоа одвнатре ја китиме нашата душа со секоја добрина, а однадвор, ја облекуваме најубавата и најсвечената облека. Денот Господов, кој така е наречен во чест на Христовото славно Воскресение, е вековит сведок за неуништливата складност и хармонија на христијанската вера и македонското национално битие.

Возљубени мои духовни чеда!

Воскресението на Господа Исуса Христа е сигурно прибежиште на нашата вера, сонце на сите празници, исполнување на сите наши надежи, довршување на нашето спасение, потполна победа на животот над смртта, на доброто над злото, на љубовта над омразата, на простувањето над осветата, на светлината над темнината, на злото над гревот, на радоста над тагата. Врз темелот на Воскресението Христово почива нашата вера, вечниот живот, Божјиот мир и сета наша радост. Преку недофатливата сила на Христовото Воскресение осознаваме и сфаќаме дека сме многу повеќе од обични смртни битија. Сиот наш труд, сите наши грижи, сите наши неволји, страдања и тешкотии ја добиваат својата полна смисла и својата неизмерна вредност. Христос, со Своето смирение и љубов, нè повикува секој миг од нашиот живот да биде осмислен и да биде пресоздаден во момент на нашето лично спасение. Неговото воскресение од гробот е почеток на сеопштото воскресение на луѓето. Тоа е гаранција за нашата човечка величина и достоинство. Троичниот Бог промислил да воскресне секој од нас. Па, затоа и го испратил Својот возљубен Син да биде нашиот единствен пат, Кој допатувал од бескрајот, нашата вечна Вистина, Која не крие во себе себичност, недоследност и нездраворазумност и нашиот вистински живот, па секој оној кој искрено го прегрнува и усвојува, нема никогаш да ја прегрне и искуси смртта. (Јован 14, 6).

Драги браќа и сестри, Македонци!

Преку Воскресението сме скапо откупени, од смртта сме спасени и преку Христовите раце сме пренесени во живот. Затоа, да се разбудиме од малодушноста и очајот, да го прославиме Бога во нашите души и да пораснеме во братската љубов. Откако ќе се зацврснеме во верата, воскресната светлина ќе нè осветли, а неизмерната радост ќе го исполни нашето срце. Прославувањето на Велигден од една страна значи нурнување длабоко во себе, а од друга, станување свесен за големите дарови кои ни помагаат и нè придружуваат во пребродувањето и надминувањето на овие кризни и немирни времиња. Верата во Бога значи доверба и предаденост на Неговата Света волја и свесност за Неговото постојаното присуство. Самиот Бог живее и ја проникнува Неговата Црква. Хранејќи се и причестувајќи се постојано со Неговото тело, го навестуваме новиот, осветениот и преобразениот живот. Преобразени и проникнати со Неговата љубов, стануваме градители на новиот праведен и морално освестен свет. Верата во Воскреснатиот Христос значи секојдневна борба против стравот и против секое зло. Мнозина свесно ја напуштаат радоста и во својата слабост свесно ѝ се предаваат на смртта, наместо на воскресението. Мнозина живеат како смртта единствено да им преостанува, наместо да ја воздигнуваат својата душа кон воскресението. Мнозина живеат како да постои само земниот живот, наместо преку силата на верата да се воздигнат во небесниот, нераспадливиот и вечниот живот. Мнозина имаат искривен поглед на свет и искривен морал, па злото го преставуваат како добро, убиството како храброст, тортурата како љубов, а газењето на човековото достоинство како здраворазумна неминовност. Македонскиот народ низ вековите се има нагледано мнозина лажни добронамерници кои нудат национално самоукинување и заборав, за сметка на некаква неодредена светла иднина и општа благосостојба. Долга е листата на оние кои силно се труделе да го уништат Македонецот и неговото славно минато, но она што Бог со Својата волја го утврдил, силите на темнината нема да го обземат и уништат. Македонците на плодна почва се насадени! Со векови овој народ пие од живоносните сокови на Евангелието и се облекува во светлата одежда на Вечниот и Воскреснатиот Христос. Така било секогаш, така ќе биде и сега! Па, затоа, нека ни е честит и благословен денот на Господовото Воскресение. Секоја недела нека ни биде ден на семејни собирања и радости, нека ни биде непресекнат извор на духовна храна, која неминовно минливите моменти ќе ги преобрази во семе на вечноста. Во тој дух и вера, на сето свештенство, монаштво и на сиот верен македонски православен народ им посакувам среќни и благословени Велигденски празници. Нивните души нека бидат весници на духовната радост во нашето општество, а нивните праведни дела нека бидат основа на мирот, меѓусебната почит и солидарноста. Нивните насмевки нека го растеруваат мракот на малодушноста и песимизмот. Воскреснатиот Исус ја победил смртта и гревот и преку Неговата слава започнало времето на новото создание. Ние, како Негови следбеници и христијани, станавме Негови сотрудници во таа нова Света тајна. Станавме царско свештенство, род избран и благословен, кој ги навестува совршените дела на Оној, Кој од темнина нè повика кон својата прекрасна светлина. (1. Петр. 2, 9).

 

Христос воскресе, Навистина воскресе!

Велес, 2019-то Лето Господово

 

 
< Претходно   Следно >