Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Велики руски старци“. Станува збор за едно капитално дело во кое се содржани житијата, чудесата и духовните поуки на сите руски светители и подвижници. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на м-р. Александар Ѓорѓиевски. Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231. Предговор
Книгата која ја имаме пред нас ги содржи житијата и поуките на најзначајните руски свети духовници и старци, кои одиграле голема улога во проповедањето и одржувањето на православната вера во Русија. Книгата започнува со преподобниот Нил Сорски кој живеел во XV век, великиот Пајсиј Величковски, и понатаму останатите богоносни старци во период од двестотини години кои биле силна сол за Руската црква. Сите живееле во различни временски периоди и области, се бореле со различни искушенија, се подвизувале на разни начини, претрпеле многу прогони, страдања, болести, напади од своите истородни и истоверни браќа, и поминувајќи низ огнот на овие искушенија, ги изгореле трњата на страстите и гревовите, и така ослободени станале жители на рајот, собеседници на ангелите, светила на верниот народ, блиски на Бога. Не постои време кога светоста е невозможна, не постои време кога православието е лесно и привлечно, туку секое време си носи свои предизвици, тешкотии, но колку поголеми искушенија ни допушта Бог, толку поголема благодат добиваме, доколку се избориме. Не постои строго определен модел за светител, а доказ за тоа се многубројните житија на светителите, како и овие житија и поуки на великите руски старци. Секој од нив е почитуван во областа во која живееле и се подвизувале, а некои од нив имаат почит од светски размери, како што се преподобниот Серафим Саровски и Пајсиј Величковски. Не можеме да ги степенуваме, кои се мали, а кои големи, бидејќи сите имале од Бога дадена мисија, која со голема усрдност ја исполниле во својот живот, без да се штедат себеси. Повикот Божји, за откажување од семејство, деца, куќи и имоти, и ветувањето дека оние кои се откажале, ќе добијат многу повеќе во Царството Божјо, тие го прифатиле со целото свое срце и тргнале по Господ. На Бога не Му принеле ништо свое, туку Му го принеле најдрагоценото - себеси! Се посветиле во служба на Бога и на својот народ, со својата себепожртвуваност направиле многу големи дела, за кои се пишува и ќе се пишува до крајот на вековите. Нивните имиња се запишани во вечноста и Црквата богослужејќи на нивните празници, ќе ги спомнува до крајот на вековите. Од длабочината на моето срце ви ја препорачувам оваа книга, да ја читате и да се поучувате од нивните поуки, и да го следите нивниот пример. На денешниот православен Македонец му недостасува пожртвуваност, вера и посветеност. Оваа книга нека ни биде поттик за задлабочување во духовниот живот, нека ни биде призив за следење на нивниот живот во монаштво, да го прегрнеме ангелскиот живот, угледувајќи се на нив. Само со вера, љубов и искрена пожртвуваност ќе направиме големи дела за својата Црква, за својата држава, за својот народ. А награда за ова нема да добиеме од народот, туку од Бога, Кој не ги заборава своите светители, и на Негов начин ги открива, дури и оние кои биле скриени од очите на јавноста. Господов благослов до сите оние кои ги читаат и следат примерите на овие свети отци. Амин!
† Агатангел, Митрополит Повардарски
|