Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово во Неделата на Православието
Слово во Неделата на Православието
18.03.2019.

Беседа во Недела на Православието

храм „Св. вмч. Пантелејмон“ - Велес

  2019 Лето Господово

 

 

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ, АМИН!

 

Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, возљубени браќа и сестри!

 

            Sample ImageВо Слава на Бога, се собравме денес во овој свет храм, молитвено да празнуваме и да го прославиме големиот празник на Православието.

            Секоја недела од Велигденскиот пост има двојно значење. Првото значење на секоја од великопосните недели се состои во нејзиното духовно поучување на верните чеда преку евангелските четива. Додека второто значење, преку Премудроста Божја, се исткајало низ историскиот живот на црквата. Но, она што е за восхит и за радост на секоја душа христијанска, жедна и гладна за љубовта Божја е нераскинливата поврзаност помеѓу овие две значења на неделите од Светата Четириесетница - духовната и историската.

            И така, денес, во првата недела од Велигденскиот пост, Црквата Христова го празнува торжеството на православието, сеќавајќи се на победата над иконоборство. Оваа ерес, ереста на иконоборството, имала за цел да ја уништи светата икона и светата фреска, имала за цел да ги уништи светите ликови на нашиот Спасител, на Божјата Мајка, на апостолите, на светите ангели и на сите свети луѓе, жители на небесниот Ерусалим. Повеќе од еден век, цареви иконоборни и безбожни, ги прогонувале иконите, ги палеле, уништувале и газеле. А Црквата, таа се борела преку своите православни епископи, свештеници и монаси, се борела преку верните и праведни чеда свои, кои биле затворани, измачувани и убивани, но никогаш не се откажале од своите икони.

            И ќе праша некој: А што е тоа икона, та е толку важна, што и маченички за неа се гинело?!

            Икона, тоа не е само боја и дрво, таа не е материјалот од кој е направена и иако западните теолози за неа ќе кажат, а ние нема да одречеме, дека иконата е писмо за неписмените, таа е многу повеќе од тоа. Иконата, за нас православните, е прозорец кон Вечноста. Почитта  што ѝ ја оддаваме, е почит кон личноста што е насликана, а не на самата слика. Кога се поклонуваме и пееме пред ликот Христов, изобразен на икона или фреска, ние на Христа Бога се поклонуваме и песни принесуваме, а не на дрвото или ѕидот на кој е изобразен ликот на Христос. И кога пред икона, молитвено стоиме и кога молитвите принесени пред икона ќе ни се услишаат, ние од Бога помош добиваме, Бог е Оној што чуда прави, а не дрвото или бојата.

            За нас, православните христијани, духовниот живот е незамислив без светите икони. Иконата има големо значење за нашето духовно растење, за нашето спасение, за спасението на едно православно семејство. Спомнавме дека иконата е прозорец кон Вечноста. Замислете сега, еден дом, една куќа без прозорци, колку би бил темен, загушлив, мртов, без светлината и свежиот воздух што влегуваат преку прозорците. До толку, и уште повеќе, неподнослив е духовниот живот во едно семејство што нема икона, духовен прозорец во својот дом. Кога нашите претци, се преселуваа од село во град, со себе понесоа многу работи, но иконите и кандилата домашни ги заборавија. Затоа и ја изгубија душата своја. Затоа толку несреќи нè снајдоа и како народ и како семејство и како поединци. Затоа и покрај сета напредна технологија, не можеме да го најдеме мирот кои го имаа нашите претци покрај своите огништа. Важноста на иконите и кандилата во животот на нашите семејства, може да се спореди само со важноста на душата во телото. Како што телото се предава на смртта кога ќе го напушти душата, така и нашите домови се предаваат на запустувањето тогаш кога ќе останат без икона и кандило. Нашиот однос кон иконата, треба да биде налик на односот на Мојсеј кога стоел пред несогорливата капина на гората Синај. Да стоиме со стравопочит и молитвено да гориме пред лицето Божјо, просејќи спасение за нас, за нашите најблиски и за светот во кој живееме.

            Денес, Црквата празнува! Денес, Црквата велелепно торжествува! И имајќи ги како знаци на чест и слава, Крстот Христов и чесните икони, весело и со радост Бога Го велича. Денешниов ден е полн со радост и веселба, зашто блеска светлината на вистинските догмати и свети Црквата Христова, украсена со враќањето на светите икони!

            И зошто толку големо торжество! Зошто толку голема слава за нешто што одамна, што пред многу векови се случило? Зошто мора секоја година Црквата да нè потсетува на оваа победа извојувана во чест на иконите?

            Светите отци, оваа недела не ја нарекуваат само Недела на Православието, туку и Недела на човекославието. Денес Црквата ја открива тајната за човекот, за тоа што е човекот: Човек, тоа е Божјото достоинство на земјата! Тоа е најголемото достоинство во овој свет. Човекот е икона Божја во овој свет! Човекот е жива икона Божја што чекори во овој свет и век! Затоа оваа недела е толку посебна и велелепна.Затоа што човекот има душа, а душата е слика Божја, икона Божја во човекот, а телото е само рамка околу таа света и најголема икона. Бог го создаде човекот по Својот образ... Бог го создаде човекот како Своја икона, да биде најскапоцениот украс, да биде круната, да биде престолна икона во светот од Бога создаден.

            Затоа секоја година, Црквата Христова, пак и пак нè потсетува на овој празник. Затоа што борбата против иконоборците кои војуваат против живата Икона Божја се уште не е завршена. Ние во овој свет секогаш војуваме, војуваме за да ја зачуваме Иконата Божја што е во нашата душа. Кој сака да ја украде и оскверни таа Икона од нас? Од кого да ја зачуваме? Од сите иконоборци, од сите противници на иконите, меѓу кои првиот, родоначалникот на иконоборците е гревот! Гревот е тој што го уништува Ликот Божји во нас, што со нечистотија го премачкува Ликот на Бога во нас. И кога човекот живее непокајан, исполнет со страсти, каква икона тогаш претставува? Тогаш Ликот Божји во него не се препознава. Го нема тогаш она Божјо достоинство што му е дарувано. Образот Божји не се препознава. И тогаш, од величествени, Икони на Живиот Бог, ние самите стануваме иконоборци. Затоа што самите го прогонуваме и уништуваме Образот Божји во нас. Не е виновен гревот, не е виновен ниту лукавиот што ги прелажа нашите прародители, тој само предложува, а од нас зависи што ќе одбереме. И како што со сила не може да ни се дарува ниту спасението, така со сила не може ниту да ни се одземе. Може да ни се предложи, да ни се даде како предлог, како идеја, а од нас самите зависи дали и што ќе прифатиме.

            Во овој свет ние сме секогаш во борба, секогаш војуваме. Таа наша борба против иконоборците не престанува. Нема примирје помеѓу човекот и лукавиот, помеѓу човекот и гревот. Вистина е, ние сме слаби и немоќни и секојдневно паѓаме во грев. Секојдневно паѓаме во едни и исти гревови. И како тогаш да најдеме сили за да ја продолжиме борбата против цела плејада на одродени ангели? Сами неможеме, но затоа Бог ни ја дарува Црквата наша Православна. Преку која ни се дарува благодат, сила и прошка за секој грев што покајно ќе го исповедаме. Тоа е нашата Црква Православна, тоа е Црквата што денес торжествува и што ни дарува сила да продолжиме да војуваме против денешните современи иконоборци.

            Светот во кој денес живееме, е до таа мера иконоборечки, што е подготвен и самиот себе да се уништи, само со цел да го избрише од себе и од човекот секој траг на Образот Божји, секое нешто што може да потсетува на Бога, на Христос нашиот Спасител.

            Спомнавме колку голема важност имаат домашните икони за благосостојбата на еден народ, на едно семејство, на еден човек. Тогаш колку поголема важност има Живата Икона Божја? И ако ние достојно се однесувавме и ја негувавме таа Икона во нас, ќе можеше ли денес некој да се дрзне и една од најсветите работи - семејството, кое е  домашна црква, да ја сведува само на бројки? Ќе можеше ли денес некој да се дрзне и да застане во одбрана на чедоморството, знаејќи дека од Иконата Икона се раѓа? И да не се залажуваме, не сме само ние што војуваме против иконоборците што сакаат да ја уништат и избришат од сечие сеќавање Живата Икона. Такви иконоборци има насекаде низ Европа и низ светот. Нема место каде глава да потслониме. Каде и да бегаме, ќе нè бараат и ќе нè најдат. И во планина и во пустина да отидеме, борбата е иста, непријателот е истиот. Затоа мора гревот да го победиме уште во зачетокот, кога ни се дава како помисла. Затоа што Бог за нас предвиде нешто подобро, отколку за сите старозаветни преведници. Затоа што како Живи Икони, душите наши, како прозорци кон вечноста, ќе го гледаат небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.

            Нека Господ, нашиот Бог, на секој од нас му дарува љубов и надеж во Христа Воскреснатиот, пост и молитва со ангелска ревност, за да можеме да издржиме во борбата за зачувување на Образот Божји во нас, да можеме смело да ги поминеме посните денови што ни претстојат, та не само достојно да го дочекаме Велигден, туку и да доживееме Воскресение, од гревовната смрт, за Живот Вечен. АМИН!

 

протоереј Љупче Миланов

 
Следно >