Слово во Сиропусна Недела |
11.03.2019. | |
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ АМИН! Сиропусна недела, е последната подготвителна седмица пред Великиот Пост. За време на оваа седмица благословено е да се јаде млеко и млечни производи, јајца и риба. Така Црквата постепено воведувајќи нè во подвигот на постот малку по малку, нè отргнува од слатките јадења, за да го започнеме подвигот на постот. Оваа недела уште се нарекува и: „Недела на изгонувањето Адамово“. Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа и е потребен постот како средство за лекување, а и колку е гнасна непослушноста. Со примерот на Адама светите отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет дена и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби и сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост. Откако отпаднал и го облекол смртното тело, откако бил проколнат, тој беше изгонет од Рајот, чија врата, по заповед Божја, беше чувана од пламенен меч. Пред таа врата, Адам седеше и плачеше за сите добра од кои се беше лишил поради тоа што не постеше кога требаше, и поради тоа што целиот човечки род требаше со него да ја дели истата состојба сè додека нашиот Создател, имајќи милост за нашата природа опустошена од сатаната, се роди од Света Дева, достојно поживеа, ни го покажа патот со кој ќе му се спротивставиме на демонот, односно постот и смирението, и победувајќи го оној што не заведе преку лукавство, да и го врати на нашата природа нејзиното некогашно достоинство. Враќањето на тоа достоинство многу свети мажи и жени во текот на истријата ни го покажале преку разните облици на подвиг кои ги земале врз себе. Еден од тие подвизи и еден од тие примери го имаме во ликот и делото на светиот маченик Агатангел Битолски. Најсветлиот лик и пример за нашиот архипастир кој го носи неговото свето име. Родум од Македонија, од овие простори од ова парче библиска земја како што е запишано во неговото свето житие. Да си споменеме за љубовта што ја покажал кон своите браќа христијани. Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел со богомудри зборови пред турските власти се заложил насилното исламизирање на невините христијани на бајрам да запре. Светителот успел да најде милост пред иноверците и тие со ферман ја укинале таа дотогашна пракса. Но Бог за да ја прослави вистинската верност на својот ревнител им допуштил на неколку Агарјани да му се нафарлат и да го погубат. А светиот Агатангел чесно пострадал од нив и се закитил со маченички венец Христов. Нашето сведочење, нашите маки се неспоредливи во однос на трпението на свети Агатангел. Ние ги почитуваме мачениците, бидејќи преку нивните мачења и страдања, нам ни се јавува големата и спасителна сила Божја. Нивниот пример ни помага да разбереме како Бог го воздигнува човекот, како го прави силен и непобедлив. Мачениците за нас се херои на духот. Со смиреност ги приклонуваме нашите глави пред нив и се молиме нашите срца и ум да се отворат за средба со нив. Таков беше маченичкиот крст на светиот Агатангел Битолски. Не помало мачеништво покажува нашиот архиереј во своите дела кога во согласност со својата неизмерна вера и безрезервна љубов, без штедење и на последната енергија се дава целосно на сите. Со своите поуки и искуства првин нè поучува нас свештениците, Митрополит во кого го препознаваме ликот Христов и преку свој личен пример нè води кон еден свет и совршен Богочовечи организам преку кој се обавува светотаинството на љубовта. Цела епархија се крева како на духовен така и на матерјален план се изградија и осветија а и уште се градат многу цркви, се возобновуваат манастирски конаци се заживува монаштвото под негово духовно раководство. Со негов благослов издаваштвото на православна литература е со полни раце работа. Татковската прегратка и благата насмевка на неговото лице ја сведочат сите кои барем еднаш биле во конткт со него. Секој кој затропал на неговата врата не бил вратен, туку напротив испратен до прагот со решение за било каков и да бил проблемот. Но такви дела може да се има само доколку се сведочи за Хрстос. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така не поучува светиот апостол Матеј. Неговата љубов со секого од нас е татковска и ги надминува сите граници зошто единствената негова цел е да не научи да заличиме на Бога и по делата да станеме достојни Христови војници. Зборувам за нешта кои сите ние ги имаме видено и ги гледаме секој ден во животот на нашиот владика, како тој ревносно се труди во добродетелите, како преку личен пример ни Го покажува Првообразот на нашиот Смирен Господ Исус Христос. Гледајќи и знаејќи ги Вашите дела, чувствуваме особена радост, што денес сме заедно овде со другите браќа свештеници и со целиот верен народ кој дојде дури од најдалечните места на епархијата за да ви го честитаме именденот. Радоста наша е особено голема што сме едно, и што го сведочиме единството, на начин кој тоа единство, единствено го гледаме во Евхаристијата, во едната чаша, во Телото и Крвта Христови. Таквото единство е потврда на сета наша вера и надеж, и само тоа единство ќе остане и ќе трае. Ваше високопреосвештенство! Ви го честитам именденот со желби за крепко здравје и долг богоугоден делотворен живот. Го молиме и просиме милост од светиот маченик Агатангел Битолски како најсветло кандило пред Престолот Божји постојано да се застапува за Вас, за Вашата од Бог поверена епархија и за сите нас ваши духовни чеда! Амин!
свештеник Игор Пармачки |
< Претходно | Следно > |
---|