Рецензија втора |
18.01.2019. | |
Рецензија втора кон делото „Улогата на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј во возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето Македонската православна црква“ Истражувањето во рамките на монографијата под наслов: УЛОГАТА НА АРХИЕПИСКОПОТ ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ ДОСИТЕЈ ВО ВОЗОБНОВУВАЊЕТО НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА ВО ЛИЦЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, којашто всушност претставува одбранет и дополнет докторски труд е фокусирано на архиепископот охридски и македонски Доситеј и неговата улога во процесот на формирањето на Македонската православна црква, како и на нејзините традиции и развој во контекст на поновата македонска историја. Концепциски монографијата се состои од вовед, четири поглавја со повеќе поднаслови, заклуок и користена литература. Во Воведот, како што впрочем налага историската методологија, авторот д-р Александар Атанасов првенствено се осврнува на целите на докторска дисертација, како и на досегашните истражувања и достигнувања во македонската и пошироко во балканската историографија. Во таа смисла, тој посебно ги обработува релевантните извори за односната проблематика во смисла на автентичен архивски материјал, пред сè од Државниот Архив на Република Македонија и од архивите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква и на Македонската академија на науките и уметностите. Во овој контекст фундаментален сегмент за реконструирање на односната проблематика претставуваат и големиот број интервјуа, реализирани со најблиските соработнци на архиепископот Доситеј, што дополнително придонесува за автентичната научна артикулација на трудот, уште повеќе, што некои од изнесените искажувања од информаторите за првпат се промовираат во македонската црковна историја и воопшто во македонската историографија. Во согласност со концепциската поставеност на докторската дисертација авторот детално се осврнува и на досегашните научните трудови од македонска, но и од странска провениенција, кои без сомнение дале евидентен придонес во реконструирањето на голем број суштински прашања, поврзани со личноста и делото на архиепископот охридски и македонски Доситеј, како и со турбулентната историја на Македонската православна црква, особено во нејзиниот понов период. По завршувањето на Втората Светска Војна и создавањето на македонската држава во рамките на Југословенската Федерација, македонското свештенство како приоритетно прашање го поставило барањето за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Оваа проблематика е предмет на истражување во првата глава, под наслов: ФОРМИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА КАКО НАСЛЕДНИЧКА НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА, каде што поконкретно станува збор за Првиот црковно- народен собор кој бил одржан на 4 и 5 март 1945 година. Независно од македонското свештенство, кон барањето категорично се прклучиле македонскиот народ и македонското политичко раководство. Токму од тие причини бил формиран Иницијативен одбор кој во својата агенда преферирал преговори со Српската православна црква, а во функција на целосно апсолвирање на македонското црковно прашање. Во мај 1946 година била организирана свештеничка конференција на која барањата на македонското свештенство биле сведени на одредени автономни права, во смисла македонските епархии да бидат раководени од македонски епископи и да имаат широка самоуправа. Но, за жал сите овие барања биле отфрлени од страна на Српската православна црква, која била категорична во ставот за враќање на српските епископи во Македонија и тоа: епископот Јосиф во Скопската епархија и епископот Викентиј во Злетовско- струмичката епархија. На овој став особено се инсистирало по враќањето на патријархот Гаврило. Но, подоцна со изборот за патријарх на епископот Викентиј, кај Иницијативниот одбор се појавила надеж, дека можеби постојат услови за евентуален компромис со Српската православна црква, за што започнале и конкретни преговори, при што патријархот се соочил со силна опозиција во Соборот, така што обидот за компромисно решение целосно пропаднал. Во втората глава под наслов АРХИЕПИСКОПОТ ДОСИТЕЈ И МАКЕДОНСКО–СРПСКИТЕ ЦРКОВНИ И ПОЛИТИЧКИ ОДНОСИ е опфатен животот и делото на Доситеј и неговиот избор за епископ, кој подоцна ќе стане клучна фигура во решавањето на македонското црковно прашање. На Вториот црквно-народен собор, одржан во периодот од 4 до 6 октомври 1958 година Доситеј бил избран за поглавар на Македонската православна црква, заедно со други двајца епископи и тоа: Наум за Злетовско-струмичката епархија и Климент за Преспанско-битолската епархија. Третата глава, насловена како АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, АРХИЕПИСКОПОТ ДОСИТЕЈ И ОДНОСОТ НА СПЦ се однесува на периодот на поширока афирмација на МПЦ пред другите православни сестрински цркви, како и на прашањето за развојот на македонската црковна самостојност. Патријархот Герман се покажал како жесток противник на МПЦ, кој категорично се спротивставил на барањето на формирање епархија на МПЦ во дијаспората. Уште посилен бил отпорот на барањето за претставување на МПЦ пред останатите православни цркви. Ваквиот однос помеѓу МПЦ и СПЦ резултирал со сериозен конфликт, така што на епископите на МПЦ не им преостанало ништо друго освен да го свикаат Третиот црковно-народен собор во јули 1967 година и да ја прогласат автокефалноста на Македонската Православна Црква. Во последното поглавје ПРИДОНЕСОТ НА АРХИЕПИСКОПОТ ДОСИТЕЈ ВО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЦРКОВНИОТ ЖИВОТ ВО ВОЗОБНОВЕНАТА МПЦ станува збор за развојот на Македонската Православна Црква како и за перидот кога се конституира Синодот на МПЦ со избор на нови епископи. Исто така засегнати се и прашањата за основање епархии на Македонската Православна Црква во дијаспората, како и заминувањето на македонските епископи, кои ќе дадат извонреден придонес за осветување на новоизградените цркви, кои ќе бидат под јурисдикција на Македонската Православна Црква. Она што е исто така особено значајно во контекст на ова поглавје е формирањето на образовните институции и тоа: Македонска православна богословија и Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“. Во ЗАКЛУЧОКОТ, во сублимирана верзија се презентираат клучните тези, кои воедно го дефинираат значењето на трудот во кој интегрално се проследува историско-правното опстојување на Охридскта археипископија и на нејзината наследничка Македонската православна црква,како и на есенцијалната улога на архиепископот Доситеј во процесот на нејзиното формирање и понатамошно равивање.
Рецензент, проф.д-р Маја Ангеловска-Панова |
< Претходно | Следно > |
---|