Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Рецензија прва
Рецензија прва
18.01.2019.

Рецензија прва кон делото „Улогата на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј во возобновувањето на Охридската архиепископија  во лицето Македонската православна црква“

Ракописот посветен на првиот архиепископ на возобновената Светиклиментова Охридска архиепископија (во 1958 година) како Македонска православна црква, а имено возобновителот на МПЦ – во тоа време викарниот епископ Топлички ДОСИТЕЈ, од авторот д-р Александар Атанасов е работенa како докторска дисертација. Насловот на тезата гласаше: Улогата на архиепископот Охридски и Македонски Доситеј во возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, успешно одбранета во просториите на Институтот за национална историја – Скопје, придружна членка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Активно учествував во испитите во периодот на посетата на докторските студии на докторантот Александар Атанасов, а за време на одбраната на дисертацијата, со моите незнатни забелешки од сопственото богато научно-истражувачко и издавачко искуство, затоа што авторот ги вградил нив во предложениот ракопис за публикување, сметаме дека сме придонеле прекрасно изработениот самостоен авторски труд да ја добие сета своја сатисфакција, сега поддржана и од неговите професори и резензенти.

 

Предложениот ракописот за публикување во одделна монографија структурално е поделен на 4 носечки глави, пред тоа вовед, а потоа заклучок (на македонски и англиски јазик), прилози (факсимили на автентични архивски материјали од прва рака), исползувани извори, литература и илустрации главно на 20-тина фотографии и факсимили во црно-бела техника. Ракописот е поткрепен со 278 подножни напомени и забелешки (фусноти).

Главната цел на авторот д-р Александар Атанасов во овој случај била да ги осветли благороднот лик и животот, а пред сè богатата и значајната дејност на Димитар Стојковски, замонашен како Доситеј, а кога се решавало македонското црковно-национално прашање, веќе во чин епископот Топлички и викар на Српскиот патријарх Викентиј (Проданов). По укинувањето на Охридската архиепископија (1767), туку речиси околу два века македонскиот народ и интелигенцијата настојувале, се бореле и правеле постојани обиди и напори за возобновување на неканонски укинатата Светиклиментова Охридска архиепископија како Македонска православна црква. Таа желба на македонското свештенство и воопшто на македонскиот народ и интелигенцијата уште во текот на Големата војна (1941-1945), со создавањето на асномската македонска државност, уште повеќе се актуелизирала со силно настојување, дури и со бројни жртви, да си ја возобноват некогашната автокефална 8-вековна Охридска архиепископија, сега во новите услови и времиња како Македонска православна црква.

На челниот браник на оваа решителна борба и интимна желба на македонскиот народ сосема најнормално се избрала личност која била најбиску до целта и која можела најбезбедно да го понесе тој тежок товар и успешно да ја реализира неизмерната желба на македонскиот народ, покрај самостојна држава да имаат и автокефална православна помесна Црква, а во моментот тоа бил викарниот епископ на Српската православна црква (СПЦ) Доситеј Топлички, кој бил од македонско потекло. Историските собитија биле предодредени во тие повоени времиња Димитар Стојковски, замонашен како Доситеј, да застане на чело на Вториот црковно-народен собор во Охрид (4-6 октомври 1958 година) и да биде возобновителот на некогашната Светиклиментова Охридска патријаршија-архиепископија, сега во новите времиња и услови именувана како Македонска православна црква, а тој тогаш да ја добие поглаварската титула архиепископ Охридски и Скопски и митрополит Македонски.

Така во неделата, на 5 октомври 1958 година, на архиерејската богослужба во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид било извршено свеченото устоличување на првиот поглавар и возобновителот на Охридската архиепископија како Македонска православна црква – архиепископот Доситеј. По извршената интронизација новиот поглавар и возобновителот на Охридската Светиклиментова Црква, архиепископот Доситеј, ја потпишал заклетвата за својата пастирска дејност и одржал свечена беседа пред соборјаните и воопшто насобраниот народ. Следниот ден бил донесен Устав на МПЦ, кој бил потпишан од поглаварот – Неговото Блаженство Доситеј и усвоен едногласно од соборјаните. Потоа биле избрани Митрополитски управен одбор, Мирополитски црковно-судски совет и Митрополитски црковно-просветен совет.

Возобновителот на Охридската архиепископија како Македонска православна црква – архиепископот Доситеј ја имал историската улога и шанса да учествува во хиротонијата на вториот по ред владика на возобновената Македонска православна Светиклиментова Охридска црква во личнота на епископот Климент, во сослужение со патријархот „Српски и Македонски“ Герман, со својата придружба во скопската црква „Св. Мина“ на 19 јули 1959 година, а една недела подоцна и во хиротонијата на епискпот Наум, во штипската црква „Св. Николај“ на 26 јули 1959 година, со што се создале објективни услови да се основа првиот Свети архиерејски синод на Македонската православна црква (САС на МПЦ). Првиот епископ Климент подоцна бил хиротонисан за епископ Преспанско-битолски на 19 јули 1959 година со седиште во Битола, а потоа бил устоличен за митрополит на истата епархија во 1967 година. Вториот епископ Наум подоцна бил хиротонисан за митрополит на Злетовско-струмичката епархија со седиште во Штип.

Мошне значајна е заедничката богослужба на 24 мај 1962 година во охридската црква „Св. Богородица“ – Каменско со патријархот „Српски и Македонски“ Неговата светост Герман со својата придружба, во официјална посета на Македонската православна црква, потоа на Неговата светост, патријархот на Московската и Серуската православна црква Алексеј, исто така со својата придружба, во сослужение на архиепискиот Доситеј со своите архиереи и со бројното македонско свештенство. Одделни црковни каноничари на одреден начин сметаат дека со овој црковен чин, со свечената заедничка литургија во Охрид, а во чест на св. Кирил и Методиј Солунски на поглаварите на СПЦ, РПЦ и МПЦ со своите придружби, се означува, на одреден начин признавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква.

На Третиот црковно-народен собор во Охрид, на 17  и 18 јули 1967 година, а по повод 200-годишнината од неканонското укинување на Охридската архиепископија, САС на МПЦ, на свиканиот собор ја прогласил МПЦ за автокефална Црква – дека МПЦ е самостојна Црква со свој Собор, Свет синод и Устав, и дека е во какононско единство со СПЦ преку личноста на нејзиниот патријарх.

По возобновувањето автокефалноста на МПЦ дојде до натамошен подем на Црквата, како во земјата, така и сред македонската емиграција и иселеништво во европските и прекуокеанските земји, токму под диригентската палка на поглаварот Неговото блаженство Доситеј, кој сега се титулира како архиепископ Охридски и Македонски и митрополит Скопски.

Додека стојносно и успешно ја водеше МПЦ како нејзин поглавар, освен спомнатите избори за први епископи на МПЦ во личноста на Климент и Наум, во негово време архиепископот Доситеј учествувал во хиротонијата уште на следните македонски владици: епископот Методиј Велички, кој бил востоличен на 24. XII 1967 година за митрополит на Дебарско-кичевската епархија со седиште во Охрид; епископот Тивериополски Кирил, подоцна хиротонисан за митрополит на Американско-канадско-австралиската епархија на МПЦ (07. VII 1967), а потоа за митрополит на новата Полошко-кумановска епархија (10. VIII 1969) со седиште во Скопје; епископот Пелагониски Ангелариј, кој за тоа достоинство бил устоличен во 1975 година, за потоа избран за митрополит Дебарско-кичевски (05. VII 1977 година) со седиште во Охрид, (а подоцна за втор по ред архиепископ Охридски и Македонски и мирополит Скопски беше хиротонисан на 09. VIII 1981 година); епископот Гаврил Повардарски, (кој од 04. X 1986 до 09. VI 1993 година беше устоличен за трет по ред архиепископ Охридски и Македонски и митрополит Скопски), и епископот Тивериополски Горазд, подоцна мирополит Европски.

За потребите на Црквата, а под раководството на архиепископот Доситеј беше основано средно богословеско училиште „Свети Климент Охридски“ (1967), а десетина години подоцна православен богословски факултет „Свети Климент Охридски“ (во крајот на 1977 година). Затоа што се поднамалиле залихите на Светото миро, пак, под непосредно раководење на архиепископот Охридски и Македонски и митрополит Скопски Доситеј, во асистенција на митрополитите Методиј и Кирил, со бројното македонско свештенство, подготвија и осветија ново Свето миро на 15 април 1971 година во црквата „Св. Димитриј“ во Скопје.

Од 1969 година па наваму, повторно со активно учество на возобновителот на Светиклиментовата Охридска архиепископија како Македонска православна црква, Неговото блаженство Доситеј традиционално на 24 мај секоја година се отслужува молебен на гробот на свв. Кирил и Методиј Солунски во базиликата „Св. Климент папа Римски“ во Рим.

На 23 април 1972 година, со благослов на архиепископот Охридски и Македонски и митрополит Скопски, Неговото блажетсвсо Доситеј бил положен и осветен камен-темелникот на Соборниот храм на МПЦ „Свети Климент Охридски“, во центарот на Скопје, до архиепископската зграда.

Предложениот ракопис за публикување завршува со заклучок, бројни прилози, библиографија и илустрации.

Несомнено дека со објавувањето на спомнатиот ракопис во одделна публикација, длабоко сме убедени дека таа ќе претстатвува нов прилог во македонската црковна историја, дотолку повеќе што монографијата го осветлува животот, ликот и пред сè богатата и значајна дејност на првиот архиепископ и возобновителот на Светиклиментовата Охридска архиепископија во лицето на Македонската правосавна црква Доситеј. Поради тоа, го поддржуваме нејзиното публикување, а на авторот д-р Александар Атанасов му честитаме за вложените напори и успехот да создаде прекрасен личен потфат – да публикува автентична монографска историја директно посветена на возобновителот на Светиклиментовата Охридска архиепископија како Македонска православна црква и првиот поглавар на МПЦ – архиепископот Охридски и Македонски и митрополит Скопски, Неговото блаженство Доститеј.

Александар Трајановски

 

 
< Претходно   Следно >