Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Божикно послание

 
Sample Image

  • Се известуваат сите благочестиви христијани од Општина Неготино дека на ден 19. 08. 2019 година (ПОНЕДЕЛНИК), по повод празникот Преображение Христово, во храмот „Св. Атанасиј“ во Неготино ќе се отслужи Света Архиерејска Литургија со која ќе чиноначалствува Митрополит Повардарски г. Агатангел.

 
    
  Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image Sample Image   Sample Image   Sample Image   Sample Image
 
Божикно послание
4.01.2019.

АГАТАНГЕЛ

По милоста Божја,

Митрополит Повардарски, до свештенослужителите,

монаштвото, и до сите верни чеда на

Македонската православна црква - Охридска архиепископија,

односно Повардарската епархија, а по повод

Рождеството Христово - Божик,

испраќа Архипастирски благослов и мир од Бога,

поздравувајќи ги со величенствениот и торжествен поздрав,

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

Возљубени наши духовни чеда!

Во светата и блажена ноќ, во малата и неугледна Витлеемска пештера, како скромен и смирен човек се родил долгоочекуваниот и ветениот Месија, Избавителот на светот и на сите луѓе, Синот Божји, нашиот Спасител, Второто лице на Света Троица, Богочовекот Господ Исус Христос.

Откако ангелите ја навестија и објавија радосната вест беа спуштени божествените скалила, преку кои секој човек во иднина, хранејќи се со Божјата мудрост и престојувајќи во спасоносните добродетели, ќе може да ги достигне и да ги отвори Небесните порти на вечното Царство Божјо.

Бог благоволи да стане човек. Оној, Кој е вечна и неизмерна љубов, пронајде начин да стане наш брат и во исто време да не престане да биде Бог. Каква чудесна вистина и недостижна тајна! Бог од вечноста се воплоти и стана човек во времето. Несместливиот во широкото пространство на созданието ја зема човечката природа, го облече нашето тело, ја прими нашата крв. Вечниот Бог, Недофатливиот за мислата и за умот се роди и стана човек во одредено време, го прифати нашето тело и живееше скромно со полн живот 33 години. Иако, секој момент му беше исполнет со добри дела, сепак, не беше поштеден од човечката завист, од клевети и лаги. Неправедно беше осуден на смрт иако до самиот крај беше чесен, праведен и свет. Како вистински човек, еднаков на нас во сè, освен во гревот, му служеше секому, ја сведочеше правдата и вистината, не се предаваше на бесмислата и разочарувањата, ги подучуваше и охрабруваше сите околу себе да бидат луѓе во вистинската смисла на зборот. Да се биде човек не значи да се живее во безделничење и себичност, туку во жртва и себепредаденост до заборав. Таков живот живееше Спасителот, таква поука ни остави во наследство Богочовекот.

Драги браќа и сестри!

„Не плашете се, зашто еве, ви навестувам голема радост која ќе го израдува сиот народ. Денес, во Давидовиот град Ви се роди Спасителот. Он е Господ Христос!“ (Лк. 2, 10-11).

Тоа е пораката на Божик за сите кои се тажни и загрижени, потиштени и премалени, за сите кои се сомневате и сте недоверливи. Упатена Ви е Вам кои имате уморни раце, истрошени плеќи и треперливи срца во вревата и бурата на секојдневниот живот. Бог е со нас! Он ги претвора нашите слабости во невидена сила, нашите падови во цврстина, немирот во мир и спокојство, а несреќата во неизмерлива среќа и радост.

Бог нè посети, стана еден од нас. Искуси и Самиот колку е тешко да се биде слаб и немоќен човек. На Бога можеме да му се повериме, да му се отвориме и искрено да му кажеме за своите тешкотии и маки, за своите сомнежи, за нашите желби и падови, за отворените рани кои нè печат и истоштуваат до изнемоштеност. Затоа да се радуваме и веселиме! Бог неизмерно нè љуби. Да му заблагодариме сесрдно за овој огромен дар кој нè ослободува и спасува.

Христос, пак и повторно, се раѓа во сите луѓе со добра волја. Тоа е тајната на самиот Троичен Бог. Денеска го славиме и својот роденден, зашто преку Божик се раѓаме како нови луѓе, нè пресоздава Бог за остварување на нова и повозвишена љубов. Денес е почеток на нашето спасение, започнува нашата нова ера, нашата обновена и осмислена света историја.

Возљубени мои, Македонци и Македонки!

Од годината што изминува, кога торжествено ја прославивме 1000-годишнината од формирањето на Охридската архиепископија, 60-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на современата Македонска православна црква, како и 40-годишниот јубилеј од создавањето на Повардарската епархија, ќе треба сите да извлечиме една добра и корисна поука. Многу е битно да сфатиме дека ако Христос вистински не се роди во нашето срце, во нашиот секојдневен живот, тогаш не сме ја разбрале смислата и суштината на Божик. Христос се раѓа во нас ако го отфрлиме и закопаме гревот, ако се обратиме и одлучиме да живееме еден нов живот, ако дозволиме Божјиот дух да проникне во нас, ако му допуштиме заедно со нас да чекори со нашите нозе, да дејствува со нашите раце, да зборува со нашиот јазик. Ако во сите неволји и неприлики продолжиме да го прославуваме Бога, ако со Него ги трпиме неправдите и ако со Него ликуваме, се радуваме и благодариме. Животот не завршува овде на земјата, тешко на оној кој мисли дека може да се сокрие позади своето лицемерие. Среброљубците, клеветниците и предавниците, налик на Јуда, нема да го наследат Царството Небесно. Трговијата со мирот и спокојот на својот сопствен народ може некому да му донесе ситна заработка и привидна благосостојба, но, еден ден, секој од нас, ќе мора, лице в лице, да застане пред Богот на правдата и вистината и да ја положи сметката за сторените недела и за соблазната која ја ширел и поттикнувал. Силниот на овој век е слаб и немоќен пред предвечното Слово, Кое уште од самиот прапочеток го осмислува светот. Оној што неправедно трупа богатства и му одзема на народот, било да е тоа име, минато или иднина, ќе одговара за своето безумие и бесрамност. Оној, кој не го штити слабиот во неволја нема да се заштити себе си од вечното проклетство. Прогонителот, еден ден, ќе стане прогонет и од своето опкружување и од сеќавањата на идното потомство. Она што Бог го сврзал и благословил во овој живот, ќе биде врзано и на Небеста. Делата на љубовта остануваат вечно и ќе бидат памтени 1000 години. Делата на нечестието ќе потонат во вечната заборав. Македонскиот народ е неуништива фиданка од чии ластари се разгрануваат најубавите и најмирисни цветови. Мнозина низ историјата ги кастреле и потсекувале неговите млади и штотуку подникнати гранки, но со Божја помош, тие повторно никнувале со уште поголема убавина. Така е, оти таква била волјата Божја. Она што Бог го осенил со Својата светлина, силите на мракот не можат да го надвладеат. Со Божја помош ќе се зачуваме себе си, своето име, својот јазик и национални обележја и покрај силните бури кои нè оддувуваат и гладните усти на мерзоста на запуштението кои во еден залак нè проголтуваат. Македонскиот народ е налик на пророкот Јона, кој и по поминати три дена во утробата на китот, се ослободил преку праведноста своја и продолжил со иста жар да го слави името Божјо.

Драги браќа и сестри!  

Божик е време кога треба да се преиспитаме и да погледнеме длабоко во себе. Време, кога треба да се прашаме, какви се нашите одлуки, какви се нашите дела. Каква е нашата одговорност пред себе самите. Дали ќе останеме исти и непроменети, ќе бидеме ли поправедни и посовесни и за себе, но и за околината која нè опкружува. Божик е време на радост во семејствата, мир во нашите души и добра волја меѓу луѓето. Овие непроценливи вредности постојано да ги носиме во сите дни од нашите животи. Па, така, со духот свој да се задлабочиме на денот на Христовото раѓање. Да пораснеме на овој Божик во својата човечност и братство, во своето родителство и родољубие, во својата вера и љубов кон сиот свет. Да станеме народ кој во темнина одеше, па согледа огромна светлост. Клетвата се растури и Сонцето на Правдата со Својата силна светлина ни осамна. Љубовта нека нè обзема и нека продолжи да се шири и да ги облагородува сите срца на земјата.

Христос се роди, Навистина се роди!

За многу години, Амин!

 
< Претходно   Следно >