Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow „Лествица“ - ново издание на епархијата
„Лествица“ - ново издание на епархијата
27.11.2018.

Sample ImageСо благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се подготви и се испечати книгата „Лествица“ од свети Јован Синајски (Лествичник). Книгата од грчки јазик ја преведе свештеник Јани Мулев од Велес. Ова најново издание на издаваштвото на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ може да го најдете низ сите храмови на Повардарската епархија или да се порача на тел. 043 221 231 или на е-пошта: Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете  

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор

Пред да кажеме нешто за Лествица, најнапред да се запознаеме со авторот на овој монашки буквар, светиот Јован игуменот Синајски. За него нема сигурни податоци, светиот Димитриј Ростовски претпоставува дека тој е син на светите Ксенофонт и Марија, дека потекнува од Константинопол, а според други, дека е роден во Палестина или Египет. Се смета дека е роден во 525 година, а се упокоил во 610 година, или неколку години подоцна. На возраст од само шеснаесет години, со веќе стекнато енциклопедиско образование, заминува во Синајскиот манастир (Света Екатерина) кој бил изграден од светиот цар Јустинијан, кај игуменот Мартириј. Четири години по неговото доаѓање бил замонашен од страна на старецот, а по неговото замонашување авва Стратигиј ќе објави, преку неговиот дар на прозорливост, дека „се роди голема ѕвезда“, а авва Анастасиј Синајски ќе прорече дека младиот Јован е идниот игумен Синајски. Поради неговото сестрано образование и мудрост бил наречен Нов Мојсеј, поради новонапишаните таблици за духовното искачување, и како „схоластик“, т.е. школуван, оној кој има големо и пространо образование. Поминал деветнаесет години под раководство на старецот Мартириј, примил ѓаконски и свештенички чин, а по упокојувањето на старецот, откако претходно се советувал со него и добил благослов, заминува во пустината Тола, која била оддалечена од манастирот на два часа пешачење, за да живее како пустиножител. Во тој период посетувал многу старци и духовници и нивните поуки ги собирал и запишувал, па потоа, при составувањето на Лествицата, сите овие поуки ќе ги употреби во неа. Овие години ги поминал во големи духовни борби, со падови и подеми, со многу молитви, солзи, читање на Светото Писмо и делата на богопросветените свети отци.

После четириесет години пустиножителство, на возраст од седумдесет и пет години, од страна на Синајското братство бил избран за нивни игумен и духовник. Иако не сакал да ја напушти пустината, браќата буквално го принудиле да го возглави нивниот манастир, да биде за нив нов Мојсеј, кој ќе ги изведе од ропството на фараонот (страстите и гревовите) и ќе ги воведе во ветената земја (Царството небесно). Со тешко срце ја напуштил омилената исихастичка ќелија, и се вратил во општожитието, каде што се посветил на духовно раководство и исцеление на браќата од манастирот. Неговата слава се проширила уште повеќе, така што дури и папата Григориј Велики имал преписка со него. Многумина барале од него совет и духовно раководство, а еден од нив бил и игуменот од Раитскиот манастир Јован, чиј што манастир се наоѓал на триесет километри од Синајскиот манастир. На негова молба, за да имаат тој и другите игумени и духовници некакво духовно раководство, за да не импровизираат во духовниот живот, туку систематски да ја водат духовната борба, светиот Јован Синајски ја напишал прочуената Лествица. Четири години го раководел манастирот, и потоа како негов наследник го поставил неговиот роден брат Георгиј, а тој се вратил во возљубената пустина, далеку од луѓето, но во близина на Бога. Се упокоил по завршувањето на зимата, во првите денови од пролетта, па затоа и Светата Црква го слави неговиот свет спомен на 30 март/12 април, како и во четвртата недела од Великиот пост.

Неговото единствено сочувано дело, насловено како „Лествица“, го добило насловот по небесната Лествица од видението на старозаветниот патријарх Јаков, која започнува од земјата и завршува на небото, а на самиот нејзин врв стои Христос. Бројот на скалила е триесет, затоа што на таа возраст се сметал и Христос за зрел и тогаш излегол на проповед, па така и со поминување на овие триесет скалила, монахот станува зрел. Првите дваесет и три скалила се посветени на борбата со страстите и гревовите, а последните седум на стекнувањето добродетели. Таа е напишана првично како монашка книга, посветена на духовниците и игумените во манастирите, и затоа блажениот светогорски старец Георгиј Капсанис вели, дека секој монах под својата перница треба да ја има Лествица. Во неа е преточен сиот монашки опит, сета борба која ја поминува секој монах, и која треба да се води правилно, според поуките на поискусните во духовниот живот. Но, оваа книга треба да им биде позната на сите православни христијани, бидејќи сите сме повикани на подвиг, на духовна борба и преобразување и обожение. Кога духовниците, кои самите не поминале преку послушност низ скалилата на оваа небесна лествица, а бараат од своите духовни чеда да живеат според неа, во тој случај може да настане злоупотреба, но тука не е виновна самата Лествица, туку лошата човечка волја и намера.

На сите монаси, на сите свештенослужители и верен народ, кои водат духовен живот, им ја препорачувам оваа Лествица, да им биде раководство, да им биде извор на медоносни поуки за секојдневните искушенија, но и утеха и поттик за искачување на нови и нови скалила, а со секое искачување кон нејзиниот врв, да бидеме поблиску до Бога, се разбира, колку поблиску до Него, поблиску и до нашите браќа и сестри во Христа.

Благословот и молитвите на светиот Јован Лествичник да бидат со сите оние кои ја читаат неговата Лествица и кои со искреност се трудат да се искачуваат по неа. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 
< Претходно   Следно >