Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на Митрополитот Агатангел на АЦНС
Слово на Митрополитот Агатангел на АЦНС
9.10.2018.

Слово по повод 60-годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија

 Како што сончевата светлина и топлина го храни и поттикнува животот на земјата и неговиот опстој, така и духовната светлина, односно Божјата благодат, е неоходна за да расте и да се развива духот на човекот, кој живеејќи праведно и чинејќи дела на милосрдие, го облагородува целото создание, станувајќи преку тоа сотрудник на Бога. Она што е сонцето за материјата, тоа е Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија за нашиот македонски православен народ. Охридската архиепископија, повеќе од еден милениум е нашето најскапоцено училиште, нашата највредна работилница на духовната просвета, каде се создавала базата и се удирале темелите врз кои се градел целиот напредок и сиот духовен развој на православниот народ во нашата древна татковина Македонија. Сите ние, посредно или непосредно, сме родени, воспитувани, пазени и закрилени под нејзиното спасоносно лоно и нејзината топла мајчинска прегратка. Словото Христово и Светото Апостолско предание и ден денеска свето, чисто и неосквернето се чува и проповеда во македонските духовни светилишта, правејќи од нас верни синови и керќи Христови, кои достојно ја пазат и слават наследената бесценета духовна традиција од нашите славни предци и духовни патријарси.

Охридската архиепископија со вистински и благословен наук ја напојува жедната македонска земја, посветено и грижливо посадува, р‘ти и израснува нежни фиданки од дрвото на животот и во исто време ископува бунар и создава кладенец од кој веќе 1000 години истекува бистриот поток на животворната вода Христова. Преку Павловата мисија и проповед најпрво бил разгорен факелот во македонската душа, кој неизгаснат, со истата сила, и ден денеска се чува како најголема и највредна народна светиња. Потоа, преку жртвата и самопрегорот на Светите Браќа, Светите Седмочисленици и на сите македонски светители бил озарен и просветен целиот македонски и словенски род, а македонскиот јазик, поточно, македонскиот солунски дијалект, станал носечки столб на целата словенска култура, духовна просвета и народна словенска писменост. Од овде, од Македонија, источните народи ги примиле првите богослужбени книги на црковнословенско писмо, кое било создадено од првите македонски апостоли, учители и просветители. Овој дух на светите рамноапостолни Кирил и Методиј и ден денеска ја нема напуштено нашата Света Црква. Нивниот жив збор и евангелската љубов кон луѓето, нивниот вечен лик и нивното свето дело се длабоко врежани во сечие македонско срце и во секоја македонска душа која активно се црквува и спасува во парохиските заедници во Македонија.

Значењето на Охридската архиепископија е огромно и непроценливо, бидејќи, преку нејзината вековна мисија и евангелско човекољубие македонскиот народ го зачувал својот јазик и својата идентитетската посебност, па затоа, со молитвен вознес и огромен сенароден духовен пиетет годинава ја прославуваме илјадагодишнината од нејзиното формирање. Малку народи во светот имаат можност да прославуваат вакви јубилеи и значајни историски настани. Токму Охридската архиепископија е потврда за древноста на македонскиот народ и неговата цивилизација, која на Европа во наследство ѝ оставила огромни и бесценети духовни вредности. Основна карактеристика на богољубивиот македонскиот народ е дека целата негова историја на свештени основи е поставена, а неговиот дух низ оганот на спасоносното трпение и покајание е прекален и возвишуван. Македонскиот народ, чува во својата ризница огромно духовно богатство, кое потоа братски и со многу љубов го дели и преумножува и со другите народи во сите временски и историски епохи. Благочестивиот македонскиот народ овие вредности и доблести и во иднина достојно, достоинствено и неосквернето ќе ги пази, а во исто време ќе создава и нови духовни бисери и достигнувања, со кои ќе бидат накитени и украсени идните генерации Македонци.

Задоени со Светиклиментовиот дух и раководени од Божјата Света Промисла, на 23 јули 1958 година, Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква, заедно со целокупното македонско благочестиво свештенство, најпрво донел одлука за свикување на Вториот Црковно-народен собор, кој помеѓу 4 и 6 октомври, истата година, се одржал во царскиот и архиепископски соборен храм „Света Софија“ во Охрид, и на кој била обновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква, а потоа бил усвоен и првиот Устав, според кој таа во иднина ќе биде раководена. На истиот Собор, Епископот Топлички г. Доситеј по потекло од Маврово, бил избран за прв поглавар на Македонската православна црква, кој ја добил титулата, „Охридски архиепископ“. Во 1959 година, Архиерејскиот собор на СПЦ се согласил со одлуките на Македонскиот Црковно-народен собор, а Одлуката за самостојност на МПЦ, што е еквивалент на автокефалност, била потврдена преку отслужувањето на заедничка Архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата „Свети Мина“ во Скопје, каде истовремено била извршена и хиротонија на Преспанско-битолскиот Митрополит г. Климент. По неколку дена, во црквата „Свети Никола“ во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум, со што конечно се конститутирал Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, а биле оформени и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во македонските епархии.

Помеѓу македонскиот народ се родила надежта дека конечно ќе биде разрешено македонското црковно прашање. Но, раководството на Српската православна црква неизвршувајќи ги преземените обврски, меѓу кои и тоа да ја претстави самостојната Македонска православна црква пред другите сестрински православни цркви, и понатаму настојувала одново да ги потчини македонските православни епархии под целосна своја јурисдикција, не срамејќи се од тоа на каков нецрковен, неканонски и перфиден начин ги присвоила овие наши епархии по Првата светска војна.

Поради ваквото мешање во внатрешните работи на Македонската православна црква и по неисполнувањето на преземените обврски од страна на СПЦ, Светиот Архијерејски Синод на МПЦ бил принуден да го свика Третиот македонски Црковно-народен собор, на кој е донесена одлуката за возобновување на автокефалноста на Македонската православна црква како наследничка на славната Охридска архиепископија.

На Вториот Црковно - народен собор е поставен темелот за идната црковна автокефалност. Македонскиот православен народ, по долги години на ропство и угнетување, во слобода ќе може да ја гради својата црковна иднина и на Бога да му го принесува највредното и најскапоценото од својата преубава душа. Во текот на овие 60 години по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, со голема љубов и трпение, се обновуваше запуштеноста на црквите и манастирите во Македонија, се создаваа богословските училишта, на македонски јазик се проповедаше Евангелието и постепено и трпеливо се градеше Телото Христово во нашата татковина. Македонците ја доживуваа Црквата како своја предобра и грижна мајка, како духовна работилница за спасение на душата и унапредување на личноста, а не како поробителка и алатка во рацете на алчните поробувачи. И по поминати толку години, за жал, сеништата од минатото повторно се појавуваат и го вознемируваат кроткото и мирољубиво македонско битие. Денес, не само што се одрекува македонската црковна автокефалност, туку се негира и македонскиот национален идентитет, а се загрозува и опстојот на македонската држава. Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид. Овие современи Понтиј Пилати и апостоли на немирот, надоградени со заслепувачка безумна омраза и со високото мислење за себе, кои се далеку од Бога и од Неговата Света правда и вистина, со години ја пеплосуваат македонската душа, го вознемируваат и разединуваат народот по сите основи. Но, македонскиот народ е умен, трпелив и сталожен народ. Ги знае своите потреби и интереси, добро ја владее ситуацијата и донесува правилни одлуки, тогаш кога се загрозува неговото достоинство и неговото право на живот и постоење. Ние, како Македонци и како Македонска православна црква, наследничка на великата Охридска архиепископија, и понатаму во слобода и автокефалност ќе ги славиме своите јубилеи, ќе го градиме мирот и љубовта во душите човечки, потпирајќи се на Исуса Христа и на Неговите спасоносни пораки и посланија. Македонската православна црква, посветено и предадено, и понатаму ќе го сее Словото Христово на нивата Господова, од каде ќе никнува свет, просветен и осветен македонски народ Божји.

Нека ни е вечна и вековита нашата татковина Македонија и нејзината душа - Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Господ Исус Христос, Неговата Света Мајка - Пресвета Богородица и сите македонски светители нека ни ги чуваат и бранат тешко стекнатата национална слобода и црковна автокефалност.

Бог да ја благослови и крепи Македонија, македонскиот народ и Светата Македонска православна црква - Охридска архиепископија.

 

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

       †Агатангел (Станковски)

 
Следно >