Мир без вистина - А. Каломирос |
18.02.2008. | |
1. Мир без вистина.
Трагичното искуство на последните поколенија му
донело на светот силна жед за мир. Сега мирот се смета за добро кое е поголемо
и од многу идеали за кои порано луѓето со радост ја проливале својата крв. За
ова многу придонесува фактот што војната честопати не е она што била во минатото
– конфликт помеѓу неправдата и правдата, туку станала конфликт без смисол,
помеѓу неправда и неправда. Искуството со лагата и лицемерието кое разните
партии го употребувале за да се покажат праведни во очите на своите
приврзаници, довело до тоа, луѓето да изгубат вера во постоењето на правдата и
да не успеваат да видат пред себе нешто, кое вреди да се брани. Па така,
војната, во било која форма, изгледа како нешто сосема апсурдно.
Ова противење, на еден дел од човештвото, на било
каков судир би било достојно за восхит, кога би било плод на духовно здравје.
Кога неправдата, омразата и лагата би престанале да постојат, тогаш мирот би
бил исполнување на човековата среќа. Единството би бил природен а не вештачки
резултат. Но, се забележува нешто сосема различно. Денес, кога сите зборуваат
за мир и единство, самољубието и омразата, лагата и неправдата, славољубието и
алчноста се во својата кулминација. Сите – секој на свој начин – зборуваат за
љубов кон човештвото. Но, никогаш не постоело поголемо лицемерие од оваа
таканаречена љубов. Љубовта кон нешто теоретско, измислено, како што е поимот
„човештво“, е исто така теоретска и измислена. Нема врска со љубовта кон
конкретниот човек кого го гледаме пред себе. Оваа љубов кон одредена личност,
кога постои, е единствената вистинска љубов. Таа е љубов кон нашиот ближен која
Христос ја бара од нас.
Овој конкретен човек со својата несовршеност и
слабости, наместо да биде сакан, тој е омразен во нашево време повеќе отколку
во било кое друго. Не само што е омразен, туку е и осудуван и понижуван и
сметан е за „предмет“ без некоја посебна вредност, средство за постигнување на
„повисоки цели“, дел од масата. Оние кои најмногу зборуваат за љубов кон
човекот и човештвото, за мир и единство, се токму оние кои го мразат својот
ближен, најмногу своите познаници. Тие го сакаат човекот – производ на својата
фантазија, тие не го сакаат конкретниот човек. Ова обожување на идолот „човек“
е всушност самодопаѓање, уживање во самиот себе.
Па затоа би било наивно некој да верува дека
пацифистичкото расположение кое го карактеризира човештвото денес, произлегува
од љубовта. Овие зборови за љубов се лицемерие и себеизмама. Желбата за мир
произлегува од губењето на идеалот, од страв и од љубов кон удобноста. Тоа е
желба да нè остават на мир да
уживаме во земските богатства. Тоа е заедничка соработка заради достигнување на
доброто, кое личностите одделно не би можеле да го добијат. Таа е сеопшт плод
на нешто што станало страст на целата земја: телесност и материјализам. Тоа е
производ на потребата.
Мирот за кој зборува светот е безусловна
капитулација на сè што е добро, свето и
велико, диктатура на тесноградоста, медиокритетството и млакоста. Тоа е бришење
на личноста на поединецот и народите, мармелад од компромиси и калкулации, море
од лицемерие, рамнодушност кон вистината и предавство на сè што е свето.
Војната е ужасно нешто, резултат на човечкиот пад,
и никој нема намера да ја фали. Но мирот за кој светот се ценка е нешто бескрајно
пострашно. Треската е многу непријатно нешто, но барем покажува дека организмот
реагира на нешто што му е туѓо. Мирот што сакаат да го воспостават, за жал не е
оној што доаѓа од победата над злото, туку оној што доаѓа од поразот. Отсуство
на треска во мртов организам...
На крај, мирот кон кој тежнеат луѓето не е само
мир на оружјето, туку и мир на совеста. Тие сакаат да го помират доброто зо
злото, правдата со неправдата, добродетелта со гревот, вистината со лагата, за
да здобиеме лажен мир на совеста.
|
< Претходно | Следно > |
---|