Преподобен Наум, Охридски чудотворец |
5.07.2018. | |
Со Божјата промисла и благослов, еве и оваа година го прославивме пречесниот спомен на преподобниот Наум Охридски, сотрудникот на светиот Климент, кои заедно го просветија македонскиот род и го преведоа во богопознание. Затоа и оваа година, манастирот во кој преподобниот Наум се подвизуваше и ги остави своите свети мошти, беше преплавен со неброен верен народ од сите страни, кој дојде да му ги принесе првите плодови на Преподобниот и да му принесе песни на пофалба и слава за неговите неизброени чудеса. Празнувањето на преподобниот исцелител започна ден претходно, на 02 јули, во манастирот „Св. Наум Охридски“, со Празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Васил Ристовски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. Торжествата продолжија утредента, на 03 јули, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Агатангел, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Тоди Јован од Албанската православна црква, свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васил Ристовски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Агатангел се обрати кон верниците со пригодно слово, во кое се задржа на подвигот на преподобниот Наум Охридски и на посветеноста на светиите кон Бога, која ги раѓа плодовите на љубовта. Повеќе информации на интернет страницата на Дебарско-кичевската епархија. |
< Претходно | Следно > |
---|