Светата Педесетница - роденденот на светата Црква - денот кога Светиот Дух во вид на огнени јазици се симна врз апостолите и ги направи носители на благодатта Божја, создавајќи од нив свет собор на сите оние кои се повикани за спасение на тој начин што со својот живот и со своите дела ќе се вградат во телото на Црквата, секоја година свечено се прославува во сите православни храмови насекаде по светот. Света Божествена Литургија се служеше и низ сите храмови во Повардарската епархија, а централното чествување на првиот ден од Педесетницата се одржа во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес, каде што Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија. На Литургијата, Митрополитот Агатангел, во рамките на чествувањето на јубилејот 40 години Повардарска епархија, на актерката Весна Димитровска-Бобевски и додели Орден за црковни заслуги на Повардарската епархија.
По причестувањето на дел од верниците Митрополитот и свештенослужителите пристапија кон служење и на Вечерната богослужба, која во овој ден се извршува веднаш по Литургијата. По големот прокимен од страна на Владиката и свештенослужителите беа прочитани трите долги молитви предвидени за овој ден. Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.
|