Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на Архиепископот за 40-годишниот јубилеј
Слово на Архиепископот за 40-годишниот јубилеј
23.05.2018.

СТЕФАН,

Архиепископ охридски и македонски

 

 Sample ImageДобро ве најдовме – верен народе и свештенослужители од Велес и други места од Повардарската епархија, добро Ве најдовме и Вас, Високопреосвештен владико, на овој ден за радост на целото Повардарие и за радост на сета МПЦ.

Дојдовме со браќата архиереи, со почитуваниот Претседател на РМ и другите поканети гости, за духовно да се радуваме и молитвено да ги одбележиме 40. години од постоењето на Повардарската епархија на МПЦ.

Слободата е незаменливиот дар Божји за секој човек и за секој народ. Па зар оваа година ќе одбележувавме 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија и 50 години од нејзината возобновена автокефалност во лицето на Македонската православна црква, ако ја немавме слободата, и духовна и национална, ако не стоевме во слободата со која Христос нѐ ослободи[1] и ни дава поткрепа истата да ја чуваме. И токму од таа слобода, во возобновената македонска држава, се родија плодовите, се остварија желбите на генерации и генерации духовници, народни будители, просветители, преродбеници, борци и поборници за наша духовна и национална слобода.

Нашата Света Црква, и во минатото и сега, го чувала, го чува и ќе го чува својот народ. Таа, покрај сувереноста на државата, е еден од главните столбови, неосвоена тврдина и неизбришлив белег во нашето вековно постоење. Неслучајно е нејзиното некогашно укинување, и уште понеслучајни се однесувањата на некои од Помесните православни цркви кон нејзиното возобновено постоење?! Затоа, незаменлива е слободата, и духовна и национална, и треба да истраеме во зачувувањето – и во име на оние коишто загинаа за таа слобода, како и за генерациите сегашни и идни.

А Велес, овој град – вековниот бдејач над Вардар, отсекогаш знаел дека никој друг нема да ни донесе слобода и никој друг не може вистински да ја ослободи Македонија, ни на национален ни на духовен план, освен самиот македонски народ. Овој град е со долго – милениумско постоење, некогаш познат како Вила Зора, освојуван уште од Филип V Македонски[2], Василиј II и Душан Силни, сардисан од Турците[3] и наречен Ќупурли – град на мостовите, запален од Австријците[4] и завладуван уште од многу освојувачи во текот на времињата.

Овој град е со богата историја, град во кој се родиле и растеле многу видни чеда од нашиот род, меѓу кои Џинот, Главинов, Гемиџиите, Брашнаров, Рацин и др. Овој е градот чии некогашни жители биле сведоци на едно мачеништво – погубувањето на Охридскиот архиепископ Варлаам, предводникот на сенародното востание против турската власт, кому му била отсечена главата и бил фрлен во реката Вардар. Многумина, пак, сегашни велешани беа сведоци, пред петнаесетина години, на едно предавство од тогашниот велешки владика – Вранишковски. Впрочем, знаел и знае овој град, кој ги бистрел, а кој ги мател водите на Вардар, знаел и брзо се справувал со оние коишто за туѓи потреби и лични интереси го предавале и продавале својот народ и Црквата.

Зародишот на духовниот живот на оваа територија почнува од времето на светиот апостол Павле. Дека црковното живеење имало свој континуитет, сведочат и базиликите во локалитетот Стоби, како и податоците дека Велес имал свој епископ за време на Охридскиот архиепископ Хоматијан (1215 – 1234). Сè до 1661 г. нема сигурни податоци за другите велешки епископи, иако од пописот на митрополиите што ѝ припаѓале на Охридската архиепископија, се гледа дека Пелагониската митрополија имала свои епископи во Прилеп и Велес. Оттогаш, пак се споменуваат разни имиња на епископи или духовници кои се во врска со епископското седиште во Велес. Така, во 17. век, Велешката епархија била одвоена од Пелагониската митрополија и директно била потчинета на Охридската архиепископија. Во историските хроники од тоа време, поточно во записот од 1670 година, се споменува Велешкиот епископ Јосиф во чие време се градел храмот посветен на „Свети Јован Крстител“.

По укинувањето, пак, на Охридската архиепископија во 1767 година, во изворите и понатаму се сретнува Велешката епархија. Така, за време на Бугарската егзархија, егзархистите поставиле свој епископ во Велес, а Цариградската патријаршија, во втората половина на 19. век, од Велешката и Дебарската, формирала Велешко-дебарска епархија. Дури при крајот на 19. век, Цариград дозволил да се постават и српски епископи во оваа епархија, па така во 1910 година, за Велешко – дебарски епископ со седиште во Кичево, бил поставен Варнава Росиќ, подоцнежен српски патријарх. Во обединетата Српска православна црква, Велешко-дебарската епархија била укината и поделена меѓу Охридската и Скопската епархија. Така, во периодот во кој немавме своја Црква, и овој град и оваа епархија, како и сета наша земја и народ, беа на удар на пропагандите од соседните балкански народи и Цркви. 

   Во возобновената Охридска архиепископија како Македонска православна црква, градот Велес ќе остане во Скопската епархија, а градовите Кавадарци, Неготино и Демир Капија влегле во составот на Преспанско-битолската епархија, додека, пак, Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран во Злетовско-струмичката епархија. Со формирањето на Полошко-кумановската епархија[5], иако во исто време е донесена одлука за формирање и на Велешко-повардарската епархија, која во тоа време не се реализирала, Велешкото намесништво ѝ било отстапено на управување на Полошко-кумановската епархија, сѐ до почетокот на 1978 година. Подоцна, во составот на Повардарската епархија е вклучено Струмичкото намесништво од Злетовско-струмичка епархија, кое останало во составот на оваа епархија сѐ до формирањето на Струмичката епархија во 1988 година.

За прв надлежен архиереј бил избран епископот Гаврил, подоцнежниот Архиепископ охридски и македонски, со титула Митрополит повардарски. Кога го споменуваме првиот нејзин архиереј, треба да истакнеме дека многу успеси на организациски план и духовен раст се поврзани токму со името на митрополитот Гаврил. Во негово време се изгради митрополитската зграда во Велес и резултат на неговото ангажирање се уште многу возобновени стари и изградени нови градби во Повардарската епархија и Струмичкото намесништво. Митрополитот Гаврил и по неговиот избор за Поглавар на МПЦ, раководеше со Повардарската епархија сѐ до изборот на митрополитот Михаил за нејзин надлежен архиереј[6], на кое место истиот остана до неговиот избор за Архиепископ охридски и македонски[7]. Во работата и на двајцата митрополити, посебно им помагаше покојниот прото-ставрофор Стојко Ристовски.

Во меѓувреме, до изборот на идниот надлежен архиепиеј, митрополитот г. Агатангел, до февруари 2000 г., со епархијата администрираше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Во март 2000 г., за администратор на Брегалничката епархија беше поставен тогашниот Дремвицки епископ Јован, кој од веќе познатите причини не поседе долго во Штип, па му беше дадена можност да се поправи овде, во Велес. Но, како што вели нашиот народ: волкот го менува влакното, но навиките – не! Така, не траеше долго неговото седење на повардарскиот трон, од декември 2000 до јуни 2002 година, за конечно во февруари 2003 година да биде расчинет и разрешен од сите должности во Повардарската епархија и МПЦ. Од јули 2002 година, до октомври 2006 година, со Повардарската епархија повторно администрираше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Тоа е период на смирување и стабилизација на епархијата, кога се изгради новиот дом за повардарските архиереи и се обновија и започнаа нови градби.

Со одлука на САС на МПЦ, на 8 октомври 2006 година, митрополитот г. Агатангел повторно се врати на тронот на Повардарската епархија и во негово време, со Божја помош, Епархијата доживува вистинска духовна обнова. Тој е неуморен служител, обновител и градител низ целата Повардарска епархија. Изгради нови храмови во Велес и Кавадарци, а гради во Валандово и Богданци, ги обнови и украси старите храмови во Велес, Неготино, Кавадарци и Демир Капија, а покажа и посебна грижа за Неготинскиот, Полошкиот и манастирот кај Согле.

Ова, како и она што веројатно ќе претстои, сѐ и ќе бидат достојни дарови и вистински влог во 40-годишниот духовен континуитет на Повардарската епархија, но и во овогодишните јубилејни чествувања на Македонската православна црква и на древната Охридска архиепископија.

Дај Боже вака и да се продолжи и посакуваме уште поуспешен напредок, зашто колку секоја епархија на МПЦ се изградува на духовен и на материјален план, толку повеќе се изградува и самата МПЦ.

Нека е честит епархискиот, како и јубилеите на МПЦ и Охридската архиепископија, што ги одбележуваме во текот на оваа година.

Милостивиот Бог, по молитвите на свети Климент и на сите светии од нашиот род, нека ја чува и оваа наша епархија и нашата света МПЦ.



[1] Гал. 5, 1.

[2] 217 г. пред Христа.

[3] Освоен е 1395 г.

[4] 1689 г.

[5] 1970 година.

[6] 1989 – 1992 г.

[7] 1992 – 1999 г.

 
< Претходно   Следно >