Старецот Сампсон роден е во 1898 година од татко гроф Еспер Александар Сиверс и мајка Ана, која била Англичанка. Бил крстен во англиканска црква и добил име Едвард, но во својара четиринаесетта година одлучил да премине во Православие. Примил миропомазание четири години подоцна, во 1916 година.
Веќе во 1917 година станал искушеник во манастирот на свети сава Крипетски, блиску до Санкт-Петербург, во 1919 година бил уапсен. Во истата година го стрелале во масовните погубувања и го фрлиле во заедничка гробница. Монасите дошле по неговото тело и откриле дека е жив. По закрепнувањето се вратил во служба на Бога и на Црквата. Бил потстрижан за монах и ракоположен за свештеник.
Повторно бил уапсен во 1929 година и испратен во Гулаг. Бил ослободен во 1934 година, но повторно бил уапсен три години
подоцна и осуден на десет години затворска казна. Тие години ги поминал во затворската болница. По истекувањето на казната, во 1946 година, властите одбиле да го ослободат, зашто им било потребно неговото медицинско знаење. Решил да им побегне. На чудесен начин поминал покрај стражата и поминал 7.000 милји низ Сибир. Во концентрационите логори поминал вкупно околу дваесет години.
Тоа што старецот не бил уапсен и што делувал пастирски – без било каква легитимација во текот на најжестоката сталинистичка ера и по неа – било Божјо чудо. Им бил духовен отец на многу монаси и лаици (верници кои живеат во светот), поставувајќи пред нив големи и строги побарувања. Старецот копал длабоко за да го искорне коренот на злото и самољубието од своите духовни чеда и ги всадувал во нив основните христијански добродетели – љубов, милосрдие и простување.
За време на прогонот врз христијанството, а особено врз монаштвото, во Русија многу млади боготражители, наместо да заминуваат во манастирите кои биле под надзор на советската власт, се собирале околу старците. Еден од таквите старци бил и јеросхимонахот Сампсон. Основале подземни, неформални, затворени братства и сестринства за да бидат со Господа и да растат во духовниот живот. Имало и тајни замонашувања.
Неверојатните маки и страдања на кои бил изложен старецот Сампсон го довеле до работ на трпението. Доживувањето на пеколот на земјата, и наспроти тоа, постојаната духовна радост и благодарност родиле во него оган на љубовта кон Христа.
Се упокоил на 24 август 1979 година.
Некои на неговото духовништво гледале со недоверба. Чудесните јавувања на старецот по смртта ги растерале таквите сомнежи. Некој свештеник, кој служел во Дивеево, како одговор на своите колебања сонил сон во кој видел многу древни старци и меѓу нив отецот Сампсон.
Старецот сè уште е жив во Русија, не само преку своето небесно посредување, туку и преку своите многубројни духовни чеда, кои продолжија да живеат според неговите совети и пример. Учениците на старецот ги чуваат неговите записи и плодови на неговата мудрост печатејќи книги и брошури за неговиот живот и поуки.
|