Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Нови изданија од Повардарската епархија
Нови изданија од Повардарската епархија
30.04.2018.

 

Sample Image

 

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се подготви и се испечати трилогијата „ПРОПОВЕДИ И БЕСЕДИ“ од Свети Филарет Московски. Книгите ги преведе дипломираниот теолог Гонца Анастасова-Запрова. Овие најнови изданија на издаваштвото на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ излегуваат од печат непосредно пред започнувањето на годинешниот Саем на книгата, така што сите оние кои сакаат да ги купат, можат да ги најдат на штандот на Македонската православна црква на годинешниот Саем на книгата или да ги порачаат директно од Повардарската епархија на тел. 043 221 231. 

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа трилогија.

 Предговор

Светиот Филарет Московски е роден на 26 декември 1782 во гратчето Коломна, од семејство во кое имало повеќе свештеници. Поради неговата длабока вера се запишал во духовна семинарија, и таму се покажал неговиот возвишен проповеднички дар, за кој, дури и најдобриот проповедник, митрополитот Платон, кој и го ракоположил рекол: „Јас проповедам човечки, а Филарет – ангелски“. Иако бил многу млад, сепак, според евангелските зборови, дека светило не се крие под поклоп, така и тој не можел да ги скрие многубројните таленти.

Во 1808 година примил монашки постриг од страна на митрополитот Московски Платон, а набрзо бил ракоположен во ѓаконски чин. Му било дадено послушание да предава и да проповеда. По две години бил ракоположен во јеромонах, и постојано бил ангажиран како професор или ректор во богословските школи. Поради добрите проповеди неговото име се прочуло насекаде, особено меѓу образованите луѓе. Му била доверена голема задача, да го преведе Светото Писмо на руски јазик. Собрал тим од одлични преведувачи, и самиот тој учествувал во тоа дело, но не било целосно завршено. Во 1817 година бил ракоположен за епископ, викар на Петербуршката епархија, а по две години му била доверена Тверската епархија како архиепископ и член на Синодот. Во 1821 бил преместен во Московската катедра. Во 1823 бил испечатен неговиот Катехизис, кој набрзо бил преведен на повеќе јазици.

Неговото пастирско служење не било без проблеми и недоразбирања, дури имало обиди за негово оддалечување во далечна епархија, но светителот со велик дух сето тоа го претрпел и за неколку години почнале кај него да доаѓаат за совет многу архиереи, пастири, како и императори, кнезови, министри и сенатори, губернатори и генерали. Иако бил послушен на царот, сепак откажувал послушност секогаш кога барањата на царот се косат со неговата христијанска совест.

Освен несреќите и сиромаштијата, рускиот народ страдал од страста на пијанството, па светителот многу се грижел за оваа состојба и се трудел со разни мерки да го одврати доверениот му народ од оваа страст. Најголемо дело го сметал служењето на Божествената литургија, па така, и во длабока старост, служел Литургија секоја недела, освен кога бил спречен поради болест.

Многу голема радост имал при осветување на нов храм, па во неговото архиерејско служење осветил десетици храмови. Редовно проповедал, со тивок глас, бавно, никогаш напамет, туку секогаш читал од хартија. Благодарение на неговите запишани проповеди денес имаме огромно богатство за целата црква.

Не се грижел толку за формалното уредување на епархијата, туку повеќе за духовното изградување. Некогаш бил благ и снисходлив, а некогаш строг, секогаш раководејќи се од доброто на Црквата и спасението на човечките души. Особено се грижел за Московската духовна академија, каде што под негов надзор бил започнат голем труд – превод на делата на светите отци на руски јазик.

Не сакал човечки пофалби, и кога некој така ќе му се обрател, луто и остро го укорувал да не му дава епитети, кои тој не ги заслужува. Со тоа покажувал дека работи за Господ, а не за своја слава и суета. Овој смирен и скромен великан на Руското православие, освен високото и сестрано образование, добродетелниот и строг подвижнички живот, се одликувал и со дар на чудотворство, кој го покажал во текот на неговиот живот, извршувајќи многу чуда.

На 19 ноември 1867 по отслужената неделна литургија, стариот владика бил да се измие лице, и тука ја предал душата на Бога, Когошто го возљубил со сето свое срце, со сета своја душа.

Неговите свети мошти биле положени во Троице-сергиевата лавра, заедно со моштите на светиот Инокентиј Московски. Канонизацијата на светиот Филарет била извршена во 1994 година, а неговиот свет спомен се слави на 19 ноември, денот на неговото упокојување.

Во трилогијата која ја имате пред вас се поместени голем број избрани проповеди за господовите, богородичните и светителските празници, проповеди при осветување на храмови, проповеди во чест на царските имендени и други избрани проповеди. Ова дело е големо богатство за нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска архиепископија, и Му благодариме на Бога што ни даде сили да го издадеме ова капитално дело. Искрено посакувам во секој православен дом да се најдат книгите на светиот Филарет, и по неговите поуки и молитви за нас, да нѐ води кон свет живот, живот во заедница со Бога и со ближните. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел 

 

 

 
< Претходно   Следно >