Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание 2018
Велигденско послание 2018
5.04.2018.

† А Г А Т А Н Г Е Л

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО  - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 Sample Image

 

Драги браќа и сестри!

Денес кога го славиме најголемиот христијански празник ја доживуваме најголемата радост со која е опфатена целата природа и со која се исполнува небото и земјата. Секоја година на Велигден го живееме најсветлиот момент од нашето постоење, зашто тогаш ни се открива вистината за нашето спасение, ни се отвора Портата на Небесата и се објавува победата над гревот и бесмислата. Обземени со силна вера и надеж во Воскреснатиот Христос ги победуваме сите овоземни искушенија, повторно го изградуваме нашето погазено човечко достоинство и со чисто срце и бистар ум се доближуваме до нашите ближни и ги сведочиме вистинските вредности во овој земен живот. Свечената Трпеза на љубовта и благодатта за сите на овој свет е поставена, па затоа со вера да пристапиме и без никаков страв да вкусиме, зашто Воскреснатиот Домаќин е благ и милостив. Сите можеме да ја ползуваме Неговата благост и да се насладуваме со Неговото пасхално прославување.

Драги браќа и сестри!

По Воскресението Христово човечката телесна смрт е само привремен сон. На луѓето им се отворени Небесните двери со поставени скалила од земјата до небото, каде што воскреснатиот Спасител, седејќи оддесно на Божјиот Престол го подготвил вечното царство на мирот и радоста во Светиот Дух. Воскреснатиот Христос ни покажа дека смртта е немоќна и обесилена. Преку Воскресението победува животот, па затоа ова е ден на радоста и надежта. Христос воскресна и со тоа ја покажа божествената и спасоносната сила која е во Него. Таа моќна и благотворна сила најсилно допира до човечките души во пасхалните денови. Радоста поради Христовото воскресение не ги обзема само луѓето, туку и небото и земјата, сета видлива и невидлива природа. Насекаде се покажува и насекаде триумфира силата на животот. Пред да Воскресне Христос, светот престојуваше во мрак и темнина. Но во тој мрак засвети вечната светлина и темнината не можеше да ја победи. Затоа на денот кога го празнуваме Воскресението носиме запалени свеќи, кои ја символизираат непобедливата сила Христова, која е светлина и живот. Светлината и животот едно од друго се неразделни и неделиви. Каде има сонце, таму има и живот, зашто животот не може да опстои во темнина. Истото се случува и во духовниот свет - таму каде има духовна светлина, каде Евангелската светлина свети во душата на човекот, таму има и духовен живот и бесмртност, таму има светлина која од Бога излегува и која го преобразува и исполнува човекот.

Драги браќа и сестри!

Му благодариме на Бога што во оваа година ќе нè удостои да ја прославиме илјадагодишнината на Охридската архиепископија. Годинава исто така ќе ја прославиме и 40-годишнината од формирањето на Повардарската епархија, а ќе ја одбележиме и 60-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Овие големи и значајни јубилеи сведочат за тоа дека не сме дрво без корен, ниту живеалиште без цврсти темели. Целата наша македонска историја на свештени и духовни основи е поставена. Македонците имаат причина за радост, зашто во овие 1000 години, по сите вековни премрежија и неволји успеале да го зачуваат своето име и својот национален и духовен идентитет. Сеќавањето на нашето славно минато нека нè заврсти и соедини во овие тешки времиња кои како македонски народ сега ги живееме. Не смееме во никој случај да го загубиме достоинството кое преку многу жртви и одрекувања го граделе нашите предци. Нашето име е македонско, такво сме го носеле илјадници години, како такво треба и да го предадеме на идните генерации. Ни даде Господ, после долгогодишни страдања и негирања, да имаме сопствено парче земја на кое ќе можеме во правда и слобода да живееме. Па, затоа да не паѓаме со духот, да останеме бодри и правилно насочени и да го одбраниме нашето право да имаме сопствена држава и да се нарекуваме Македонци.

Денес, кога го славиме Велигден, да прибегнеме во Божјата закрила. Господ Бог нека нé крепи во здравјето и во нашите напори да бидеме подобри луѓе. Воскресението е почеток на нашето духовно исцеление и на секое добро, кое секогаш победува. Да се помолиме, драги браќа и сестри, Христовата воскресна светлина да ги облагороди нашите срца и да ги просвети нашите животи. Нека ги утврди Господ во нашите семејства верата, љубовта, правдата и милосрдието. Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и веселиме во него. Ваквата мисла никогаш да не исчезне од нашите срца.

 

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

 

Велес 2018-то лето Господово

 

Митрополит Агатангел

 
Следно >