Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Репортажа од Белорусија
Репортажа од Белорусија
26.02.2018.

Велешкиот хорски православен бисер повторно го обели образот на Повардарието

(репортажа за младинскиот црковен хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес)

 

„Воспејте му на Господа песна нова, пофалба за Него нека се чуе во храмот на светиите“

Преку пеењето, единствено само преку пеењето на нашите срца и души, ние  можеме да Му се приближиме на Бога. По примерот на ангелскиот чин и ние луѓето на земјата најдовме вистински начин да Му ја искажеме нашата благодарност на Творецот и Создателот на светот. И тоа пеење, тој израз на нашата човечка љубов, низ текот на човештвото постојано говори за нашата внатрешна преобразба, за нашето духовно напредување, за нашето личносно поистоветување со Бога, па затоа и бараме „песни  нови“ и нови начини на интерпретирање на молитвите, со тоа оставајќи го белегот на едно време, и на тоа како верните во тоа време го доживеале Божјото присуство.

            „Еве сега е тоа време благопријатно, еве сега е тој ден на спасението“. Времето во кое што ние живееме, драги мои, и ја имаме честа да се радуваме на едно такво рамноангелско пеење и таков рамноангески  хор, на еден таков висок квалитет на млади личности и гласови, кои ги украсуваат храмовите во нашиов град и Епархијата. Говорам за младинскиот црковен хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, и за честа која што ја имаа и оваа година со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а под диригентската палка на професор Веселинка Маџарова Андова, далеку од нашиве граници повторно да бидат нашиот достоен репрезент, нашиот бисер и украс во православна Белорусија, учествувајќи на Меѓународниот фестивал на православна духовна музика „Коложенски Благовест“ кој по седумнаесетти пат беше одржан од 08 до 10 февруари под покровителство на Гродненската епахија и Архиепископот Гродненски г. Артемиј.

            Честа и препораките од претходниот труд за досегашното нивно залагање, како и меѓународните успеси со кои сите ние претходно се радувавме, овие млади души како да го крунисаа со учеството на овој висококвалитетен фестивал, каде што во многу силна конкуренција на високообразовани и академски хорови од целиот свет, успеаја да го освојат високото второ место и лауретатот за признание и потврда на нивните духовни квалитети и со тоа, да го потврдат плодот од семето посеано на светите браќа Кирил и Методиј и нивните свети ученици Климент и Наум на овие наши македонски простори. Тие, иако мали по години и по раст,  покажаа и еве уште еднаш докажаа дека се достојни рамо до рамо да се носат со многу поискусни хорови од многу поголеми православни земји и народи. Токму затоа, овој успех претставува уште една голема потврда за нивниот квалитет и се надевам поттик за уште поголем влог во нивното макотрпно работење и напредување.     

            После макотрпниот и долг пат, кој што беше поделен со преноќиште во градот Кошице - Р. Словачка и после цели два дена патување, црковно - младинскиот хор во утринските часови на ден 08. 02. 2018 година пристигна во градот Гродно и после прекрасниот пречек и сместувањето од страна на домаќините и организаторите следуваше мал одмор од патот.  

Во поладневните часови веќе беше организиран пријателскиот концерт во катедралната црква на градот, на која му претходеше тонска и генерална проба, како и запознавање со останатите хорови и со условите на натпреварувањето. Нашиот младински хор ја имаше таа чест да настапува во истата вечер со рускиот катедрален камерен хор на храмот „Христос Спасител“ од Москва, чија што појава и организираност преставува одреден репер за скоро цел православен свет. Радоста и озареноста на лицата на сите присутни беше очигледна, а нема да бидам нескромен ако кажам дека аплаузот со кој беа наградувани нашите младински бисери беше прилично подолг од аплаузот на сите останати хорови кои настапуваа во истата вечер. Појавата на овие млади луѓе и нивната посветеност ги пленеше сите присутни, особено со делот во кој што се преставуваше македонската култура и песна, преку пеењето на наши изворни македонски песни. Беше вистинско уживање да се слушаат тие долги аплаузи, да се гледа таа љубов која што им беше дарувана за возврат на нашите дечиња, тие прегратки и извици со кои ги враќаа на повторно пеење, не сакајќи да престане оваа убавина. А радоста во очите на професорката беше бескрајна, затоа што ова пред се беше валоризирање на нејзиниот труд и посветеноста, која раѓа вакви плодови. Со таква опуштеност и леснотија хорот го напушти храмот и се вративме во хотелот, затоа што следниот ден ни престоеше главниот настан - натпреварувањето во духовна конкуренција.

Следниот ден, во раните утрински часови се упативме повторно кон Катедралниот Гродненски собор, каде што нашиот хор беше пречекан со секакви почести, со директни вклучувања на националната телевизија на Белорусија, со интервјуа на диригентот и со многу други пропратни настани, кои заради вниманието кое им беше посветено им годеа на сите членови на хорот. Беше изведена 20 минутна програма на духовно пеење, која се состоеше од следниве духовни изведби: „Утоли моја печали“(акатистен кондак);  „Пријдите ублажим Јосифа“; „Достојно јест“; Дјева днес“(кондак на Божик); Величанију Кирилу и Методију“(Т.Скаловски); „Радујсја Благодатнаја Богородице Дјево(тропар на Сретение Господово - авторско дело на проф. Веселинка М. А.)“

Задоволството беше видливо на лицата на сите членови на хорот, а особено на диригентот, кој што на јавна сцена упати пофалби до сите, а особено до најмалите, кои за прв пат имаа вакво „огнено крштевање“. „Особено сум горда и радосна затоа што со големото подмладување на хорот и со примањето на новите членови, звучиме така моќно“ - рече диригентот во оваа пригода, па продолжи: „Да се биде дел од една толку висока конкуренција и да се биде вака запазен од сите присутни ... Нема поголема среќаза мене моми, ви благодарам“ - заврши таа. Пладневните часови од денот беа исполнети со слободни активности и прошетка низ новиот дел на градот.

Утредента, според распоредот на организаторите, нашиот црковен младински хор зеде учество во Божествената Литургија во храмот посветен на „Виленските маченици“, на која началствуваше старешината на храмот - свештеникот Андреј Нозрин. Идиличен момент - црква изградена целата од дрво, полна со верен народ. На крајот од тоа прекрасно Божествено Тајноводство, тој јавно им се заблагодари од името на сите присутни за нивното прекрасно ангелско пеење и за тоа што им го збогатија и разубавија нивниот храм и денот. Од благодарност им беа поделени и иконки со ликот на Св. Спиридон Чудотворец, кој што се празнувал како втора слава на овој храм, а веднаш после Литургијата старешината приреди и трпеза на љубовта за сите членови на хорот. Потоа, имавме мала прошетка низ стариот дел на градот, каде што посетивме голем дел на културно - историски споменици и цркви, меѓу кои најзапазена беше црквата посветена на серуските просветители Борис и Глеб, лоцирана покрај брегот на големата река Неман, како најстара црква во Гродно.

Исполнувајќи го целото попладне со активности, се упативме кон „Театарот на драмата“, каде што требаше да се одржи завршниот гала - концерт и свеченото затварање на фестивалот. Особена радост за нас преставуваше средбата која што ја остваривме со Архиепископот Гродненски г. Артемиј, на која што, од наша страна беа пренесени поздравите и благословите упатени од нашиот Митрополит Повардарски, како и поклоните кои што Тој ги прати за таа пригода. Од страна на Архиепископот пак, беше упатена „голема благодарност за прекрасното пеење на дечињата, кои што ги забележал“ како што рече: „и кои му оставиле особен впечаток на фестивалот“.

После најсреќниот момент за сите присутни - доделувањето на наградите и освојувањето на тоа големо признание, одредени хорови, по избор на стручното интернационално жири, се преставија со најзапазените точки по нивниот избор. Меѓу тие хорови беше и нашиот младински црковен хор „Св. Кирил и Методиј“, кој уште еднаш им оддаде слава и пофалба на нашите просветители, исполнувајќи го повторно „Величанието на Светите Кирил и Методиј“ од Т. Скаловски. Беше особено нестварно да се слушаат во таа огромна сала. Бев особено почастен и трогнат што можев да бидам дел од овој момент, пред се горд, затоа што сум дел од оваа македонска експедиција. Аплаузи од кој човек може да се наежи, стоечки овации на присутните се додека не излезе и последниот член од бината. Каква ли само потврда за нашето право - славие на Бога. Колку ли само прекрасни благослови, затоа што покажаа како со чисто срце се слави Троичниот Бог.   

После овој настан, исполнети со прекрасни искуства и со многу убави емоции, збогувајќи се со нашите домаќини, со нашите водители (Саша, Дариа, Даша и Маша), кои беа со нас во сите мигови подготвени да притекнат на помош, го напуштивме Гродно и Белорусија, оставајќи зад себе и печат и белег за нашата култура и пред се за нашата Света Црква.

Со Божјата помош и со благословот на Митрополитот Агатангел, се вративме во нашиот град живи и здрави и пред се побогати за едно ново искуство, за една нова култура, за уште еден нов бисер во низата на ѓерданот наречен младински црковен хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес.

подготвил: протоереј Борислав Бобевсски

 
< Претходно   Следно >