Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово во Неделата на православието
Слово во Неделата на православието
26.02.2018.
 

            Во името на Отецот, Синот и Св. Дух,

            Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри, православни христијани

            Овој ден, првата недела од светиот пост, неделата на православието е издигнувањето на чесните и свети икони. Се радуваме Господи гледајќи го враќањето на нивното пристојно почитување. Црквата Христова го прими празнувањето на она што се случи за време на иконоборството. Најнапред дозволете ми, како вовед на оваа тема да го исползувам синаксарот за како светите икони беа непристојно исфрлани. Кога по Божјо допуштање царската власт ја приграби Лав (III) Исавријанец, кој пред тоа беше чувар (пастир) на магариња и свињи, а црковната управа ја зеде светиот патријарх Герман, веднаш овој (патријархот) беше повикан од оној (царот) кој му рече: „Слушај, владико! Мене ми се чини дека светите икони во ништо не се разликуваат од идолите, затоа нареди што поскоро да ги изнесат одовде. Ако тие се вистински ликови на светители, нека ги кренат повисоко, за да не би, валајќи се во гревови, да ги осквернуваме секогаш кога ги целиваме”. Патријархот, пак, го одвраќаше царот од таквата зла помисла, велејќи му: „Зар ти, цару, не си слушнал како побесне некој си по име Конон, кој бил против иконите”? А царот му вели дека тогаш тој бил се уште млад. Но бидејќи патријархот не сакаше да се покори и да го послуша, царот го прогони, а на негово место го постави својот едномисленик Анастасиј. И така тогаш почна гонење против иконите, се до 7 вселенски собор и Светата црква повторно ги доби своите икони. Се до ѕверообразниот Лав (V) Ерменин кој, измамен од некој злочестив монах, почна ново гонење против иконите. И пак Црквата Божја беше нагрдена. Него го наследи Михаил (II), а Михаила го наследи неговиот син Теофил кој продолжи со гонењето на иконите. Овој Теофил предаде на различни мачења мнозина од Светите Отци. Против чесните икони тој издаде указ во кој бараше: секој оној што во градот крева бунт, нема да дочека многу денови. По дванаесетгодишно такво владеење, тој се разболе. А царицата Теодора (неговата сопруга), кога заспала, на сон ја видела Пречистата Богородица, како го прегрнала Предвечниот Младенец, окружена од пресветли ангели, кои го биеја и понижуваа нејзиниот маж Теофил. Кога неа ја напушти сонот, и кога Теофил си дојде малку на себе, тој повика: „Тешко мене, бедниот: јас сум биен поради светите икони”. Веднаш потоа царицата ја положи врз него иконата на Богородица, молејќи и се со солзи. Потоа царицата ги извади од своите ковчези светите и чесни икони за да ги целива, и го учеше и Теофила да ги почитува со сета душа. По малку време Теофил си замина од овој живот, а Теодора ги повика оние што беа во прогонство и во затворите и им заповеди да живеат слободно, а царицата ја извади иконата на Богородица што ја носеше обесена на вратот и, пред сите присутни, ја целива велејќи: ако некој не ѝ се поклонува на оваа (икона) и со љубов не ја целива, не како служење, не како на богови, туку како на икони (образи), поради љубовта кон првообразите (архетиповите), да биде проколнат (анатема). А тие се зарадуваа со голема радост. За возврат, таа побара од нив да се молат за нејзиниот маж Теофил, и тие направија сеноќен молебен на Бога за Теофил, при што сите се молеа со солзи со продолжено молење. Ова го направија во првата седмица од постот, собрани заедно со царицата Теодора и со други жени и со други луѓе. Додека се случуваше сево ова, во петокот наутро на сон ѝ се стори дека се наоѓа кај некој крсен столб и како некои минуваат по патот шумно и виде како тие носат разни орудија за измачување; меѓу нив беше воден врзан и царот Теофил, со рацете врзани назад; бидејќи го позна, и таа тргна со оние што го водеа. Кога стигнаа до бакарната врата, имаше натприродно видение, некој маж како седи пред иконата Христова, кого го поставија спроти Теофила. Тој одвај ја отвори устата и рече: „Жено, голема е твојата вера; разбери дека, заради твоите солзи и вера, како и заради прозбите и молењата на моите слуги, и на моите свештеници, му давам прошка на твојот маж Теофил”. Потоа им рече на оние што го водеа: „Одврзете го и предадете го на неговата жена”. А таа, кога го зеде, замина веселејќи се и радувајќи се. Веднаш потоа и сонот ја остави. Ова го виде царицата Теодора. Патријархот, пак, Методиј, по молитвите и молењата што ги направи за него, зеде нова хартија, ги напиша на неа имињата на сите цареви еретици, вбројувајќи го меѓу нив и Теофила, и сите ги положи под чесната трпеза. Во петокот и тој виде некој голем и страшен ангел како влегува во храмот и, кога дојде при него, му рече: „Услишано е молењето твое, епископе, и царот Теофил доби прошка, немој повеќе за ова да Му здодеваш на Бога”. А тој, за да провери дали видението е вистинско, се симна од своето место, ја зеде хартијата, ја развитка и, за големо чудо, најде дека името на Теофила е избришано од Бога. Кога дозна за ова царицата, таа многу се зарадува и му прати порака на патријархот да ги собере во црквата сите луѓе со чесни крстови и со свети икони, за да им се оддаде почит на светите икони и да бидат известени сите за новото чудо. Наскоро сите се собраа во црквата со свеќи. Дојде и царицата со синот. Таму направија литија со светите икони, со божествените и чесни крстови и со свештеното и божествено Евангелие, па излегоа дури и до големото игралиште, викајќи: „Господи помилуј”. И така, откако пак се вратија во црквата, отслужија Божествена Литургија. На овој начин беа повторно востановени светите и чесни икони од гореспоменатите свети мажи, кои за нив проповедаа благочестиво и правилно ги славеа. А противниците и нечестивите и оние што не ги почитуваа светите икони, беа отфрлени и на проклетство предадени. Оттогаш овие свети исповедници определија ова свештено торжество да се извршува секоја година, за да не се случи некогаш пак да паднеме во истото злочестие.

            Од ова, драги браќа и сестри, можеме да заклучиме дека на 7 вселенски собор била осудена иконоборската ерес. Иконоборците ја отфрлале правоверноста на почитувањето на светите икони, но токму преку прогонетите монаси кои се сокривале во источното царство, особено во подземните пештери во Кападокија, длабоко под земјата сокривајќи ги светите икони и принесувајќи силни и горешти молитви пред нив, успеале да ја победат оваа ерес, да ја одржат православната вера и иконите повторно, радувајќи се и молејќи се пред нив, да бидат во нашите православни храмови. Но драги браќа и сестри, не само оваа ерес ја вознемирувала светата православна црква, имало и има мноштво обиди за делење на црквата и погрешно толкување на православното учење и затоа токму на денешниот ден, кој претставува победа на православието, ќе се потрудам по оваа тема да ги набројам и другите ереси кои ја напаѓале црквата и нејзиното единство. Но, за да ни биде појасно и за да бидеме подостоинствени во исказот на оваа тема, треба најнапред секој од нас да си одговори на прашањето што е ерес и што е еретик. Обичната претстава за еретикот лежи во основата и е синоним за разбојникот. За верните, еретикот е ист со разбојникот, кој се труди да направи некаква црковна поделба. Во минатото голем број еретици имале огромен авторитет меѓу народот. Доволно е да го споменеме Ариј, кој бил проповедник, мудрец и богослов. Бил силен авторитет во Константинопол, но откако црквата ја осуетила неговата ерес, тој е поразен, погазен од вистинската вера. Треба да споменеме и дека размислувајќи на темата ереси и поделби, основните еретички движења во историјата, биле поврзани со обидите на т.н. заштитници на православието. За зачувување на неговата чистота, како и за нудење на верните за полесно толкување на догмите. Па така и следниот еретик, заедно со неговата ерес со која ја сквернавел црквата, под изговорот да ја заштити православната вера и нејзината чистота, е Нестор кој верувал дека родениот од Дева Марија не е Бог, ами човек. Но, со помош на Богочовекот Христос и вистинската православна вера и оваа ерес е осуетена, а неговиот гревовен живот, православните христијани и светата црква го препознале, го отфрлиле и го осудиле. Вакви примери можат да се препознаат дури и денес, примери на ерес кои главната и основна цел е да ја разурнат црквата и вистинското православно учење. Како да ја разликуваме ереста и еретикот од вистинскиот  православен христијанин. Постои само еден начин, драги браќа и сестри. Имајте го ова постојано во умот, секоја ерес раѓа раскол, а каде има раскол таму нема љубов. Ако сретнеме некој човек кој вели дека се бори за чистотата на православието, а во неговите очи гори опасниот оган на гневот, тој е спремен да ја раздели црквата, тој е спремен да ја поколеба основата на црковното битие, во него нема љубов и тој е волк кој си прикрил во овча кожа. Таму каде што е љубовта, таму е и Бог. Ако љубовта не е тука, ниту Христос не е тука. Почитувањето на еден кон друг, љубовта која треба да биде помеѓу сите нас, таму не може да има поделби. И оваа наша света православна македонска црква, која е црква на маченици, кои со својата крв ја зачуваа да биде една и неделива, како своите очи. И ние сме должни да ја сочуваме во единството на светата православна црква, да ја чуваме како своите очи, поучувајќи се од страшните и опасни примери од минатото, но во исто време, вдахновени од подвизите на светите отци, кои преку 7 вселенски собори и го зачуваа, одбранија и одржаа единството на црквата Христова и го утврдија единствениот од Бога определен закон, законот на љубовта, преку кого се спасуваме.

            Благочестиви православни христијани, нашиот Бог Христос го нарекол Натанаил вистински израелец, зошто имал точно гледиште за идниот месија, и верувал во Бога според образецот даден од Мојсеја. Вистинската вера задолжително се комбинира со делата на побожност, зошто верата без дела е мртва. Да се испитаме самите себеси, дали ја поседуваме таквата вера. И денешната прва недела или недела на православието, е најсоодветно време да се испитаме себеси дали сме во верата, во онаа евангелска вера која Христос ја предаде на апостолите, тие на светите отци, а овие пак нам. Да го славиме триумфот на православието, но да се запрашаме колку сме вистински православни, колку вистински ја практикуваме и ја сочувуваме православната вера. Колку православни се оние кои одат во црква, главно заради да се наполнат со енергија, да избришат некој психички терет, а душата им останува со тешкиот товар од гревовите и страстите. Верата драги браќа и сестри, е главата на внатрешниот човек. Како што човекот со отсечена глава, веќе не е човек, туку миризлив труп, така и внатрешниот човек без православна вера е мртов. Спасителот не подучува, бидете мудри како змии (Матеј 10:16), зошто змијата кога ја каменуваат, најмногу ја пази главата. Така и ние треба најмногу да ја чуваме верата која е глава на внатрешниот и духовен човек и да сме подготвени да жртвуваме се за неа. Сега живееме во тешки времиња на повлекувања, но вистинскиот православен христијанин ќе ја зачува својата вера чиста, а својата совест неизвалкана. Браќа и сестри, ова е победата која го победи светот, нашата вера. Да не заборавиме дека многу наши претци биле подложени на маченичка смрт за оваа вера и благодарение на нивниот подвиг, ние сега сме македонци, православни, имаме убави христијански имиња. Да се потсетиме и на нашата св. маченичка Злата Мегленска, која им се спротивстави на турците во желбата да ја потурчат со зборовите „главата своја ја давам, но верата не ја давам“. Да ја чуваме православната вера како зеницата во нашето око, зошто без неа нема спасение. Господе Исусе Христе, спаси не и зацврсти не во верата. Нека оваа недела, недела на триумфот на православието, биде победа над сите победи, победа над сите ереси и за спасение на нашата православна црква и на секој православен христијанин. Амин.  

Проповедал:

Старешината при Црквата „Св. Кирил и Методиј“ - Велес

Протоереј ставрофор м-р Горан Панзов

 
< Претходно   Следно >