Божикно послание на Митрополитот Агатангел |
7.01.2018. | |
† АГАТАНГЕЛ По милоста Божја, Митрополит Повардарски, до свештенослужителите, монаштвото, и до сите верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, односно Повардарската епархија, а по повод Рождеството Христово - Божик, испраќа Архипастирски благослов и мир од Бога, поздравувајќи ги со величенствениот и торжествен поздрав, Христос се роди!
Откако била објавена веста за раѓањето Христово, целото Божјо создание, со восхит и огромна радост, заедно со небесните сили воскликнале и славословиле: слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Со смиреност и молитвеност во срцето пристапете браќа и сестри христијани, за заедно да се возрадуваме во Господа Спасителот наш. Денес, пред нашите очи се одвива дело свето и совршено, Бог стана човек, се објави нашата прослава, се облагороди и осмисли човечкиот живот, се отвори портата на Царството Небесно. Затоа, да ја разбудиме славата наша, да се накитиме со ревност за правење добри дела, да станеме достојни за Христовото име, да се облечеме во Божјата убавина, да станеме прекрасни и одвнатре и однадвор. Бог Троица ни се откри преку едносуштниот Свој Син, и преку тоа, Неговиот образ неизменето продолжува да блеска во сета Негова безвремена и непроменлива слава. И ако до тогаш човекот не можел целосно да се приближи кон Бога и да се присоедини кон сета Негова убавина, со раѓањето на Месијата и со Божјото снисходење секому му се даде можност да се воздигне до бескрајните небесни височини. Повеќе не постои слабото и немоќно создание. Исчезна, пропадна и се ограничи силата на гревот и неговото разурнувачко безаконие. Како што искусниот лекар согледува дека лекувањето на тешките болести се крие во силните лекови, така и Небесниот Лекар, поставувајќи го најсветиот и највозвишен лек во образот и подобието на човекот, го лекува човештвото заразено од смртоносната болест на гревот. Нашата слабост е надополнета со силата Божја, нашата неправда е избришана со правдата Божја, нашата темнина е осветлена со светлината Божја, а нашата смрт е укината со животот Божји. Ете ја славната тајна на денешниот ден! Ја живееме зората на животот и со радосно восхитени срца се возвишуваме кон Престолот на Севишниот. Раѓањето на Спасителот е најголемиот триумф на самиот живот, зашто смртта и тагата ја губат својата заканувачка сила. После овој благословен ден се издигнуваме над гибелта и од слуги адски во Божји чеда се претвораме. И така дојдете при Мене сите изморени и обременети од гревови, беди, несреќи и мачења на совеста, зашто ни се покажа знакот на спасението и на радоста. Дојдете при новородениот Младенец каде ќе станете незлобиви и кротки како деца. Дојдете кај Легнатиот во јаслите, оставете ја нечистотијата и духовната сиромаштија и на тоа место утврдете го почетокот на благочестивиот духовен живот. Дојдете кај Божјото Слово, Кое со тивок и ненаметлив повик чука на срцата човечки за во нив да ја всади верата, надежта и љубовта. Отворете се за оваа радост и воскликнете со Божјата Мајка: Мојата душа Го велича Господа, и Мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот Мој! Драги браќа и сестри, кога Бог требало да избере каде да се роди, Он го избрал малиот, напатениот и многупати поробуван и речиси отфрлен народ. Спасителот не дошол како страшен војник кој ги уништува и избива сите живи до смрт, туку се појавил како кроток, смирен и работлив човек, кој со својата тивка и ненаметлива проповед, наоружан со правдата и вистината, го преобразил светот подарувајќи му нова и ненадмината вредност. Оние кои се сметаат „Силни“ на овој свет можат да го заробат телото, но не можат да ја владеат душата на човекот. Со својата душа и со својата слободна волја владее само нејзиниот сопственик. Владеејќи се себе си да ги победиме стравот, зачмаеноста и апатијата кои го разурнуваат нашето општество и го обезличуват нашиот човек. Да бидеме духовно силни и достојни за животот кој го живееме и смирено, со многу љубов и со страв Божји да се бориме за зачување на своето вековно име и да не дозволиме да бидеме генерација од која во иднина ќе се срамат нашите синови и ќерќи. Како македонски народ, кој од памтивек се надева на Бога и на Неговата правда, да го надминеме ова искушение и да станеме Божји соработници во промовирањето на добродетелта и благочестието. Македонското име е нашата сегашност и нашата светла иднина, па затоа јавно и достоинствено да го одбраниме она што сме го наследиле и она што како наследство, чисто и неосквернето, треба да го предадеме на идните генерации. Македонскиот народ трпеливо, без ширење на омраза и без јад во душата, осенет од Божикната светлина, нека ги издржи сите искушенија. Праведниот Бог ги штити онеправданите и ги умудрува и охрабрува слабите и понижените. Во годината што изминува го прославивме 50-годишниот јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Се потсетивме на овој славен полувековен период, во кој и покрај сите негирања и омаловажувања изградивме Жива Црква - закрилничка и духовна спасителка на македонскиот народ. Нејзините вредности со многу љубов ќе треба да ги чуваме и во иднина да ги надоградуваме и обновуваме. Не смееме никако да заборавиме дека ние, македонскиот православен народ, од проповедта на апостолското семе се родивме и дека нашиот духовен корен е поврзан, запечатен и потврден во Библијата. Наши родители се Апостолите, а наши учители се св. Павле, св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Гаврил епископот Велички. Да си ја чуваме татковината Македонија и нејзината душа Македонската православна црква, зашто само во слобода може да се живее, а во ропство секојдневно да се умира. Ви посакувам браќа и сестри во многу љубов и духовен мир да ги дочекате божикните празници. Во Вашите семејства постојано нека престојува добрината, успехот и меѓусебното почитување. Вашите души нека бидат светилници на радоста преку кои од нашето општество ќе се растерува и уништува мракот на злобата и незнаењето. Христос е Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светов, искрено го молам Бога да ни го подава овој скапоцен дар во сите дни од нашите животи. Според мерата на тоа колку поединечно секој од нас расне во духот, толку ќе напредуваме и како народ, и како општество, и како Црква и држава. За многу години нека ни е празникот, Господ да ја благослови Македонија и македонскиот народ во неа.
Христос се роди! Навистина се роди! |
< Претходно | Следно > |
---|