Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Повик за да се сочува светото македонско име
Повик за да се сочува светото македонско име
18.12.2017.

Sample ImageОткако виде Бог дека сé што е создадено е добро и благородно, му го предаде на човекот светот за со многу љубов и благодарност да го владее и да го уредува Божјото создание. Првосоздадениот Адам паѓајќи во грев, ја наруши заедницата со Бога и место да излезе пред својот Создател со искрено покајание, тој одлучи да молчи, да се сокрие и неосновано и бесмислено да се оправдува. Многу зла и нечестивост се направени во историјата на човештвото заради тоа што човекот пред неправдата молчел и пред вистината се сокривал. Денес, кога интензивно се работи на уништување на нашето древно име и на нашиот македонски идентитет, не смееме како македонски народ да ја повторуваме грешката на нашиот прародител Адам. Не смееме да молчиме и да замижуваме пред страшната неправда која ни се подготвува. Преку нашата негрижа и незаинтересираност стануваме соучесници во неправдата. Да не се плашиме јавно да ја кажеме вистината дека името на нашата татковина е Македонија, а нашиот македонски национален идентитет е потврден и запечатен во најсветата книга - Библијата и дека неброени биле жртвите и одрекувањата на нашите великани за нашиот опстој и национално напредување. Доколку сега не реагираме ќе бидеме потсмев и поруга пред светот, ќе згазиме пред вечните идеали на нашите предци и ќе ја навлечеме на себе вечната осуда на нашите потомци. На „силните“ на овој свет им останува само силата и факт е дека тие можат да го заробат телото, но не можат да ја владеат душата на човекот. Со својата душа и со својата слободна волја владее само нејзиниот сопственик. Владеејќи се себе си да ги победиме стравот, зачмаеноста и апатијата кои го разурнуваат нашето општество и го обезличуват човекот. Да бидеме духовно силни и достојни за животот кој го живееме. Смирено, со многу љубов и со страв Божји да се бориме за зачување на своето вековно име и да не дозволиме да бидеме генерација од која во иднина ќе се срамат нашите синови и ќерќи. Како македонски народ да ја искористиме оваа шанса и со надеж во Бога и во Неговата правда да го надминеме ова искушение и да станеме Негови соработници во промовирањето на добродетелта и благочестието. Македонското име, кое од памтивек го носиме, е нашата сегашност и нашата светла иднина, па затоа јавно и достоинствено да го дигнеме својот глас и да го одбраниме она што сме го наследиле и она што како наследство чисто и неосквернето треба да го предадеме на идните генерации. Каде сте Македонци!

Митрополит Повардарски

г. Агатангел

 
< Претходно   Следно >