Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на Митрополитот Тимотеј, Неготино
Слово на Митрополитот Тимотеј, Неготино
7.11.2017.

Митрополит Тимотеј

Sample ImageВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше високопреосвештенство, пречесни отци, драги браќа и сестри,

Ми причинува особена чест, што ми е дадена можноста да ја отслужам оваа вечерна богослужба, во реновираниот и целосно преуреден свет храм, посветен на св. Атанасиј Велики. Самиот настан ја поставува својата тема, за што треба денес, на оваа вечерна богослужба, да говориме. Тоа, пред сѐ, е домот Божји, или како што ние го нарекуваме – храм.

Храмот е место во кое постојано престојува Божјата благодат. Секое место, за коешто се вели дека Бог престојува во него, може да се нарече дом на Живиот Бог, бидејќи домот е место за престојување. Но, најмногу, молитвените храмови, кои се прават со посредството и со љубовта на благочестивиот народ, се нарекуваат вистински домови Божји. Само во нив се извршува богослужение кое единствено Му приличи на Бога. Токму со таа цел тие се градат и се осветуваат. Во нив се извршуваат свештенодејствија. Се извршуваат светите тајни. Се исполнуваат песнословија. Во нив се упатуваат благодарствени славословија кон Бога. Во храмот се принесува бескрвната жртва на Небесниот Отец, односно Евхаристијата, во којашто и ангелите сакаат да проникнат (1. Петр. 1, 12). Преку светата Евхаристија, во Телото и Крвта Христови, ние се соединуваме со Бога, а преку Светиот Дух се осветуваме.

Ете зошто ние христијаните правиме нови, обновуваме стари, ги украсуваме и преуредуваме нашите цркви и манастири. Затоа ние во нив одиме, влегуваме, се молиме и ги оставаме сите овоземни грижи пред домот Божји и ја отвораме нашата душа и срце пред нашиот Создател, Промислител и Спасител. Во домот Божји секој христијанин кога влегува, влегува со почит и страв Божји. Влегува онака како што одиме на некој прием кај некој значаен и важен човек, од когошто зависиме, па внимаваме на сите наши постапки, на сите наши зборови, и внимаваме како да се однесуваме достоинствено и со уважување. Додека, пак, во храмот влегуваме пред нашиот Создател, пред Бога, пред Творецот на небото и земјата, на сѐ видливо и невидливо. Ние, во храмот, пред Бога ги изговараме најтаинствените нешта, коишто не би ги изговориле пред никого во овој свет, бидејќи знаеме дека нашиот Бог е милостив и подготвен е да ги слушне сите наши гревови, престапи и отстапки. Доколку искрено и молитвено бараме прошка за сите наши гревови, коишто сме ги направиле од младоста, па сѐ до староста, Бог е подготвен да ни прости, како што се вели и во параболата за блудниот син. Но, за тоа е потребна наша подготвеност, наша спремност и искрено и вистинско покајание. Покајанието, пак, значи признавање на своите престапи и желба да се поправиме, да го измениме нашиот начин на живеење и да бидеме подготвени да живееме според начелата на нашата вера и учењето на нашата света Православна црква.

Св. Ефрем Сирин вели: „Никој не се сопнува, кого Бог го поддржува“. Тоа значи дека на нашиот животен пат, во решавање на нашите животни проблеми, ние не се сопнуваме кога нас Бог нѐ поддржува. Но, тоа истото се однесува и на нашиот духовен пат, на нашето духовно растење и издигнување, бидејќи повикани сме да се искачуваме од оваа долина на плачот кон небото, кон височините на возвишеното, на праведното и на светото. Ние со нашите сопствени сили, колку и да се трудиме и какви енергии да употребуваме, без Божја помош, односно без Неговата благодат, нема да можеме да се одлепиме од материјалното и да се издигнеме кон небесните височини, за кое сме повикани и создадени, односно, да бидеме свети како што е нашиот Отец Небесен (1. Петр. 1, 16).

Па и овој свет храм, посветен на св. Атанасиј Велики, нека биде дом за молитва и за раздавање на Божјите дарови на сите коишто ќе влегуваат во него. Нека ги очистува, осветува и просветлува благодатта Божја, па да се издигнуваат кон царството небесно, сега и во сета вечност, а по молитвите на св. Атанасиј, така нека биде. Амин!

Вечерна - Преосветување храм „Св. Атанасиј Велики“ - Неготино

04. 11. 2017 година

Храм „Св. Атанасиј Велики“ – Неготино

 
< Претходно   Следно >