Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Поклоничко патување во Романија
Sample Image Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
 
Поклоничко патување во Романија
25.09.2017.

 

Sample Image

 

Sample Image Во периодот од 14 Септември (четврток) до 18 Септември (понеделник) 2017 Лето Господово, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а финансиски потпомогнат од Општина Велес и Градоначалникот м-р. Славчо Чадиев, камерниот црковен хор „Св. Вмч. Пантелејмон“ од Велес организираше поклоничко патување во Православна Романија.

Поводот за ова патување беше големиот љубилеј на нашата Света Македонска Православна Црква, духовно нахранување и надградување на вредните членови на овој хор, како и фактот дека ова доаѓа како еден вид награда за нивното досегашно залагање и нивните домашни и меѓународни успеси.

Прва дестинација за посета беше главниот град на Романија- Букурешт, каде што хористите, придружувани од протоереј Борислав Бобевски - парох од Велес, посетија повеќе духовни светилишта и се поклонија на мошти и реликвии на многу големи христијански светила.

Најпрво беше посетена црквата посветена на Светиот Василиј Велики, каде што беше изложен за поклонение Чесниот Крст Господов, како и мошти од повеќе други светители, од кои особена радост предизвикаа моштите на светиот Нектариј Егински. Овде хорот изрази кон Бога духовна благодарност, исполнувајќи неколку песнопенија.

Радоста продолжи со посетата на црквата Бисерика, посветена на Светиот Георгиј-Нови, каде се наоѓа дел од чесната десница на Светиот Николај Мириликиски. Овде хорот беше дел и активно зеде учество во Молебниот кој што се служеше во тој храм.

Потоа, посетата продолжи кон Патријаршискиот храм, кој се истакнуваше со своето благолепие и убавина и каде што дел од хористите исто така се поклонија пред моштите на светите цареви Константин и Елена.

Патот на духовното поклонение според Божјата промисла не донесе и пред синодалната црква, каде што се направи метанија и пред моштите на светите четириесет Севастијски маченици-Младенци. Овој храм исто така се одликуваше со посебна убавина преточена во мозаични изведби, кои беа украс на целиот храм.

Наредниот ден, продолживме кон крајната дестинација на ова поклоничко патување-градот Јаши. Попатно беа посетени и царскиот дворец Пелеш во месноста Синаја, како и дворецот во местото Бран. Во вечерните часови,  хорот пристигна во градот Јаши.

Следното утро-ден Недела, во утринските часови, откако сите накратко беа запознаени со животот и чудата на една од најголемите и најпочитувани светителки во Православието-Преподобната Параскева-Петка, заедно се упативме кон црквата на Светите Три Светители (Ерарси) во центарот на градот-каде што се наоѓа нетленото тело на оваа голема светителка.

Чувството да се биде дел од една таква заедница беше неописливо, а по Божјо допуштение, за да биде радоста наша поголема, Бог благоизволи ангелските гласови на нашиот хор, предводени од професорката Славица Ставрева, да бидат дел од заедничкото славење на Бога на тоа Божествено Тајноводство. Радоста во очите на сите присутни беше огромна и на нетипичен начин изразена дури и преку ракоплескање. Навистина сите се чувствувавме прекрасно, зашто се удостоивме на нашиот јазик и со чисти срца да и запееме на Преподобната, во нејзиниот дом и да и ја изразиме нашата молба за заштита на нашиот род, како и благодарноста кон Бога, зашто ни дал такви образи за наше спасение. Во вечерните часови веќе патувањето се приведуваше кон крајот и се упативме кон почетната дестинација, духовно нахранети и пред се благодарни на Бога и на неговите светии, кои што не израдуваа со своето откривање пред нас, излевајќи ја и врз нас благодатта, пред се за наше духовно нахранување и потпора во сите маки и опасности.

Со надеж за идни вакви и уште побогати духовни поклонички патувања се разделивме посакувајќи си еден на друг, уште долго да останеме во таквото духовно расположение и љубов, со која што сите бевме озарени.        

            подготвил: протоереј Борислав Бобевски

 

 
< Претходно   Следно >