Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стеф
Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стеф
12.09.2017.
ПАМЕТНИК ЗА ВРЕМЕТО И ВЕРАТА[1]

 

Денес, влегувајќи во овој велелепен храм, ме опфати свештен трепет и восхит од неговата грандиозност, убавина и хармоничност, и се потсетив на зборовите на старозаветниот цар Соломон кој, откако го завршил храмот во Ерусалим, извикал: Ти изградив храм Боже, за живеалиште, место, каде што ќе престојуваш засекогаш... (сп. 3 Цар. 8, 13). И голема била таа Соломонова радост, затоа што го извршил делото што на неговиот татко Давид не му било допуштено, и затоа што очите негови го виделе крајот на долгогодишниот труд. А големиот цар Јустинијан, пак, откако ја изградил Света Софија, во Константинопол, извикал – Соломоне, те надминав!

Вие, Високопреосвештен владико, ако не изградивте градби како царските, можете да речете дека со оваа градба достојно продолживте таму каде што застанала тајфата на Андреја Дамјанов и бројните градители на домови Божји по македонската земја. По прекрасниот нов храм во Кавадарци, еве и овде, во Велес – градба за пофалба и гордост! И навистина, нема радост како таа – да доживееш да го видиш завршено делото за кое толку многу си се трудел, си трпел искушенија, си вознесувал молитви кон Бога...

            Храмот е свето место во кое Му се служи на Бога, во кое се упатуваат молитви и се принесуваат жртви, каде што се остварува онаа голема тајна на заедништвото, кога стануваме едно во Бога, зашто таму каде што се двајца или тројца собрани во Негово име, таму е и Тој помеѓу нив (сп. Мт. 18, 20). Оттаму, тоа е местото каде што се остварува предвкусот на Царството Небесно, состојба на заедница на Бога со ангелите и луѓето.

 Овде сите сме едно и сме еднакви, сите, како што пееме постојано во храмовите – стануваме една уста и едно срце. И нема место поблажено, поспокојно и поубаво од храмот. Тука сè е велелепно, сè е подредено во некоја благодатна хармонија: од влезот, преку фреските, до олтарот... Во него сè поттикнува на побожност, на молитвеност: небаре сме на небото, опкружени со мноштвото светии, со ангелскиот свет – тука сè е насочено кон славењето на Бога. Затоа, во храмот треба да се однесуваме како што прилега, достоинствено и достојно, зашто е место за молитва и слава, место каде што треба да се почитува редот и поредокот и да не се нарушува благодатната тишина. Зашто, тоа е дом Божји и врата небеска (1 Мој. 28, 17), чиј Градител и Творец е Бог (Евр. 11, 10).

Денес осветивме храм кој по многу нешта е велелепен – и по градбата, и по големината, и по фрескописот и по местоположбата. Но овој храм Божји најмногу ќе го оправда своето градење, само ако тој биде тоа за што е изграден – место за молитва, ако биде кораб кој ќе ги пренесува луѓето по брановите на овој живот и овој свет, кон тивкото пристаниште...

Овој храм е особено значаен и поради моментот кога се случува неговото осветување – како истиот да е своевидна благодарствена жртва, принесена пред Бога од страна на верниот народ на Велес и на целата Повардарска епархија, на чело со нивниот архиереј, вредниот и секогаш посветениот митрополит Повардарски г. Агатангел. Тој откако ја возглавува повардарската епископска катедра, со своите залагања направи вистински процвет, градејќи неуморно во слава на Бога и за потребите на МПЦ. Ете, такви епископи ѝ требаат на Македонската и воопшто на Црквата Христова – кои градат, а не разградуваат, кои, како и дедо Агатангел, ги почитуваат и со својата конструктивност, разумност и расудливост ги помагаат поредокот и институциите на Црквата, како и односите во Црквата и со Црквите. Таквите архиереи ја сакаат Црквата во целост и затоа придонесуваат во нејзината севкупност, а не само по аршинот на исполнетоста или неисполнетоста на желбите, некогашни и сегашни.

Всушност, денес осветуваме храм-благодарност кон Бога за 50-годишното возобновено делување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. И затоа овој храм ќе биде паметник кој ќе сведочи во историјата, ќе остане неизбришлива трага на времето, но и на верата на нашиот православен народ.

 На овие свети ѕидови ќе останат врежани имињата на сите коишто помогнавте и се вложивте – клирот, ктиторите, зографите, до најзаслужните – вредните мајстори, чија љубов кон Бога е очигледна. Затоа верувам дека имињата на сите ќе бидат спомнати и на небесата, пред престолот на Севишниот Бог. И да запаметиме – да се гради за Бога и да Му се дава на Бога, всушност значи да се гради и да се дава за себе; тоа е вградување кое трае и давање кое не престанува...

Овој храм има уште една голема суштествена симболика – посветен е на рамноапостолните просветители Кирил и Методиј, кои се нашиот духовен и национален извор. Бог, поради верноста на нашиот народ, изнедрил такви духовни великани, кои ги просветија и просветлија словенските народи, кои нашиот збор преку богослужбата го однесоа во многу земји. Тие се личности достојни за секаква почит, светии со кои треба да се фалиме и за кои треба да Му благодариме на Бога. И, посветувајќи им го овој велелепен дом Божји, им благодариме зашто ни ја предадоа Вистината и нè утврдија во евангелското слово и ни го покажаа спасителниот пат. Затоа, тие се достојни да ни бидат историска и духовна слава и гордост за нашиот народ и Црква!

Со чинот на осветувањетo ги отворивме вратите на овој нов храм, но потребно е за Бога да ги отвориме и дверите на нашите души, за да се осветат и облагородат нашите срца, за да се зголемуваат љубовта, слогата и добрата волја меѓу нас. Храмот е место за наше помирување со Бога, но и со луѓето. Затоа е добро да доаѓаме во него, но и да го носиме постојано во себе! Храмот е свет, зашто во него се извршуваат свети богослужби, свети тајни, и се принесува бескрвна жртва. Свет е храмот зашто во него се напојуваме од изворот од кој никогаш не се ожеднува, и се храниме со храна од која никогаш не се огладнува. Всушност, со градбата на секој храм, во секого од нас треба да градиме подлабока вера и поголема љубов кон Бога и кон ближните. Оти, без единство со луѓето, не е можно единство со Бога!

Нашата христијанска вера од секого од нас бара постојана духовна преобразба, бара да живееме и почесно и почестито, да постапуваме по заповедите Божји и по законите на Црквата, и да им го правиме на другите тоа што сакаме и другите нам да ни го прават (сп. Мт. 7, 12).  – Па, по делата да бидеме христијани, а не само по името, и да немаме непријателство против никого[2], како што нè поучува свети Климент Охридски. Да се трудиме меѓу нас да нема омраза и нетрпеливост, зашто тие се слепи за вистината, за правдата и правичноста, за добродетелите и вредностите на животот. Крајно време е да се помириме како народ! Не е возможно да Го љубиме Бога Кого не Го гледаме, а да го мразиме братот кого го гледаме (1 Јн. 4, 20).

Секој народ може да се поучи од сопствената историја, но ние треба и можеме многу! Зар сè уште не разбравме дека ништо не може да се постигне со меѓусебни кавги?! Заборавивме ли до каде стигна и што доживеа да види нашиот цар Самоил, убивајќи ги своите браќа, и така ли ќе завршеа нашите востанија, ако имавме слога како народ и ако бевме согласни и единствени?!

Ваквите прилики се можност и да си кажеме и да се поучиме. Треба да им правиме добро на сите народи, но најпрво на својот, поучува светиот апостол Павле (сп. Гал. 6, 10). Па христијански е и да си простиме и да се помириме! Зашто, зар не е време и да се прашаме како и колку го чуваме македонското единство, и во Црквата и во државата, односно колку ги браниме автокефалноста на Црквата и унитарноста на државата? Време е да се запрашаме и зошто се бореа нашите татковци и дедовци, и нивните татковци и дедовци. Ако тие успеаја, иако само на дел од македонската земја, да ги обноват и Црквата и државата, тогаш наша должност е да ги зачуваме тие придобивки. Та, со ништо не можат да  се заменат интересите на Црквата и државата, и ничии интереси не смеат да бидат пред општите и заеднички интереси.

Ова време, како и секое, бара одговорност од секого од нас. И пред Бога и пред народниот суд, ќе бидеме одговорни за тоа колку го чуваме она што сме го наследиле, и ќе бидеме одговорни не само за она што сме го направиле, туку и за она што не сме го направиле, а требало да го направиме. Затоа, да се погледнеме секој во себе, и да се потсетиме дека треба да создаваме дела угодни за својот народ, држава и Црква, дела достојни пред Бога. Да се трудиме да сееме правда, за да жнееме милост (Ос. 10, 2), да правиме добрини, чекорејќи по патот на Вистината, зашто само оној кој прави добро е од Бога (3 Јн. 1, 11)!

 Господ, Дародавецот на сѐ, нека го укрепи овој храм во вековите! На вас, побожните велешани, но и на сите богољубиви посетители, нека ви биде место за молитва и спасение!

 Нека ни се вечни Црквата и државата македонски! Амин!

 



[1] Слово изговорено при осветувањето на храмот на светите Кирил и Методиј, во Велес, на 10.09.2017 г.

[2] Свети Климен Охридски, Слово за Раѓање на Господ Исус Христос (втора верзија), стр. 83

 
< Претходно   Следно >