Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Митрополит Тимотеј - Слово на Вечерната богослужба
Митрополит Тимотеј - Слово на Вечерната богослужба
12.09.2017.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Ваше високопреосвештенство, ваше високопреподобие, пречесни отци, почитувани протоѓакони и ѓакони, драги браќа и сестри.

На самиот почеток, би сакал да искажам искрена благодарност на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел за поканата да земам учество на оваа свеченост. Ми претставува чест и задоволство да ја отслужам оваа свечена вечерна богослужба, во овој велелепен храм во центарот на Велес.

Најпрво, би сакал да Му искажам благодарност на Севишниот, што ми даде можност, пред единаесет години, да го осветам и положам камен темелникот на овој храм, посветен на нашите рамноапостоли, светите браќа Кирил и Методиј. Се сеќавам каков беше просторов пред да биде изграден храмот. Во голема мера беше невкусен, накитен со дрвени бараки, сендвичари и слично, а денес, простор кој е прекрасно уреден и кој ќе биде гордост, не само на МПЦ – ОА и Повардарската епархија, туку и на градот Велес, а и на цела Р. Македонија. Би било несправедливо ако не ја истакнеме добрата желба и ангажманот на тогашниот градоначалник на Велес, г – дин Аце Коцевски, кој го обезбеди овој плац и во релативно краток временски период ги реши сите административни препреки, за да може овој дом Божји да се гради легално и легитимно. Посебна пофалба, пак, заслужува Митрополитот Агатангел, заедно со неговите соработници, што започнатиот храм го заврши, уреди, украси и подготви за негово свечено осветување во оваа јубилејна година.

Светите браќа Кирил и Методиј со нивното епохално мисионерско дело во IX век, ги просветлија и осветлија нашите предци со евангелската вистина. Тие, со нивното дело, ги вброија словенските народи во семејството на цивилизираните и просветени народи, а словенското писмо овозможи правилен развиток на сеопштата култура и цивилизација на свој мајчин и разбирлив јазик. Тие ја посеаја верата Христова кај нашите предци. Верата, пак, ги облагороди и ги просвети да можат да создаваат и ремек дела, инспирирани токму од Христовата наука. Плодот на таа вера е и овој велелепен храм посветен на светите браќа.

За силата на верата нека ни послужи еден евангелски пример. Господ Исус Христос ги оставил учениците насреде Галилејско езеро. Длабоко во ноќта, Он тргнал кон нив како по суво. Откако се увериле дека е Христос, а не некое привидение, апостолот Петар, кој се одликувал со силна вера, но, исто така, бил и импулсивен, Му рекол на Христа: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе по водата!“ Христос му вели: „Дојди!“ Петар слегол од коработ и почнал да оди по водата кон Господа Христа. Но, одејќи кон Христа, се исплашил од ветрот, почнал да тоне и побарал од Господа да го спаси. Христос ја пружил раката, го извадил од водата и му рекол: „Маловернику, зошто се посомнева?“ (Мт. 14, 22 – 34).

Прекрасен пример за тоа што претставува верата. Господ, создавајќи го светот, како круна на созданието го поставил човекот, создавајќи го според Својот образ и подобие. Бог е апсолутно слободен, па и Своето создание, односно човекот, го создава слободен и му дава можност за слободен избор. Човекот, пак, како таков, може да Го признава својот Создател или да Го негира.

Бог, за да ја сочува способноста кај луѓето за општење со својот Творец, Небесниот Отец, им дал посебна сила, всадена во човековата природа. Таа сила се именува вера. Нашата врска со Бога е таинствена. Таа таинствена врска е како еден синџир на односи, и истата може да се одржува само со вера. Тоа не е можно ниту со образование, ниту со пари, ниту со технологија, ниту со власт, туку тоа е возможно само со силна вера. Верата е концентрација на внатрешните духовни сили кај човекот. Одговор на таа концентрација се духовните сили кои го поврзуваат Бога со луѓето и врска помеѓу Создателот и созданието. Колку прекрасно зборува свети Јован Златоуст: „Таму каде што е верата, таму е и силата, а каде што има неверие, таму има немоќ“.             Токму тоа е примерот со ап. Петар. Додека тој верувал во Христа, ги надминал природните законитости, но, кога се посомневал, ја раскинал врската со Бога и почнал да тоне. И ние, како луѓе, честопати знаеме да заборавиме на Бога, или, пак, Бог да не ни биде приоритет, туку од време на време ќе појдеме во црква, ќе запалиме свеќа и ќе се помолиме, но, Бог нема да ја слушне нашата прозба. Треба да се запрашаме зошто? Затоа што ние сме ја прекинале таа врска со Бога, не сметајќи Го за приоритет во нашиот живот.

Наоѓајќи се во овој свет храм, да се поучиме од овој пример со апостолот Петар. Таа наша врска со Бога никогаш да не ја прекратуваме со нашето неверие и маловерие. По молитвите на светите Кирил и Методиј, секогаш да бидеме вистински верни чеда на Господа Христа и Бог да ги услиши сите наши прозби и молби. Амин!

Вечерна на 14. недела по Педесетница

09. 09. 2017 година

Храм „Св. Кирил и Методиј“ – Велес

 
< Претходно   Следно >