Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Послание на Митрополитот Повардарски г. Агатангел
Sample Image Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
 
Послание на Митрополитот Повардарски г. Агатангел
9.09.2017.

Sample ImageВозљубени Велешани, драги духовни чеда,

Дојде најрадосниот ден за нас. Премудроста си изгради дом и ги утврди своите столбови. Го изѕидавме нашето најсвето и највозвишено место. Во него, како во богата ризница, го положивме целиот наш дух - сето наше знаење и умеење. Со многу труд и мака го устроивме храмот на торжественото велелепие, а со искрена љубов и со спасоносна трпеливост, дел по дел, слој по слој, го брусевме и сјаевме преубавиот духовен бисер кој вечно ќе го краси и обележува нашиот возљубен град. Оваа куќа на радоста со мудрост ја изградивме, со разум ја зацврстивме и со секакви добра и скапоцености умешно ја исполнивме. Погледна Господ на делата на нашите раце, ги благослови своите градители и нивниот труд, и се зарадува заедно со нас за ова Негово вечно пребивалиште.

Драги браќа и сестри Македонци,

Домот наш, нашето вредно светилиште, на цврстиот камен Христов го втемеливме, светикирилометодиевиот и светиклиментовиот печат врз него ги врежавме, за илјадници години, за век и веков, вечен дом на љубовта изградивме. Паметник возвишен, втемелен на македонско православие и духовност устроивме и на идните наши поколенија залог за радост и пофалба им оставивме. Не сме ние дрво без корен, ниту плодови без гранка во полето и градината на светот. Напротив, од светите сејачи на доблеста, од славните апостоли насадени бевме, а од македонските свети седмочисленици наукот го совладавме. Дуваа низ вековите страшните ветришта на злото и неправдата, надоаѓаа поројните води на уништувањето, го множеа злото и лицемерноста, ја косеа чедноста и убавината, ги кршеа младите гранки и ластари во нивниот процут и зародиш, но Господ Бог и Неговата Света Мајка Богородица во закрила нé зедоа. Штитот на трпението и мечот на правдата и љубовта ни го исковаа, на злото не со зло да му враќаме нé научија, на лошиот збор со благослов да словиме нé заколнаа. Еве, вака е задоен и со ваква спасоносна храна е воспитан македонскиот православен човек и секоја идна генерација Македонци од овој извор на жива вода се напива и од оваа трпеза на љубовта се нахранува. Темелот на неговото „јас“, на неговиот духовен и национален идентитет од овде започнува и врз неговата основа самиот себе и светот околу него го гради и надоградува. Ако Господ не го гради домот, напразно се трудат ѕидарите, ако Господ не го чува градот бадијала ќе бдее стражарот (Пс. 126, 1). Овие зборови на Псалмопевецот Давид длабоко се врежани во свеста и националното битие на македонскиот православен народ. Затоа тој, низ сите времиња и епохи, со огромна љубов и благодарност му возвраќа на добрината на својот Просветител.

  Sample Image

Драги браќа и сестри,

Годинава, во 2017-то лето Господово, ќе одбележиме еден тажен јубилеј на срамот и неправдата, ќе се потсетиме на 250 годишнината од неканонското и неправедно укинување на Охридската архиепископија. И тогаш, пред 250 години, преку лицемерие, алчност и суета, широко користејќи ги нашите слабости и разединетост, силните и моќните од овој свет нанеле страшна болка во ткивото на македонскиот православен народ. Цели 200 години на духовен и црковен план одвнатре бил разјадуван, понижуван, потчинуван и ограбуван македонскиот човек. Бројни генерации Македонци, цели две столетија, не престанале да ја сонуваат и да се борат за толку посакуваната национална и црковна слобода. За сето ова време, скапо и во крв, секојдневно бил наплатуван секој чекор во остварувањето на основните човечки правдини. Борбата за правото на сопствен национален и црковен идентитет, за правото на сопствена култура и духовно развивање, биле основна водилка и парола на сите наши буни и востанија, почеток и крај на сите наши прогласи и објави, основна мисла и преокупација на сите наши преродбеници, војсководци, црковни великодостојници и општествени дејци. Цената на неслободата резултирала со континуиран и систематски духовен геноцид врз македонскиот народ и неговото културно наследство. Живеејќи во неслобода, за  духовни водачи ни биле поставувани лицемери и лажговци со лица на светци, а во срцето волци. Тие, користејќи ги високорангираните државни насилници и одродените користољубци, однадвор и одвнатре го ограбувале, разградувале и деморализирале македонскиот народ. На сила му го одземале и парчето леб, но и сето она што го врзувало за сопственото јас и за сопствената грутка земја. Тие, во наследство не оставиле никаква ценета вредност, туку, ред по редум, ужас, предавства и лични краткотрајни богатења. Борбата нивна против Македонецот и неговите основни човекови права и денеска не престанала. Таа е само притаена и чека да најде плодно поле за да ги распостели своите трња и троскот. На нашите славни предци им требало два века да се изборат за слободата. На точно 200 години по укинувањето на Охридската архиепископија, во 1967-мо лето Господово, во слободна Македонија, била возобновена нејзината автокефалност во лицето на Македонската православна црква, со што, покрај националната слобода, бил остварен и вековниот македонски идеал за црковна слобода и автокефалност. Годинава се потсетуваме и на овој свет и величествен историски момент. Со многу љубов, духовен пиетет и огромна благодарност се сеќаваме на нашите црковни великани, возобновители на афтокефалноста на Македонската православна црква, кои храбро и визионерски ја исправија историската неправда и воедно го поставија основниот носечки столб на православното автокефално живеење во нашата татковина. Без слободна и независна Македонија нема ниту Македонска автокефална црква, а без Црква посветена, осветена, втемелена врз правда, мир и добрина нема ниту здрава, напредна и плодоносна држава и народ. Водени од идеалот на нашите црковни великодостојници, возглавени од Архиепископот г. г. Доситеј и првите митрополити Климент, Методиј и Кирил, кои подоцна сите на духовен план нé родија, во текот на овие 50 години изградивме бројни црковни институции и постигнавме духовни дела достојни за една афтокефална и Христољубива црква. Во нивна чест и во сеќавање на нивната благородност и духовна величина го осветивме храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, покажувајќи и сведочејќи пред светот дека сме нивни достојни наследници, кои нивниот духовен аманет никогаш не го заборавиле и кои со сите сили и дарби го пазеле и спроведувале. По нивните свети молитви Господ нека ја крепи нашата татковина Македонија и нејзината слобода и нека ја чува и унапредува автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Драги браќа и сестри,

Дојдено е време кога повторно ги преживуваме несреќите од нашата историја. За жал, денеска повторно царува неслогата, омразата, цинизмот и недоразбирањето меѓу македонскиот народ, а таквата состојба вешто ја користат и непријателите на оваа земја, но и домашните опортунисти. Како генерација сме на работ да го предадеме и погазиме сето она што со многу труд, откажување и жртва го спечалиле нашите славни и храбри великани. За грст сребреници и краткотрајни овоземни блага, некои се спремни да ги уништат, ничкосат и погазат најсветите и највредните народни придобивки и обележја, кои од памтивек нé карактеризираат и идентификуваат како македонски народ. Државата ни ја претворија во вазал и служителка на туѓи интереси. Македонецот и македонските права не само што не се заштитени, туку и се исмеваат и го понижуваат секој оној кој јавно ќе се осмели да зборува за нив. Тој, кој ќе го крене гласот, за нив е припрост, заостанат и небитен. Оние, кои се избрани и платени да ги штитат националните интереси, едните преќутно, а другите јавно, ги поткопуваат и уриваат државните и националните столбови без никаков срам и затскривање. Законите, отворено и бесрамно се погазуваат или политикантски се изигруваат. Се потпишуваат штетни договори без да се праша народот за нивната содржина и истите ни ги претставуваат како успех на нашата дипломатија. Прашањето за пописот вешто и лицемерно се избегнува, двојазичноста без ниту еден сериозен аргумент на сила се наметнува. На државата иднината ѝ е неизвесна, а народот, кој отворено реагира и се спротивставува на ваквите погубни решенија, при тоа бранејќи си го своето, или го замолчуваат или го маргинализираат. За обична минлива власт или за краткорочни интереси, без трошка совест, згазуваат врз храбрите идеали на нашите предци и првенци во борбата за национална слобода и самобитност. Ова го спроведуваат и луѓе од власта, но и оние од опозицијата. И леви и десни. Ним им се придодаваат и луѓе од Црквата, затскривајќи се и користејќи го нејзиниот авторитет, макотрпно граден илјадници години. Од едната страна се тие - леплива маса без форма и содржина со души од пластелин, а од другата страна сме ние - Народот на оваа земја. Се лажат ако мислат дека нé надмудриле, превезувајќи нé жедни преку река. Овој прекрасен народ истрпил и помоќни и посилни, но и помудри и поспособни поробувачи и нивни одработувачи. Тие на сила можат да ни земат сé, лесно да ги поткупат среброљупците и да ги надмудрат наивците, но свесниот и освестен народ, духовниот наследник со збор и со дело на Великиот свети Климент, нема да го прекршат, ниту да го пречрктаат со нивните лекомислени потписи и нечестиви постапки. Народот не се само нивните користољубиви ласкавци. Македонски народ имало и пред нас, има и сега, а ќе го има и во иднина. Е, од тој идниот народ македонски нека бидат загрижени. Зашто тој ќе ги смести на заслуженото место во македонската историја. Нивните деца и внуци ќе бидат обележани со тешко избришливиот знак на предавството и користољубивоста на нивните дедовци. Образот со пари не се купува, ниту изгубената чест и човечко достоинство. Времето за нивно преумување сé повеќе се намалува. Тие можеби ќе имаат сé во животот, секакви богатства и приземна благосостојба, но во исто време на своја сметка и во своите торби ќе си го носат целивот на Јуда. На своите потомци, во тестамент ќе им го предадат. Кој има срам ќе разбере за што зборувам. Ова особено важи за оние црковни духовници, кои ја распарчуваат на ситни парчиња душата на народот. Знаат тие добро што мислел Христос и што рекол за оние кои го соблазнуваат обичниот и малиот човек. Духовникот е оној кој треба со целосна скромност да гледа повисоко, подлабоко и подалеку од другите, тој треба да биде водач, а не да се стопи во масата на нечестивите, недоветните и непрокопсаните. Таквите се блуткави и несварливи и со малку иљач, посветеност и грижа се исфрлаат од организмот кој заздравува. Покајанието е лекот кој тие треба час поскоро да го испијат и грешките од минатото никогаш да не ги повторат. Тогаш верниот народ ќе ги препознае нивните дела и вечно ќе ги пази во срцата свои и со нив ќе ги храни и подучува идните генерации.

На сите оние кои се соблазниле или се сомневаат, на крајот би сакал да им порачам дека Македонската православна црква секогаш ќе биде на браникот на татковината, штитејќи ги вистинољубивите интереси на обичниот човек. Посветеноста кон вистинољубието и правдољубието на нејзините чинители никогаш нема да потклекне ниту да изостане. Лажнообвинуваниот и клеветениот Христос е нашиот пример, нашата смисла и нашата светлина. Од Него ја црпиме нашата сила и нашата надеж. Никого не го мразиме ниту омаловажуваме, но ако е потребно за вистината и правдата можеме и да страдаме. Доволно беше, преку војни и со перо, убиван, распарчуван и понижуван македонскиот народ. Својата слобода ќе ја браниме и унапредуваме без разлика колкумина ќе останеме.

Да живее слободна, независна, суверена и достоинствена Македонија и нека расте и напредува во духовноста автокефалната Македонска православна црква во неа. Ние не ги забораваме вредностите кои нé красат како македонски православен народ, туку работиме со сите сили и со целото свое знаење и умеење на унапредување на старите и на создавање на нови вредности, кои ќе ја подобрат житејската благосостојба и морално и духовно ќе ја воздигнат личноста на човекот, без разлика на неговото потекло или определба.

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

†Агатангел (Станковски)

 
< Претходно   Следно >