Проповед за Св. преп. м-ч Петка Римјанка |
11.08.2017. | |
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух! Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, браќа и сестри! Само Единиот Бог знае, колку ли светителки низ историјата на човештвото се прославиле со името Параскева, но за нашите ограничени човечки очи и разум, останале запаметени имињата на: св. Петка Епиватска, св.Петка Икониска и св. Петка Римска или Римјанка, чиј што спомен денес го празнуваме. Ги набројавме имињата на овие светителки, затоа што често помеѓу народот, што поради незнаење, а што поради преголема љубов спрема нив, тие понекогаш биваат помешувани, па дури и сметани за една личност. Меѓутоа тоа сведочи за само едно нешто, а имено за големото влијание во духовно-емпирискиот живот на на овие светителки, не само на македонскиот народ, а и на целиот Православен свет. Фактот што и овој храм го носи името на оваа светителка, сведочи за заложбите на оваа светителка пред лицето Бога преку нејзините молитви и за овој град, не само денес, но и низ целата негова историја. Св. Петка живее во едно време во кое христијанството е во многу тешка состојба. Насекаде Христовите зборови, дека ќе бидат гонети заради Неговото име се исполнувале во буквалната смисла, а од тоа не била исклучок и св. Петка. Преку нејзината проповед успеала да преобрати многумина незнабожци во Христовата вера, кое ќе биде прочина да биде наклеветена од страна на завидливите евреи кај тогашниот император Антониј Пиј. Тој, откако нема да може да ја разубеди, ќе ја подложи на многу жестоки мачења. На нејзината глава ќе и биде ставен вжештен шлем, а потоа ќе биде фрлена во котел во кој врело масло и катран, но и во едниот и во другиот случај таа останала неповредена. Фрлајќи ја во котелот, малку од маслото прснало во очите на императорот и тој ослепел, но по молитвите на св. Петка му бил вратен видот, и така тој по одредено време ќе премине во христијанството и ќе ја пушти св. Петка на слобода. Вториот значаен случај е со царот Асклипиј, кој сакајќи да ја замолчи Божјата проповедничка, ја фрлил во некоја пештера во која живеела огромна змија за да биде изедена. Св. Петка направила крстен знак над змијата и таа се распарчила на два дела. Чудото го фрапирало царот, кој поради тоа подоцна се покрстил и ја ослободил светителката. На крај таа бива фатена од жестокиот незнабожечки цар Тарасиј. Била подложена на многу мачења, во кои таа и понатаму останувала неповредена, но наместо да се стопли срцето на незнабожечкиот цар, тој наредил да и биде пресечена главата со меч, и така таа ја испушта својата душа, и се здобива со маченичкиот венец. Почитувани, зборувајќи за житието на оваа светителка, некој можеби си помисли дека сето ова кое го кажавме е невозможно да го направи еден човек, а што е пострашно, некој можеби започна да ја обожува св. Петка, т.е. да мисли дека таа може да го направи ова само доколку имала некои натприродни сили, кои ние секојдневните луѓе денес ги немаме и затоа не можеме да бидеме како неа. И едното и другото нешто се погрешни! Сѐ што постои во овој свет, па и човекот е од Бога, а од Него нема поправеден родител, Кој на своите чеда им дал подеднакво сѐ. Св. Петка, па и сите останати светители биле исти луѓе како и нас денес. Она по кое се разликувале и тогаш и денес, е нивната вера во Бога. Со таа вера тие сведочеле за Христа, и преку таа вера правеле и чуда. Бог, драги христијани нѐ создал, не за да се насладуваме на удобствата на овој минлив и материјален свет, а за да се насладуваме на вечните блага во заедница со Него, во Царството небесно, каде нема да има ниту плач, ниту воздишка, ниту тага, а само радост во Господа. Св. Петка знаејќи го тоа, и мечтаејќи за тој живот, го раздала сиот свој имот на сиромашните, и тргнала низ светот да им го уочи тоа и на другите, бидејќи знаела дека животот во Бога е возможен само преку заедничарење во заедништво со сите и со сѐ! Бог го создаде целиот свет, и сѐ она кое што во него постои, но само човекот го создаде според Својот образ, и му даде задача да стане подобен на Него. Само на Бога, му се покоруваат сите природни закони, а кога човекот ќе започне да ги покорува тие закони, тогаш и тој може да биде сигурен дека започнал да се уподобува на Бога т.е. да станува сличен на Него, и дека е на правиот пат кон Царството небесно. Токму таа помисла и осознаетост, не ја спречувала св. Петка од никаква закана, и токму затоа и Бог ја оставал неповредена во сите тие измачувања кои ги претрпувала заради Неговото име. Истите тие таланти, драги христијани, ги имаме и ние денес, но не сакаме да ги преумножиме во Господа, а постојано ги закопуваме во земјата и така, не правиме ништо. Затоа стоиме натажени во нашите срца бидејќи ни е тешко да се отделиме од нашите земни удобства; седиме натажени бидејќи ни е тешко да се разделиме од нашите блиски во овој краток и минлив живот, а Бог ни дал можност да живееме заедно и вечно во Неговото Царство небесно, каде нема да ни недостасува ништо за да бидеме радостни и таа радост нема да има крај. Драги христијани, Црквата ги запазила овие благочестиви четива – житија, не до толкава мера за да предизвикуваат восхит во нас, а поскоро за да не будат од нашата заспаност во овој свет, и целото наше битие да го насочиме кон Господа. Времето на мачениците не е завршено и денес! Современите денешни средства за социјална комуникација ни покажуваат дека маченици за Христа имаме и денес, поготово на блискиот Исток, каде можеме да видиме како и денес, на луѓе кои сведочат за Христа им биваат сечени нивните глави, исто како и на св. Петка пред цели деветнадесет века, и тие како и таа се здобиваат со истиот тој маченички венец, и живот во Царството небесно. Почитувани, св. Амвросиј Милански вели, дека нашата проповед не би имала никаква смисла доколку предизвика само восхит кај нас. Таа би имала успех само доколку нѐ натера да се замислиме врз нашите животи и доколку пробуди покајнички чуства во нас, а вистински покајнички чуства не се само оние кои само ја обременуваат нашата совест за еден краток период, а оние чувства кои нѐ тераат целостно сиот наш живот да го промениме и да заживееме во Господа, ставајќи го секогаш Него на прво место во нашиот живот. Оваа 2017-та година е значајна за нас како Македонска православна црква-Охридска архиепископија, бидејќи славиме 50 години од самостојното возобновување на нашата света Македонска црква, и по педесетти пат самостојно преку литургиско заедничарење и се обраќаме самостојно на оваа светителка да нѐ чува, и да нѐ пази од сите оние кои заради подбудите од нечестивиот се труделе да го заличат споменот и постоењето на оваа наша светиклиментова Црква. Но и историја, и сегашноста, а и иднината ќе покажат дека нашата света црква била изградена на цврстиот аголен камен Христос, а вратите на таа црква злото колку и да се труди, нема никогаш да може да ги надвладее. Доказ за тоа се сите светители кои произлегле од оваа света црква, и од поново и од постаро време, кои сведочеле за Христа, исто како и св. Петка. Затоа ве повикуваме, да ги следите настаните кои ги приредуваме во чест на овој наш сѐмакедонски јубилеј и да земаме што помасовно учество во неговото прославување! На сите оние го чествуваат нејзиниот спомен како домашна слава и го носат нејзиното име нека им е честит овој празник! Да упатуваме молитви кон неа и понатаму да биде наша застапничка пред Бога и заштитничка на овој град и сиот православен народ од сите наши земни видливи и невидливи непријатели, постојано сега и секогаш, и во вечни векови – Амин!
08. 08. 2017г., Кавадарци Подготвил: о. Дарко Милев |
< Претходно | Следно > |
---|