Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Св. вмч. Пантелејмон, 2017
Sample Image Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
 
Св. вмч. Пантелејмон, 2017
11.08.2017.

 

Sample Image

 

Sample Image На 8 и 9 август 2017 година, Велес го чествуваше споменот на својот патрон и заштитник, светиот великомаченик Пантелејмон. Oсма година по ред, чествувањето на овој празник беше одбележано и како празник на градот Велес, откако со одлука од Советот на град Велес, празникот на Светиот вмч. Пантелејмон почна да се чествува како официјален празник на градот, и покрај тоа што жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век.
Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која голем број верници од Велес молитвено го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник. Празнувањето продолжи со Духовна академија на која најпрво присутните ги поздрави заменикот на  градоначалникот на општина Велес г. Петре Саздов, а потоа со пригоден говор до присутните се обрати Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Потоа следуваше настап на црковниот хор, кој исто така го носи името на патронот на градот, а по велелепните звуци од нашите хористи беше изведена монодрама за Велес на актерката Весна Димитровска-Бобевска.

Утредента на самиот празник, како централен настан на празнувањето, беше отслужена Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговот Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, како и бројно свештенство од целата епархија. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, а и по нејзиното завршување, не престануваа реки од народ да се движат кон Соборниот храм  за да му се поклонат на својот закрилник, светиот Пантелејмон.

Кратко житие на Светиот великомаченик Пантелејмон

Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.

 
< Претходно   Следно >