Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow СВЕТА ТРОИЦА - 2 дел
СВЕТА ТРОИЦА - 2 дел
25.01.2008.

БОЖЕСТВОТО  И  ЕДНОСУШНОСТА  НА  ЛИЦАТА  НА

СВЕТА  ТРОИЦА

 

Новозаветното откровение ни покажува дека во Бога има три лица - Отец, Син и Свет Дух и дека тие се едно Божество. Тие меѓу Себе во с# се исти, еднакви, рамни и едносуштни по Божество, а се разликуваат само по вечните лични својства. Секое лице ги има сите Божји совршенства во подеднаква мерка, па затоа Откро­ве­нието н# учи да испо­ве­даме дека Отецот е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог. Но, сепак, тоа не се три бога, туку еден единствен Бог. Во Света Троица, т.е. во Оте­цот, во Синот и во Светиот Дух е едно Божество, вели свети Атанасиј Велики.

 

 

Sample Image

 

 

Ова учење за едносушноста на лицата и Божес­т­вото, боговдахновено го изразил Осиј Кордовски на Првиот вселенски собор велејќи: Божеството не е едно лице, како што мислат Евреите, туку три лица, не само по името, туку се разликуваат меѓу Себе по ипостаста... Синот е Бог, не дел, туку совр­шен исто како и Отецот, иста суштина како и Отецот, Кој Го раѓа на неиска­жан начин. Заедно со Отецот и Синот постои и Светиот Дух, Кој има иста суштина и власт како и Отецот и Синот. Значи, ние сме должни да исповедаме една волја, едно царство, една сила, едно господство..., едно Божество и иста суштина на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Недозволувајќи мешање или разделување на лицата на неис­каж­ливата и блажена Троица, ние веруваме дека Отецот секогаш е Отец на вистин­скиот Син, секогаш Оној Кој е и Кој останува, и Синот - вистински Син на вис­тин­скиот Отец, секогаш Оној Кој е и Кој останува, и Светиот Дух - вистински Дух Свет, секогаш Оној Кој е и Кој останува - Троица неразделна, неискажана..., Која има едно Божество и иста суштина.

Отецот, Синот и Светиот Дух не се три својства на Божјата суштина. Тие не се ниту три страни на Божеството. Не се ниту три безлични сили, ниту, пак, три различни обли­ци во кои се јавува едно исто Божество, туку тие се три самостојни лица. Све­тото откровение јасно учи дека постои троичност и тоа не троичност на си­ли, облици, појави или изрази на истиот Бог, туку троичност на различните и самос­­тојни лица во Бога. Отецот, Синот и Светиот Дух се одделни, посебни и са­мос­тојни лица во Бога. Самиот воплотен Син прави разлика меѓу Себе и Отецот и учи за самос­тој­носта на лицата, па вели: Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот (Јован 16,28). С# ми е предадено од Мојот Отец (Матеј 11,27). Мојот Отец досега работи, и Јас работам (Јован 5,17). И Оте­цот вели за Христа: Овој е Мојот возљубен Син (Матеј 3,17). Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот - Он Го објави (Јован 1,18). Односот помеѓу Отецот и Синот е однос на различни лица, бидејќи Синот не е својство или сила на Отецот, туку Он е личност различна од Отецот.

И Светиот Дух е личност Која се разликува од Отецот и од Синот. Спаси­те­лот вели: Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека. А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испра­ти во Мое име, Он ќе ве научи на с# и ќе ви напомне за с# што сум ви зборувал (Јован 14,16 и 26). Светиот Дух се покажува како посебно лице кое дејствува самостојно, по Својата волја и со Својата сила. Распределува дарови на луѓето како што сака (1.Кор. 12,7-11) и, с# разбира, секогаш во согласност со останатите лица од Света Троица.

Божеството на Отецот јасно е посведочено на секоја страница во Новиот завет. Самиот Господ Исус Христос сведочи за Божеството на Отецот и Му се об­ра­ќа со зборовите: Те прославувам, Оче, Господи на небото и земјата (Матеј 11,25). На Евреите, пак, укажувајќи им дека верата во Бога Оца е условена со верата во Него - Божјиот Син вели: Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате... Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас - Мојсеј, на кого вие се надевате. Оти, ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене (Јован 5;43,45-46). Бог Отец преку Сво­јот Единороден Син им дава на луѓето можност и средство за спасение: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен (Јован 3,16). А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа (Јован 17,3).

Верата во Божеството на Отецот, проповедана од Христа, јасно и одлучно ја посведочуваат и светите апостоли. Светиот апостол Павле ги повикува римските христијани: Еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Гос­под Исус Христос (Рим. 15,6). Коринтјаните, пак, ги учи дека ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е с# (1.Кор. 8,6), Кој е Бог и Отец на нашиот Господ Исус Хрис­тос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха (2.Кор. 1,3).

Црквата својата вера за Божеството на Отецот ја изразила во првиот член на Символот на верата: “Верувам во едниот Бог Отец...”

Божеството на Синот е секадеприсутна реалност во Новиот завет. Синот е иста суштина со Отецот и во с# е рамен со Отецот по Божество. Помеѓу Отецот и Синот не може да има разлика по Божество, бидејќи единствената Божествена суш­тина при­паѓа на сите лица од Света Троица. Токму затоа, Светото писмо и на Синот му ги припишува сите Божји имиња и сите Божји сили и дејства, кои Му се припишуваат и на Бог Отецот. Синот е Бог рамен на Отецот, со Него идентичен по Божество и од Него различен како лице.

Божес­т­­вениот карактер на Своите дела и Своето учење Спасителот го об­јас­нува преку едносуштноста со Отецот велејќи: Јас и Отецот едно сме (Јован 10,30). Он е еднаков и рамен на Отецот по природа, достоинство и слава, за што Самиот изјавува: С# што има Отецот, Мое е (Јован 16,15) и Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот (Јован 14,9). Затоа Он бара во Него да се верува како и во Отецот: Верувајте во Бога и во Мене верувајте (Јован 14,1). Дури и тогаш, кога Евреите гледаат да Го убијат, зашто Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога (Јован 5,18), Он не отстапува од учењето за Себе како Бог, туку одлучно тврди: Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот (Јован 5,19). И по вторпат, Евреите потресени од Христовите чуда, во тремот на Соломоновиот храм го пра­шу­ваат: До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено? Исус им одговора: Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене (Јован 10,24-25). Тогаш Евре­ите земале камења за да Го убијат, бидејќи по нивно мис­лење Он бил обичен чо­век, а се преста­вувал како Бог. Сепак, Спасителот не го порекнувал Своето Божес­тво и единство со Бога Оте­цот, па ги опоменува Евреите на Своите дела кои сведочат дека е еднаков со Оте­цот, велејќи им: Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да раз­бе­рете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него (Јован 10,37-38).

Очевидците на Словото - светите апостоли, еднодушно исповедаат и учат дека Исус е Син Божји и Бог, рамен на Бога Отецот по природа. Апостолот Ната­наил пред сите Го исповеда Христа за Син Божји (Јован 1,49). Апостолот Петар во името на сите апостоли исповеда: Ти си Христос, Син на живиот Бог (Мат. 16,16). Свети Јован Богослов, Евангелието го започнува со зборовите: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото (Јован 1,1), во кои сведочи за Божеството на Христа. Потоа продолжува: И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на еди­нороден од Отецот (Јован 1,14). Истиот апостол во своето Прво соборно посла­ние вели: Знаеме исто така дека Синот Божји дојде и ни даде светлина, и разум, за да Го познаеме вис­тин­скиот Бог; и ние пребиваме во вистинскиот Бог - Неговиот Син Исус Христос. Он е вистински Бог и живот вечен (1.Јован 5,20). Светиот апос­тол Тома, пак, уверувајќи се лично во вистинитоста на Христовото Божество, изви­кува: Господ мој и Бог мој (Јован 20,28).

И светиот апостол Павле сиот свој живот го изградил на Исусовото Божество. Он вели: Голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот (1.Тим. 3,16). Според него, Господ Исус Христос со Својата личност е образ на невид­ли­виот Бог (Кол. 1,15), и во Него телесно живее сета полнота на Божеството (Кол. 2,9). На Тит му вели: Да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос (Тит 2,13). И најпосле, ги учи Рим­јаните: Христос, Кој е Бог над сите, благословен во веки. Амин (Рим. 9,5).

Како Бог, Господ Исус Христос ги има сите Божји совршенства и сите Бож­ји својства: Он е вечен (Јован 1,1-2; 8,58 и 17,5); Он е алфа и омега, прв и пос­ле­ден (Откр. 1,8 и 17; 2,8; 22,13); Он е самобитен (Јован 1,4; 5,26); Он е секаде­при­су­тен (Ма­теј 18,20; Јован 3,13; Ефес. 4,9-10); Он е неизменлив (Евр. 1,10-12; 13,8); Он с# знае (Матеј 11,27; Јован 2,24-25; 10,15; 16,30; 21,17; Кол. 2,3; Откр. 2,23); Он е семоќен (Јо­ван 5,21; 10,28; Филип. 3,21). Дека Он е вистинскиот Бог сведочи и цели­от Негов жи­вот на земјата - Неговото натприродно зачнување и раѓање, крште­ни­ето, прео­бра­жението, воскресението, воз­несението и сите други чуда што ги на­пра­вил. И сите Негови дела што ги правел, сведочат и припаѓаат на Божеството, оти нив може да ги направи само Бог. На пример: воскресе­ни­ето на мрт­вите, опрос­ту­вањето на гре­во­вите, побе­дата над смртта, дарувањето на вечен живот итн. Токму затоа, треба сите да Го почитуваат Синот, како што Го почи­туваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го пратил (Јован 5,23).

Црквата својата вера во Божеството на Господ Исус Христос ја изразила во вториот член на Символот на верата, каде вели: И во едниот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Оца пред сите векови, Светлина од Свет­лина, Бог вистински од Бога вистински роден, нестворен, едносуштен на Оца, преку Кого с# станало.

Сепак, покрај тоа што Христовото Божество јасно е посведочено во Све­тото откровение, во Новиот завет има некои места кои, надвор од црковното и светоотечко толкување, изгледаат дека привидно противречат на Неговото Божес­тво и на Неговата едносушност со Бога Отецот. Но, сите тие места се однесуваат или на човечката при­рода на Господ Исус Христос, или на тоа што Он, како Син Божји, Своето битие Го има од Бога Отецот. Поради единството на Спасителовата Богочовечка личност, својствата на Него­вата човечка природа Му се припишуваат Нему како на Богочовек. Така, кога светиот апостол Павле пишува дека Бог Отец Го воскресна Исуса Христа од мрт­вите (Гал. 1,1), мисли на воскресението на Него­вото тело, зашто она што е својствено на Христовото тело се припишува и на Него­вата личност. И зборовите на Спаси­те­лот: Како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе (Јован 5,26), треба да се разберат дека Му дал живот на Неговото тело, како на човек. Исто така и цитатот: Одам при Мојот Отец, зашто Мојот Отец е поголем од Мене (Јован 14,28), се однесува на човечката природа, зашто во друга прилика вели: Јас и Отецот, едно сме (Јован 10,30). Господовите зборови: Зошто ме наре­чу­ваш добар? Никој не е добар, освен едни­от Бог (Марко 10,18), ги кажува, бидејќи младичот Го сметал само за човек, а не и за Бог. Кога Спасителот зборува за последниот ден вели: За тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот (Марко 13,32), тоа Он го кажува за Својата човечка природа. На крстот говори: Боже Мој, Боже Мој, зош­то Си Ме оставил? (Матеј 27,46) и тоа го кажува во име на нас грешните како човек, зашто земајќи обличје на слуга и постанувајќи човек сам Себе се пони­зи и по вид се покажа како човек, сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име (Фил. 2,6-9). Зборовите: На Христа, пак, глава е Бог (1.Кор. 11,3) - пов­торно се одне­суваат не на Божјата природа, туку на човечката природа на Господ Исус Хрис­тос, која Он ја примил поради домостројот на човековото спасение. И на крајот зборовите: Првороден пред секоја твар (Кол. 1,15 и Евр. 1,6) не значат дека Синот има почеток и дека е создаден во времето, туку означуваат дека е пред секое битие и раѓање - вечно, или пак, првиот Кој е роден без грев во родот човечки.

Божеството на Светиот Дух се потврдува на сите оние места од Светото писмо каде што се спомнува Отецот, и Синот и Све­тиот Дух, па како што Отецот и Синот е Бог, така и Светиот Дух е Бог. Светиот Дух во с# е рамен на Нив. Нему Му се припишуваат истите Божји особини и Му се оддава истото Божјо почитување како на Отецот и Синот.

Верата во Светиот Дух како во вистински Бог е изразена кога светиот апос­тол Павле го прекорува Ананија кој Го изла­жал Светиот Дух. Тогаш светиот апос­тол Светиот Дух Го нарекува Бог, велејќи: Ананија, зошто го исполни сата­ната ср­це­то твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за ни­ва­та?... Ти не излага луѓе, туку Бога! (Дела 5,3-4). Како лице од Света Троица, Све­ти­от Дух излегува од Отецот и во с# е рамен и едносуштен со Отецот и Синот. Ова го објас­нува Спасите­лот со заповедта дадена на апостолите за крште­ва­ње на сите на­ро­ди во името на Отецот и Синот и Светиот Дух (Матеј 28,19). Апостолот Пав­ле вели: Господ е Дух (2.Кор. 3,17), а спасението зависи од Светиот Дух, па ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо (Јован 3,5).

Светиот Дух како вистински Бог ги има сите Божји својства: Духот е тој што оживува (Јован 6,63), зашто буквата убива, а Духот оживотворува (2.Кор. 3,6). Преку Духот на нашиот Бог, во името на нашиот Господ Исус Христос се из­мив­те, се осветивте и се оправдавте (1.Кор. 6,11). Имајќи ги сите Божествени свој­ства, Светиот Дух ги има и сите Божествени дејства: препородува со крште­ни­ето (Јован 3,5; Тит 3,5; 1.Кор. 12,13); управува со Христовата Црква (Дела. 20,28; 13,2; 16,6-7; Ефес. 2,22); отпишува гре­вови (Јован 20,22-23); ги посинува луѓето кон Бога (Рим. 8,15; Гал. 4,6); ги прави луѓето Христови (Рим. 8,9); извор е на свет­ли­ната и вистината; раздава духовни дарови; соработува со сите добри дела; прави чуда; ги прави луѓето храм Божји, храм Свој - зашто Самиот е Бог и го прави Све­тото писмо боговдахновено, зборувајќи преку пророците и апосто­лите. Новоза­вет­ното откро­вение и ни сведочи дека царството Божјо е цар­ство на благодатта на Духот, тоа е правда, радост и мир во Светиот Дух (Рим. 14,17). Свети Григориј Бого­слов вели: Божест­вото на Светиот Дух јасно е пока­жано во Светото писмо. Обрни внимание на овие факти: Христос се раѓа - Духот претходи (Лука 1,35); Хрис­тос се крштева - Духот сведочи (Јован 1,32-34); Христос е искушуван - Духот Го изведува (Матеј 4,1); Христос прави чуда - Духот соработува (Матеј 12,28); Христос се вознесува - Духот Го наследува (Дела 2,4). Светиот Дух е Бог, па затоа Нему Му припаѓа Божес­т­вена слава, почитување и поклонување, како на Отецот и Синот (Матеј 28,16; 1.Петр. 1,2; 2.Кор. 13,13). Воз­ви­шеноста на Светиот Дух ја нагла­сува Самиот Спа­си­тел и вели: Секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И, ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет (Матеј 12,31-32).

Црквата целото учење за Светиот Дух го изразила во осмиот член на Сим­во­лот на верата: И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Оца, на Кого се поклонуваме и Го славиме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел пре­ку пророците.

Свети Атанасиј Велики, бранејќи го Божеството на Светиот Дух, вели: Без­­­божно е да се зборува дека Божјиот Дух е створен или создаден, зашто во цело­то Свето писмо на Стариот и Новиот завет, заедно со Отецот и Синот секогаш се вбројува и се слави Светиот Дух, зашто Он е од истото Божество и иста суштина. Во Светото писмо, каде што се спомнуваат Отецот и Синот, се спомнува и Светиот Дух, зашто Светиот Дух е секогаш ист, бидејќи е едносуштен со Отецот и Синот. Ду­хот е неделив од Синот, како што е неделив Синот од Отецот. А свети Григориј Богослов во своите познати слова за Света Троица говори: Светиот Дух секогаш бил, е, и ќе биде; Он ниту има почеток, ниту ќе има крај, туку секогаш се вбројува со Отецот и Синот. Зашто не доликува било на Отецот да биде без Син, или на Синот да биде без Дух. Такво нешто за Божеството на највисок степен е срамно, зашто би изгледало дека тоа дошло во полнота на совршенството со помош на некои внатрешни промени.

Во Новиот завет се сретнуваат и извесни места кои привидно противречат на Божеството на Светиот Дух. Зборовите на Спасителот за Светиот Дух: А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината (Јован 16,13), означуваат дека Светиот Дух нема да зборува само во Свое име, туку и во името на Света Троица на Свој ипос­та­сен начин. Свети Василиј Велики вели: И Синот не зборува од Себе, туку сведочи: Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам, не затоа што с# учи во Отецот, туку затоа што с# што говори Отецот, говори преку Синот во Светиот Дух (Јован 12,49).

Па така, кога Светиот Дух во Новиот завет се нарекува Бог, кога Нему Му се припишуваат особини и дејствија на Божествената природа, кога Светиот Дух по Божество е рамен на Отецот и Синот, тогаш следува дека на Светиот Дух треба да Му се оддава Божјо почитување, кое Му се оддава и на Отецот и на Синот, бидејќи Светиот Дух го има истото достоинство и власт како и другите две лица на Света Троица.

 
< Претходно   Следно >