Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, благословете На оваа пригодна свеченост, по повод матурирањето на 49-та генерација при МПБ „Свети Климент Охридски“, од свое име и името на моите соученици сакам кратко да се обратам пред сите овде присутни. Свет оче Клименте, овде, во твојот дом, водени и заштитувани од твојата чудотворна икона, поминавме пет прекрасни години. Кога за првпат влеговме овде, во нашава сакана Богословија, бевме млади момчиња, жедни за словото Божјо, за наука, за просвета; личевме на ниви подготвени за обработка. А денес, овој последен ден од нашиот престој тука, сметаме дека веќе сме зрели плодови, израснати врз мајсторски обработена почва. Зашто, вредните раце и добронамерните срца на нашите професори и воспитувачи успеаја во целост да нѐ облагородат со словото Божјо, да нѐ образуваат и да нѐ просветат. Затоа, неизмерно ти благодариме и те величаме тебе свет оче Клименте, наш покровителу и ти се молиме, биди постојано со нас во целиот наш живот! Со посебна благодарност се обраќаме кон нашиот ректор, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, под чиешто будно око се формиравме во личности, способни да одат по патот на духовниот труд. Ви благодариме Владико за тоа што Вие, високо го ценевте нашиот труд, вложен во совладувањето на богословската наука и на крајот од нашето школување благоизволивте да нѐ наградите со едно незаборавно, поклоничко патување, во братската, еднокрвна Русија. Високопреосветен Владико, Вашиот татковски благослов нека нѐ утврди во делото што овде го започнавме. Секогаш ќе останете во нашите спомени, пастиру наш. Им се заблагодаруваме на нашите класни раководители: о. Александар Крстаноски и о. Јован Кумески. Отец Александар ќе го паметиме како трпелив педагог, којшто смирено нѐ водеше уште од првите денови на нашиот престој во овој духовен расадник. Отец Јован за нас ќе остане отец во вистинска смисла на зборот. Отец мудар, воздржан, совесен и секогаш правичен. Благодрност и особена почит кон сите наши професори и воспитувачи. Драги професори, најблиски наши, верувајте дека секој еден од вас остави белег во нашите млади срца во коишто вечно ќе живеете. Ве уверуваме дека ќе бидете пример за нас и дека вашето дело ќе го продолжиме. Сметаме дека треба да се нагласи и делото на нашиот професор Јовица Накиќ, којшто вредно се трудел и работел во полза на образованието на плеада ученици, коишто учеле во нашата Богословија. Му посакуваме долг живот и пријатни пензионерски денови. Почит и пиетет изразуваме и кон Вашето Високопреосвештенство г. Јосиф, зашто Вие, во својство на пратеник на нашиот Свет архиерејски синод, со особено внимание и интерес го следевте нашиот матурски испит. Длабоко сме уверени дека веродостојно и во вистинско светло ќе нѐ претставите пред Вашите собраќа – светите Архијереи. Искажуваме благодарност и кон персоналот во нашата Богословија и ви порачуваме, на секоја од вас: ТЕ САКАМЕ, ТЕТО!!! Почитувани, човечки е да се згреши, но христијански е да се побара прошка и да се прости, затоа сите вас смирено ве молиме: ПРОСТЕТЕ!!! Братски поздрав од учениците матуранти. Христос помеѓу нас – Е и ќе биде!!! Сега и секогаш и во вечни векови, амин!!! Андреј Поп-Антоски
|