Говор по повод матурата |
15.06.2017. | |
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваше Преподобие, почитувани отци, професори, гости и драги матуранти, Во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“, во Скопје, секоја година овој период се собираме за да го одбележиме матурирањето на богословите од петтиот клас. Низ текот на овие пет години матурантите во ова училиште растеа и телесно и интелектуално и духовно, градејќи ја својата личност. Во Богословијата ги изучуваа богословските науки, но покрај тоа, тука, низ нивниот заеднички живот, се учеа на богољубие и братољубие, подготвувајќи се за идни свештенослужители и духовни водачи на нашиот народ, на патот кон спасението. Спасителот ни укажува дека ќе бидеме препознаени како Негови ученици ако имаме љубов помеѓу себе, бидејќи без тоа, евенгелската мисија не би имела никаков успех. Светиот апостол Павле во Посланието до Коринтјаните, во химната за љубовта, ни говори за возвишеноста на оваа врвна христијанска добродетел, која треба да ја имаме. Единствено таа се дели и умножува за разлика од сѐ друго. Низ вашето петгодишно школување овде, делевте меѓу вас и радосни и тажни моменти. Така ќе биде и во вашата евангелска дејност; ќе споделувате со нашиот народ исто такви моменти. Ќе треба да поучувате и многупати да дадете утеха некому. Впрочем, св. ап. Павле вели: „радувајте се со радосните, плачете со тие што плачат“. Денешниов ден, пак, е ден за ваша и наша радост. Завршува една фаза од вашиот развој; понатаму ќе го продолжите вашето школување на нашиот Богословки факултет, или на други духовни академии нарвор од Р. Македонија. Многумина од вас ќе стекнат поголемо образование и од нас, во иднина повисоки раководни места, кои со себе носат и многу поголема одговорност. „Помнете ги вашите наставници, кои ви го проповедаа словото Божјо“, како што и ние ги помниме нашите. Како класен раководител на оваа генерација богослови, ја користам оваа можност да ја искажам благодарноста до членовите на САС на МПЦ, на чело со нашиот Поглавар, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до ректорот на Богословијата, Митрополитот г. Агатангел, за грижата кон ова училиште, во кое условите за живот и работа од година во година се подобруваат. Благодарност и за тоа што оваа година овозможивте да се реализира матурската екскурзија во Русија, каде богословите можеа да посетат многу свети места. Оваа генерација богослови е 49-та по ред и своето матурирање го прославува во оваа јубилејна година, кога одбележуваме 50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, како и 50 години од формирањето на нашата Богословија како нејзина воспитно-образовна институција, која во своето досегашно работење изнедри многу сејачи на евангелското семе меѓу нашиот народ; затоа и со право можеме да ја наречеме наследничка на Светиклиментовиот универзитет. Оваа генерација ја претставуваат 12 ученици, кои со успех завршија во Богословијата. Мојата порака до вас, на крајот, е да бидете послушни и исполнителни во обврските што во иднина ќе ви бидат доверени, работејќи, пред сѐ, со вера и чувство дека Господ ве гледа вас и она што го работите. Би го кажал и она што до сега е многупати кажано, но не е лошо повторно да се напомене: имајте предвид дека богослов не е оној што само завршил богословско училиште или факултет и има интелектуално знаење од богословските науки, туку оној што знаењата ги има не само во својата глава, туку и во своето срце, и кој сето тоа го практикува и го сведочи преку личниот пример, бидејќи зборовите ја имаат моќта да поучат, но делата и личниот пример воспитуваат. Честитајќи ви го завршувањето на средното образование, ви посакувам успех во вашето понатамошно школување, со надеж дека ќе се покажете како достојни чеда на Македонската православна црквa и на св. Климент Охридски, нашиот патрон и заштитник. Нека е честито и од Бога благословено. Протојереј-ставрофор проф. Јован Кумевски |
< Претходно | Следно > |
---|