Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание на Повардарската епархија
Sample Image Sample Image Sample Image
ФОТО МАТЕРИЈАЛ ОД ОСВЕТУВАЊЕТО НА ЦРКВАТА „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО ВЕЛЕС
Sample Image
Sample Image
Sample Image
Sample Image
Sample Image
 
Ново издание на Повардарската епархија
13.06.2017.

Sample Image

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се подготви и се испечати реиздание на книгата „Свети Нектариј Егински-светител од наше време“. Оваа книга ја преведе свештеникот Јован Трпковски. Второто издание на оваа книга е поради големиот интерес на нашата читателската публика, која во изминатите години со несмален интензитет пројавуваше интерес за ова дело. Во книгата се опишани голем број на моменти од животот на светиот Нектариј, како и неговите пастирски поуки. Изданието, читателите можат да го порачаат во Повардарската епархија на тел. 043 221 231. 

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор за книгата

Голем благослов е за нас, што токму во нашата издавачка дејност, излегува веќе второто издание од книгата Свети Нектариј Егински. Поради славата која ја има светителот првото издание веќе се потроши, па ете, дојде ред, да излезе од печат второто, но дополнето издание. Освен житието и поуките на светителот, второто издание е дополнето со чудата на свети Нектариј од периодот 1969 до 1971 година. Сведоштвата доаѓаат од целиот свет, како доказ дека светителот се грижи и им помага на сите оние кои го почитуваат и кои го повикуваат во своите молитви, да се моли за нив.

Животот на свети Нектариј започнал во Силиврија, во домот на Димос и Василики Кефалас. Роден како петто дете од шесте деца во нивниот дом, Анастасиј уште од мал бил научен на побожност, на молитва, на скромен и сиромашен живот. Работел во продавница за тутун уште во детска возраст. Ја сакал науката, но во тоа време само богатите имале можност да ги школуваат своите деца, но малиот Анастасиј, како избран од Бога за голема мисија, го привлекол вниманието на некои луѓе кои се нафатиле да му го платат школувањето. Во Цариград се вработил како надзорник во метохот на Гробот Господов и останал таму 6 години. Потоа се преселува на островот Хиос каде што работи како учител, а во неделите оди во манастирот на преподобниот Пахомиј Хиоски. Станува монах со име Лазар, а по една година јероѓакон со ново име Нектариј. Со помош од покровители завршува образование, па заминува во Александрија, кај патријархот Софрониј IV. И тој откако ги увидел талентите на младиот јероѓакон, го испраќа да заврши високо образование, па потоа го ракополага за јеромонах и го одликува со архимандритско достоинство. Најпосле ќе биде ракоположен и за епископ Пентаполски. Но, ѓаволот кој никогаш не дреме и сега се замешал, па поттикнал завист кај патријархот и кај другите архиереи против светиот Нектариј, и светителот наскоро бил разрешен од сите обврски во митрополијата и останал сам владика, без своја епархија, без паства. Само една година и пол бил митрополит и веднаш бил разрешен и исфрлен од Александриската патријаршија. Се надевал дека Бог нема да го остави, и се случило според неговата вера. Бил поставен за ректор во Ризариевата богословија, каде што поминал речиси 14 години, подготвувајќи ги идните пастири и проповедници на Црквата Божја. Во 1907 ја напуштил оваа должност и се повлекол во манастирот на Света Троица на Егина, што самиот го изградил и во кој веќе живееле неколку монахињи – негови духовни чеда. Тука ги поминал последните години од својот живот, станувајќи сѐ за сите, и во 1920 година Господ, Кому цел живот Му служел, го повикал кај себе.

Една година по упокојувањето бил откопан и преместен во нов гроб, и тогаш се покажало дека е нераспаднат и дека шири благоухание. Три години по упокојувањето пак бил отворен и пак имало благоухание од неговото нераспаднато тело. Во 1927 година пак бил откопан. Во 1953 година пак бил откопан и дури тогаш телото се распаднало. На 5 ноември 1961 официјално бил прибројан во хоровите на светителите, и оттогаш па наваму Бог го прославува сѐ повеќе и повеќе, насекаде се градат храмови во негово име, и насекаде овој чудесен светител ја пројавува својата грижа за верниот народ. Оној кој остана без своја паства, сега цел свет го има за своја паства. Некогаш немаше каде глава да потслони, а сега нема место во неговиот манастир за да ги собере сите кои сакаат тука да престојуваат. Трпеливото поднесување на клеветите ги растури мрежите на ѓаволот, а смирението го издигна овој светител до небесните живеалишта.

Житието на свети Нектариј може да нѐ научи на многу полезни нешта, особено за тоа, како ѓаволот се меша кога ќе види дека во Црквата се случува нешто добро, за тоа дека не треба да ги мразиме или да им се одмаздуваме на оние кои ни причинуваат зло, бидејќи злото не доаѓа од нив, туку од таткото на лагата – ѓаволот. Ако со смирение и трпение поднесуваме сѐ, ги поднесуваме сите искушенија од ѓаволот, тогаш патот кон рајот нема да го промашиме.

Со надеж дека оваа книга ќе ви помогне во духовното патување кон Царството Божјо, од срце ви ја препорачувам, молејќи се, молитвите на светиот Нектариј да ве водат и закрилуваат во сите денови од вашите животи. Амин!

Митрополит повардарски

+Агатангел

 
< Претходно   Следно >