СВЕТА ТРОИЦА - 1 дел |
25.01.2008. | |
Светото откровение учи дека Бог не е само еден, туку е троичен - една суштина е, а три се лицата. Затоа христијанството е монотеистичка религија, за разлика од политеистичките религии, односно тоа е вера во едниот Бог по суштина, а троичен по ипостаси (лица). Догмата за Света Троица е основната вистина на христијанската вера. Таа е темелот на кој е создадена целокупната вера. Таа е знак на христијанството, па свети Григориј Назијанзин пишува: „Кога ќе кажам Бог, мислам на Отецот, Синот и Светиот Дух” и додава: „Христијанинот се одликува со верата во Отецот и Синот и Светиот Дух”.
Учењето за
Света Троица постои само во христијанската вера.
Со него, христијанството се
одликува и се
разликува и од
другите монотеистички религии. Дека Бог е
еден признаваат и
некои други религии, како еврејската и
муслиманската, но дека е
троичен - само христијанската. Сите три религии се
повикуваат на
исто потекло - како поклоници на Богот Авраамов. Денес многу е раширено новото (екуменистичко) мислење дека сите
ние кои се
сметаме како Авраамово потомство (Евреите и
муслиманите по тело,
а христијаните по
дух), Го имаме истиот Бог Авраамов,
па според тоа
сите три религии, секоја на свој
начин, се поклонуваат на истиот Бог.
Меѓутоа, тоа не
е така. Неоспорно е дека Авраам му служел на
вистинскиот Бог,
затоа и Евреите преку Исак, а
и муслиманите преку Агара (мајката на
Исмаил), се поколенија на оној првиот вистински Божји слуга - Авраам. Но, кон
ова треба да
се додадат неколку јасни одговори: Авраам не Му се
поклонувал на Бога
како на една
личност (како што
тоа сега го
прават Евреите и
муслиманите), туку Му
служел на едниот Бог во Света Троица, еден по
суштина, а троичен по ипостаси. Ние
читаме во
Светото писмо: „Потоа му
се јави Господ (на Авраама) кај
дабот Мамре кога
седеше пред вратата од шаторот свој,
на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Троица мажи
како стојат спроти него. Откако ги
виде, им притрча во пресрет пред
вратата на
шаторот свој, и
им се поклони до земи. И
рече: ‘Господи...’ “ (1.Мој. 18,1-3). Ние
православните христијани тоа
старозаветно јавување од
Света Троица
го празнуваме на денот Педесетница, кога ги украсуваме нашите храмови со зелени гранки, потсетувајќи
се на Мамрискиот даб и Му
се поклонуваме на
едниот Бог во
три лица, како што тоа некогаш го направил и
нашиот отец Авраам. Телесното потекло ништо не вреди, ако не сме
повторно родени во
водата на крштението на
верата Авраамова. А
верата Авраамова била
вера во Господ Исус Христос, како што и Самиот Господ рекол: „Авраам, таткото ваш, би се
зарадувал да го
види Мојот ден;
и го виде,
и се зарадува” (Јован 8,56). Тоа
било причина што
Господ, обраќајќи се
кон биолошкото Авраамово потомство,
рекол: „Ако бевте чеда
Авраамови,
вие ќе ги
вршевте делата Авраамови” (Јован 8,39), а тие дела,
најпрво, се „да веруваат во Оној, Кого Бог Го испратил” (Јован 6,29). На друго место, Господ Исус Христос, барајќи од еврејските старешини
(фарисеите и садукеите) достоен плод за
каење, им вели:
„Немојте
да говорите во
себе: ‘Наш татко е
Авраам’,
зашто Бог може,
ви велам, и
од овие камења да му издигне чеда на Авраама” (Матеј 3, 8-9). Затоа
и апостолот Павле продолжува:
„А,
ако сте, пак,
вие Христови, тогаш сте семе Авраамово, и по ветување наследници” (Гал.
3,29).
Учењето за
Света Троица опфаќа најсовршено
и најпотполно учење за Бога
дадено на луѓето преку Светото откровение. Тоа учење е
непоколебливиот темел на
секоја религиозна мисла, на секоја набожност, на секој духовен живот и искуство. Во него
е совршеното богопознание и
спасение. Споредено со
сопствените тајни, тоа е тајна над тајните. Од
него зрачат сите
останати догми, како зраците
на Сонцето. Кога ја бараме Света Троица, ние Го
бараме Бога, ја
бараме полнотата на битието, смислата и целта на постоењето. Затоа, со право свети Атанасиј Велики објавува: „Совршено богословие
е во Троица”, а
свети Григориј Богослов зборува: „Ние видовме и проповедаме кратко и едноставно богословие
на Троица,
од Светлината - Отецот, ние ја
примивме Светлината - Синот, во Светлината - Духот”.
Православната Црква е основана на
верата во Света Троица. Без верата во Неа не
може да се
стане член на
Христовата Црква. Во
Црквата с# е
од Света Троица и во Света Троица, зашто Самиот Господ Исус Христос им
заповедал на учениците: „Одете и
научете ги сите
народи, крштевајќи ги
во името на
Отецот, и Синот, и Светиот
Дух”
(Матеј 28,19). Свети Атанасиј Велики учи: „Црквата е
основана на
верата во Света Троица, па кој
ќе отпадне од
таа вера, не
може да се
нарече христијанин”. Ориген дополнува: „Од верата во
Света Троица зависи, и на неа
се држи целата Црква. Во Црквата се влегува единствено со вера и
крштение во името на трите
лица на Света Троица”. С# што се
случува во Црквата, доаѓа од Отецот преку Синот во
Светиот Дух.
Бог е
еден по суштина, а троичен по
лица. Истовремено е
и троичен и
е еден. Во
едната суштина има
три одделни лица:
Отец, Син и
Свет Дух. Тие
се рамни помеѓу Себе и еднобитни. Отецот е Бог, и
Синот е Бог,
и Светиот Дух
е Бог - но,
тоа не се
три бога, туку само еден Бог,
зашто суштината е
една и е
заедничка. Тие се
разликуваат по своите лични својства. Отецот има
својство на нероденост или татковство, Синот се раѓа, а
Светиот Дух излегува. Свети Григориј Богослов вели: „Бог е Троица во Единица и Единица
во Троица”. А во
неговиот говор за крштевањето се
изразува: „Не успевам ни
да помислам на
едниот, а веќе
сум озарен од
Троица. Не успевам ни да разделам Троица, а веќе
се вознесувам
кон едниот. Кога ми се претставува едниот од Троица, сметам дека тоа
е целината.
Тоа ги исполнува моите очи, а
вишокот бега од
мојот поглед, затоа во мојот ум,
кој е мошне ограничен
за да опфати само еден, нема место за повеќе. Кога Троица
соединувам во една
иста мисла, гледам само еден пламен, без да можам да ја разделам или измерам соединетата светлина”. Секое од лицата на
Света Троица има
своја совршена ипостас. Не е едно
лице повеќе Бог,
а друго помалку; едно посовршено, а друго помалку совршено, ниту пак
едно е порано, а другото подоцнежно. Тие не се
одвојуваат со волја, ниту се делат во силата. Иако сите имаат своја личност и
самостојност, сепак, се
наоѓаат во другите две и не
можат да се
замислат едно без
друго. Сите три
лица меѓу Себе
се проникнуваат и
живеат едно во
друго. Тие не
постојат едно во
друго слеани, туку соединети.
Невозможно е
да се каже
дека во Света Троица има три
суштини, како што
е невозможно да
се каже дека
е едно лице.
Кога суштината би
се делела, тогаш не би биле
три лица, туку три бога, независни еден од друг.
Ова е апсурдно да се помисли,
бидејќи Бог е
апсолутно битие, Кое
може да биде
само едно. Во
Бога постојат три лица, чија троичност не е
заснована на поделба на суштината, туку на личните својства. Трите лица се
еден Бог, затоа што имаат една
суштина, една волја и една моќ
и сила. Свети Григориј Назијанзин, кого често го именуваме “поет на
Света Троица” вели: „Кога речам: Бог, вие треба да се чувствувате озарени од единствена и троична светлина. Троична во однос на личните својства или на ипостасите, на лицата (да не се
препираме околу имињата, иако слоговите водат во таа смисла), а единствена, пак,
во однос на
суштината, односно Божеството, бидејќи Бог се
дели неразделиво
и се соединува разделено.
Божеството е Едно
во Троица и
Троица се Едно;
во кои е
Божеството или,
поточно речено, Кои
се Божество”. Понатаму вели:
„Замислете
ја Света Троица како еден бисер, кој од сите
страни е еднаков и подеднакво блеска. Ако било кој
дел од бисерот се оштети, целата негова убавина опаѓа. Така, кога Го
омаловажувате Синот за
да Му укажете почит на Отецот, Отецот не го прима вашето почитување. Отецот не се прославува со непочитување на
Синот. Синот се
почитува со почитување на Отецот. Ако
го омаловажувате Светиот Дух, Синот не
го прима вашето почитување...
Или почитувај ја
целата Троица, или
омаловажувај ја целата, за
да бидеш доследен на себе”.
Учењето за
Света Троица, Црквата верно го зачувала и по потреба го изразувала, кратко или опширно, во:
символи, вероисповедувања, славословија, литургии, молитви, песни и возгласи и
најпосле го дефинирала и завршно го
изразила во
Никео-цариградскиот символ на верата. Многу прецизно е изразено и во символот кој му
се припишува на
свети Атанасиј Велики, кој гласи: „Вселенската вера
е оваа: еден Бог во Троица, и Троица во
Единица да почитуваме, не сливајќи ги
ипостасите
ниту разделувајќи ја
суштината. Зашто една
е ипостаста на
Отецот, а друга на Синот, и
подруга на Светиот Дух. Но, едно е Божеството на
Отецот, Синот и
Светиот Дух,
рамна слава, совечно величество.
Каков е Отецот, таков е и
Синот, таков е
и Светиот
Дух. И така:
Бог е Отецот, Бог е Синот, Бог е и
Светиот Дух, па
сепак не се
три бога, туку еден Бог. Отецот од никого не
е создаден, ниту роден. Синот е
од Самиот Отец
несоздаден, туку роден. Светиот Дух е
од Отецот ни
создаден, ни роден, туку произлегува...
И во оваа
Троица, ништо не
е прво ни
последно, ништо поголемо или помало, туку се цели трите ипостаси, совечни на
Себе и рамни”.
Догмата за
Света Троица спаѓа во оние верски вистини кои се
најмалку достижни на нашиот ограничен ум. Затоа светите оци со право ја нарекуваат: најголема
и најсвета тајна. Тајната секогаш останува тајна, зашто нема
разум кој може
да ја објасни, ниту да може
да објасни како
и на кој
начин постои Света Троица, како трите Божествени
лица се еден
Бог и нема
зборови со кои
може тоа да
се изрази, ниту пак чувство кое
ќе може да
ја опфати. Ова
не може да
го изрази не
само човечкиот јазик, туку ни ангелскиот. С# е
неискажливо, недопирливо, несфатливо
и го надминува секое наше разбирање. Затоа, мора да
се темелиме исклучиво на тоа
што ни е
дадено во Светото откровение. Да
се размислува во
границите на
верата и да
се зборува онолку, колку Бог кажал за
Себе. Да се
зборува за Неа
со најдлабоко стравопочитување и
љубов, онака како
што светите оци
на Црквата “таиниците на
Света Троица” ја расветлувале догмата. Да
ја прифатиме како
факт, чија очигледност и неопходност се
засновува врз самата Неа.
Сепак, тајната за Света Троица не противречи на
здравиот разум, иако е недостижна за него. Затоа, светите оци и
учители на Црквата, заради полесно објаснување и
подобро разбирање, употребувале разни споредби. Споредбите, пак,
иако биле многу слаби и непотполни, им
служеле колку што
е можно повеќе да ја сфатат недостижната
тајна. Тие
се служеле со
следните споредби: сонцето од кое се
раѓа сончевата светлина и излегува топлината,
а сепак, сите три (сонце, светлина и топлина) сочинуваат една единствена суштина - Сонце; потоа огнот, неговиот блесок
и топлината; па
коренот, стеблото
и гранките кои
го сочинуваат дрвото; изворот, текот и сливот на
реката; рамностраниот триаголник; трите способности на
душата: умот, волјата и чувството; трите просторни димензии - должина, ширина и висина, кои го сочинуваат просторот;
трите временски периоди - минато, сегашност
и иднина, чија суштина е времето итн. Меѓутоа, сите споредувања,
и покрај своите вредности,
се многу слаби. Затоа, при нивното употребување
треба да се
биде претпазлив. Тие
треба да се
примаат како многу слаба слика за
Света Троица. Ниедни споредувања
и слики, никаков символ и ниеден збор не можат да бидат доволни и јасни за
да ја изразат оваа тајна. Затоа свети Григориј Богослов вели: „Јас многу грижливо размислував
за ова, го
гледав од секоја страна, но не
најдов ништо на
земјата што
би можело да
се спореди со
Божеството. Зашто ако
се најде некоја мала сличност, таа
со поголемиот дел
бега, оставајќи ме
долу со споредувањето... Најпосле, дојдов до
заклучок дека е
најдобро
да се остават на страна сите
споредувања
и сенки, како нешто лажливо и
далеку од вистината, а да се
држи до побожната мисла и
останувајќи при малку зборови, да
се има за
патеводител Светиот Дух...
“.
Терминологијата со
која се изразувала Света Троица во
почетокот не била
утврдена. Често се
мешале изразите усија и супстанција со изразите ипостас, просопон и персона.
За да се
утврди терминологијата и
да се отстранат недоумиците
и недоразбирањата поради различното разбирање и употреба на
термините, свети Атанасиј Велики свикал собор во Александрија 362 година. Решено е под
термините усија
(ousia) и супстанција (субстантиа)
да се разбере тоа што е
заедничко за сите
три лица на
Света Троица - суштината, а под термините ипостас (upostasiV), просопон (proswpon)
и персона (персона) треба да се разбере она што е
троично во суштината - лицата, и тоа
со што лицата се разликуваат меѓу
Себе.
УЧЕЊЕ НА СВЕТОТО ОТКРОВЕНИЕ ЗА СВЕТА ТРОИЦА
ПОСТАПНОСТ ВО ОБЈАВУВАЊЕТО
Догмата за
Света Троица не
е можно да
ја открие, ниту пак да ја
пронајде никој од
луѓето, ниту поединец, ниту целото човештво колективно.
Таа е богооткриена вистина, која поради својата таинственост и
недостижност преку Светото откровение
постапно е објавувана на луѓето. Тоа објавување
Бог можел да
го направи одеднаш, но не го
направил тоа така,
туку постапно ја
откривал тајната над
тајните со оглед на човековиот духовен и морален раст.
Светиот апостол Павле вели: „Бог, Кој
во старо време, откако многупати и
на многу начини им зборуваше на
оците наши преку пророците,
во последниве дни
ни зборува преку Синот” (Евр.
1,1).
Во Стариот завет учењето за
Света Троица е
мошне нејасно, кратко и непотполно, но тоа не
значи дека воопшто го нема. Дури во Новиот завет тоа учење го
добива својот потполн израз. Старозаветното учење е подготовка за новозаветното, тоа
е „...сенка на идните добра кои пристапуваат” (Евр. 10,1). Многу места во Стариот
завет, навистина, потполно јасно и одредено не говорат
за Света Троица, но сепак говорат. Свети Григориј Богослов вели: „Стариот завет јасно Го објавил Отецот, а Синот не
толку јасно. Новиот завет Го открил Синот, и укажал на Божеството
на Духот, а
сега, пак, Самиот Дух живее со
нас и појасно ни се покажува Себеси. Бидејќи не
било безопасно пред
да се признае Божеството
на Отецот, јасно да се проповеда Синот и
пред да ја
примиме проповедта за
Синот да се
оптоваруваме
со проповед
(посмело да се
изразам) за Светиот Дух, за да
не бидеме изложени на опасност да
го изгубиме дури
и тоа што
ни е на
дофат, како што
бива со луѓето кои со прекумерна храна се
преоптоваруваат себе, или
слабите очи ги
вперуваат во сончевата
светлина, туку требало светлината на
Света Троица да
ги озарува просветлуваните со
постепено додавање, искачување и напредување од
слава во слава”. Свети Епифаниј поконкретно вели:
„Едното
Божество е посебно објавено кај
Мојсеј, Двајцата силно се
проповедани од пророците, а Троицата се
покажуваат во Евангелијата”.
Причината за
постапното објавување на
вистините за Света Троица е таа,
што Евреите не
биле духовно зрели одеднаш да ја
примат целокупната вистина и тоа, што
биле наклонети кон
многубоштвото, бидејќи опкружени со незнабожечки народи, лесно можеле догмата за
Бога во три
лица да ја
протолкуваат во многубожечка смисла. Од друга страна, човечката природа, поради својата ограниченост и гревовност не
била способна одеднаш да ја прими полнотата на учењето за Света Троица. Требало човекот постепено да се прилагодува и да се
воведува во оваа
света тајна над
тајните. Требало човековата
природа постепено да
се исцелува од
гревот и да
се оспособува за
примање на најголемата тајна. Блажени Теодорит за ова пишува: „Според
Својата бескрајна мудрост, Бог не сакал на Евреите да
им објави потполно знаење за
Света Троица, та
тие во тоа
да најдат повод да се поклонуваат на многу богови, зашто биле наклонети на египетската безбожност.
И затоа, по
вавилонското ропство, кога Евреите јасно чувствувале одвратност кон
многубоштвото, во
нивните свештени и
несвештените книги се
среќаваат многу повеќе јасни места отколку порано, во кои
се зборува за
Божествените лица”.
Стариот завет е, исто така,
завет на Троичното Божество, но со
оглед на пројавувањето и
улогата на лицата од Света Троица, местата во кои
за нив се
зборува можат да се поделат во три групи.
Првата група ја сочинуваат оние
места каде што
Бог зборува за
Себе во множина, истовремено
задржувајќи го поимот за Себе како
за еден. Тие
зборуваат дека во
Бога има повеќе лица, а нивниот број не го
одредуваат точно. Тие
места се: „Потоа рече
Бог: Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме
Ние..., и го
создаде Бог човекот според образот Свој” (1.Мој. 1,26-27). „Ете, Адам стана како еден
од Нас” (1.Мој. 3,22). Второ место е: „Рече Господ: Ајде да слеземе и
да им го
збркаме јазикот нивни за да не
се разбираат еден
со друг што
зборуваат! И така
Господ ги растури оттаму по целата земја, и престанаа да го ѕидаат градот и кулата. Затоа тој се
нарече Вавилон, зашто таму го збрка Господ јазикот на
целата земја” (1.Мој. 11,7-9). Во овие
цитирани места Бог
се советува и
беседи со други лица во множина, Кои се рамни на Него. Од
текстовите се гледа дека во Неговата една суштина постојат повеќе лица, иако тука не е
прецизирано дека тие
се три. Некои тврдат дека тоа
се ангелите. Тоа
не е точно, бидејќи тие не
се собеседници рамни на Бога, а
собеседниците во цитираниот текст се рамни на Него. Исто така, ангелите немаат творечка моќ, туку и тие се
слуги и творенија Божји, а овде,
увидуваме дека Бог
со Своите собеседници заедно го создава светот и човекот, па сите имаат творечка моќ.
На Бога не
му треба помош од Неговите несовршени созданија и слуги. Други, пак, велат дека Бог беседел сам со Себе,
како што прават некои луѓе за
да се поттикнат за некоја работа. Но тоа не
е точно. Бог
е семоќен и
не Му треба никакво поттикнување. Трети, пак, велат дека
Бог за Себе
говори во множина со
“Ние” како што
прават силните властодршци овде на земјата. Меѓутоа, овој обичај е од подоцнежно потекло, бидејќи самиот Мојсеј никаде за себе не
зборува во множина, а исто така
Бог е далеку од секаква човечка суета, та за
Себе да се
изразува така.
Во втората група спаѓаат оние
места кои го
одредуваат бројот на
Божествените
лица како три,
но помеѓу нив
не се прави разлика и не
се употребуваат лични имиња. Во овие
места спаѓа она,
во кое се
опишува Божјото јавување на Аврам кај
Мамрискиот даб, во
облик на тројца патници: „Потоа му се
јави Господ (на
Авраама) кај
дабот Мамре кога
седеше пред вратата од шаторот свој,
на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Троица мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им
притрча во пресрет пред вратата на
шаторот свој, и
им се поклони доземи. И рече:
Господи, ако сум
нашол милост пред
Тебе, немој да
го одминеш слугата Свој” (1.Мој.
18,1-3). Овде јасно се
гледа дека Аврам гледа Троица, а
разговара со Еден.
Господ во три
лица рамни на
Себе води разговор
со Авраама во
име на еден,
па затоа разговорот завршува со зборовите: „И Господ замина, откако престана да зборува со Авраам” (1.Мој. 18,33). Црковното предание во ова јавување гледа богојавление, јавување на Света Троица. Блажени Августин вели:
„Авраам
среќава Троица,
а се поклонува на Еден. Здогледувајќи Троица, тој ја дознал тајната на Света Троица, а поклонувајќи се
на Еден, тој
исповедал еден Бог
во три лица”.
Слична објава на Света Троица е и серафимската песна што ја слушал пророк Исаија за
време на своето видение од
Бога: „Свет, свет, свет е Господ Саваот” (Иса. 6,3). Ова укажува на троичноста на лицата на Бога. Трикратното повторување на зборот свет, покажува дека
се однесува на
едниот Бог во
Троица. Свети Атанасиј Велики вака го
толкува ова место од Светото писмо: „Кога серафимите Го славословат Бога,
говорејќи трикратно, свет, свет, свет е
Господ Саваот, тие
Го славословат Отецот и Синот и
Светиот Дух... Зашто Отецот и Синот и Светиот Дух
е Господ Саваот, бидејќи едно е
Божеството и еден
е Бог во
три ипостаси”. Пророкот
Го видел Господа како седи на
висок престол и
го слушал Неговиот глас кој зборува: „Кого да
испратам и кој
ќе отиде заради нас?” (Иса 6,8). Значи, Бог се обраќа со прашање на
Себе рамните. Тоа
го потврдува и
евангелистот Јован (Јован 12,41), како
и во книгата Дела на светите апостоли (Дела 28,25-26).
Третата група ја сочинуваат оние
места на Стариот завет кои поодредено ги опишуваат и
ја подвлекуваат разликата помеѓу лицата на
Света Троица, нарекувајќи
ги со нивните имиња. Така, за
личноста на Синот и Неговото Божество се зборува во
месијанските пророштва: „Господ ми
рече: Ти си
Син Мој, Јас
денес Те родив” (Псал. 2,7). „Му рече
Господ на мојот Господ: Седи од
Мојата десна страна, додека ги
ставам непријателите Твои
во подножјето на
нозете Твои... Те родив уште пред
да постои ѕвездата Деница” (Псал.
109,1 и 3). Самиот Бог
Отец Го нарекува Месијата Бог:
„Затоа,
Боже, Твојот Бог,
Те помаза со
елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници” (Псал.
44,7). Кај пророк Исаија, Месијата се нарекува “Емануил” (Иса.
7,14) и уште се
нарекува: „Советник, Чудесен, Бог
силен, Отец вечен, Кнез на мирот” (Иса.
9,6). Сите овие места ја покажуваат самостојноста на
Неговата личност
и Неговото Божество.
На личноста и Божеството на
Светиот Дух укажуваат следниве места: „Духот
Божји лебдеше над
водата”
(1.Мој. 1,2). Бог преку пророкот Захариј вели
дека: „Законот и зборовите ги испраќаше Господ Саваот преку Својот Дух до поранешните
пророци”
(Зах. 7,2). Најјасно сведоштво за Светиот Дух
се наоѓа во
месијанските пророштва:
„Господ
Бог ме испрати и Неговиот Дух” (Иса.
48,16) и „Духот на Господ Бог е врз
Мене, зашто Господ Ме помаза за
да им благовестувам на
бедните...
“ (Иса. 61,1). Псалмопејачот Давид покајнички
се моли: „Не отфрлувај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не
одземај Го од
мене”
(Псал. 50,11).
Сепак, најјасно сведоштво во Стариот завет за Света Троица се наоѓа во книгата
Мудрост Соломонова, каде богомудро се вели:
„Волјата
Твоја кој ќе
ја познае,
ако Ти мудроста не си ни
ја дал и
одозгора не ни
го беше испратил Твојот Свет Дух?” (Мудр. Сол.
9,17).
Новиот завет е откровение на
Света Троица за
Света Троица. Во
него Отецот го
праќа Синот и дејствува преку Него, Синот Го
открива Отецот и
Го наговестува Светиот Дух,
а Светиот Дух
го продолжува делото на Синот. С#
бива од Отецот преку Синот
во Светиот Дух.
Во Новиот завет с# е од
Света Троица и
с# е во
Света Троица,
зашто Спасителовата проповед на земјата е
проповед за едниот Бог во три
лица.
Новиот завет започнува со благовеста на свети архангел Гаврил на Пресветата
Дева Марија за
Света Троица: „Светиот Дух
ќе слегне на
тебе и силата на Севишниот и
ќе те осени; па затоа и
роденото ќе биде
свето и ќе
се нарече Син
Божји”
(Лука 1,35). Троичниото Божество се објавува Себеси при Христовото крштение на Јордан: Отецот сведочи за
Христа од небото: „Овој е
Мојот возљубен Син”, а
Светиот Дух
во исто време слегува од небото во облик на
гулаб врз Синот (Мат.
3,16-17; Марко 1,10-11; Лука. 3,22; Јован 1,32-33). Ова е
убаво изразено во
Богојавленскиот тропар: „Кога во
Јордан се кршетваше, Господи, се потврди поклонувањето на
Света Троица; гласот на Отецот сведочеше за Тебе
и Те нарече Свој сакан Син;
а Духот во
вид на гулаб ја потврди вистината на тоа сведоштво. Христе Боже, Ти
Кој се јави
и светот го
просвети, слава Ти”. Целата проповед на Спасителот е
посведочена со личностите на Отецот, и
на Синот, и
на Светиот Дух.
Господ Исус Христос пред вознесението им
заповеда на Своите ученици кога ги
испраќа на проповед: „Одете и
научете ги сите
народи, крштевајќи ги
во името на
Отецот, и Синот, и Светиот Дух” (Мат.
28,19). Он им ветува на учениците дека
ќе им испрати Утешител: „А Утешителот, пак,
Духот Свети, Кого што Отецот ќе
Го испрати во
Мое име, Он
ќе ве научи на с# и
ќе ви напомни за с# што
сум ви зборувал” (Јован 14,26). Евангелистот
Јован јасно сведочи за Света Троица кога вели: „Троица се
Кои сведочат на
небото: Отецот,
Словото и Светиот Дух; и Троица се едно” (1.Јов. 5,7). Апостолите целиот свој живот го
посветуваат на проповедањето на
верата во Света Троица. Апостолот Павле, завршувајќи го своето Второ послание до
Коринтјаните, ги
поздравува со зборовите: „Благодатта на
нашиот Господ Исус
Христос и љубовта на Бога и
Отецот и
заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас.
Амин”
(2.Кор. 13,13). |
< Претходно | Следно > |
---|