Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание
Велигденско послание
13.04.2017.

† А Г А Т А Н Г Е Л

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО  - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

Возљубени наши духовни чеда!

Sample ImageХристовото воскресение е темел и основа на христијанската вера. Христос воскресна од гробот, ги разурна портите на адот и ја победи смртта, најголемиот непријател на човекот и на сето создание. Без Христовото воскресение верата не би имала никаква смисла, а човекот би умирал и би исчезнувал од овој свет засекогаш. Воскресението е триумфална и славна победа за секој оној кој го следи Христа, кој верува во Него и ги применува Неговите спасоносни начела во својот секојдневен духовен живот. За оние кои веруваат, Воскресението Христово е гаранција дека и тие ќе воскреснат преобразени и прославени за вечниот живот. Воскреснатиот Христос, со Својата праведна жртва на крстот, за првпат во историјата на човештвото одговорил со љубов кон омразата, со што бил затворен кругот на насилството и на светот му била испратена сосема нова порака, исполнета со мир, љубов и добрина. Воскресението го осмислува секој христијански подвиг, ја оправдува секоја добродетел, почнувајќи од милосрдието и добрината, и завршувајќи со маченичката смрт на славните и неповторливи личности од нашата свештена историја. Преку Воскресението Христово можеме да ги разбереме и вековните напори на нашиот прекрасен македонски народ, кој вековно се борел да ја зачува својата православна вера, својата нација, својата држава - слободата, плаќајќи ја постојано цената на нечовечкото ропство, омаловажување, понижување, па и смрт. За македонскиот православен народ, не физичкото насилие, туку опоганетоста на духот е мрачниот господар кој голта сé пред себе и води во духовна пропаст и потчинетост. Затоа, за Македонците, Велигден е најголемиот христијански празник, тој е сенародна прослава на победата на животот над смртта, на правдата над неправдата, на радоста над бесмислата и тагата.

Драги браќа и сестри!

Воскресението Христово ги надминува границите на просторот и времето во кои живееме. Самиот Син Божји, Второто лице од Светата Троица - нашиот Бог, се воплоти, стана човек еднаков на нас, го претрпе секое зло и понижување, пострада на крстот и воскресна на третиот ден по упокојувањето. Смртта не можеше во своите окови да го задржи Праведникот, умирањето немаше никаква власт над Животодавецот и Творецот на сé што постои. За нас кои веруваме во Христа, телесното умирање е почеток и порта на нов преобразен и вечен живот во Божјата прегратка. Општото воскресение на праведниците, е аголниот камен на сета наша вера и на целата наша надеж. Живееме во време кога човечкиот морал и добрина се згазени и понижени од смртта и бесмислата, па верувајќи во Воскреснатиот Христос, веруваме и во обновувањето, унапредувањето и осмислувањето на самиот живот и на секоја човечка доблест во него. Христос дојде и се понуди Себеси како жртва. Дојде да му служи на човештвото, а не да владее со него. Преку своето смирение, ја откри тајната на саможртвената љубов, која е основниот атом на човековото постоење. Сите форми на антиљубовта, како што се себичноста, духовната празнина и насилие, нечесноста, властољубивоста, безделничењето го напаѓаат нашето општество, ја ништат тешко стекнатата духовна слобода и постепено го загрозуваат духовното напредување на човековата личност. Тажна и неизвесна е иднината на човекот ако не ги усвои спасоносните Евангелски начела и ако својата душа не ја осени со сјајот на воскресната светлина. Преку Воскресението Христово и христијанската вера која произлегува од него, ги освојуваме неограничените божествени пространства на љубовта и добродетелта. Преку Христа ја здобиваме надежта и утехата во надминувањето и лекувањето на сите рани предизвикани од суровоста на животот.

Возљубени чеда на Македонија!

Годинава, ќе го прославиме 50-дишниот јубилеј од создавањето на Македонската православна богословија во Драчево, 40-годишниот јубилеј од формирањето на Богословскиот факултет во Скопје, а како круна на сите наши прослави и сеќавања ќе биде прославата на 50-годишниот јубилеј од прогласувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на современата Македонска православна црква, која свечено беше објавена на точно 200 години од нејзиното укинување од страна на турскиот султан. Автокефалната Македонска православна црква е остварување на повеќевековниот идеал на нашите славни претци, но во исто време е и симбол на слободата на македонскиот православен народ. Во текот на овие 50 години на автокефален црковен живот, ние за секој свој институционален и духовен напредок сме дале многу жртви, претрпувајќи разни понижувања, лицемерија и притисоци. Но и покрај тоа, мнозина Македонци, својот духовен мир и своето спасение, го најдоа во крилото на Македонската православна црква. Во овие тешки денови за нашето македонско општество би требало да го надминеме секое насилство, секоја омраза и омаловажување, зашто човекот не е одговорен само за себе и за своето најблиско семејство, туку и за целиот природен и духовен поредок во општеството. Токму Христос како воскреснат Богочовек ги повикува сите луѓе на меѓусебна љубов, мир и толеранција. Воскреснатиот Христос ги соединува сите потреби на човекот, го вдахновува неговото постоење и му дава вечна смисла на неговиот живот.

Овој Велигден, во 2017-то лето Господово, нека биде величенствениот ден на нашето духовно воздигнување и национално обединување. Воскреснатиот Христос нé повикува да останеме во вистината и да ја исполниме секоја правда. Да не дозволиме да ни биде одземена слободата, зашто со многу труд, откажувања и скапоцени жртви е платено нејзиното освојување. Македонија е наша заедничка татковина, составен дел на нашиот национален идентитет. Па, затоа нé повикува Христос да ја чуваме и браниме нашата православна вера, автокефалноста на Македонската православна црква, самостојноста и унитарноста на македонската држава, која по многувековно ропство конечно ја имаме како реалност. Да застанеме на браникот на татковината и со многу воскресенска љубов и достоинство да не допуштиме нечестивите да ни го менуваат името, јазикот, знамето, односно она што од памтивек се наши македонски национални обележја. Ова е историскиот момент кога им требаме на нашата татковина, сега треба да покажеме пред светот дека во Македонија отсекогаш се раѓале упорни борци за вистината и правдата. Не плашете се драги браќа и сестри да го чувате своето и со многу упорност и духовна убавина да му застанете на патот на злото кое се надвило над нашето мирно македонско општество.

Искрено и од сé срце Ви посакувам во многу мир, духовна бодрост, чиста и искрена љубов, добра мисла и посветеност, во кругот на своето семејство и заедно со сите свои ближни пријатели да ги дочекате претстојните Велигденски празници. Воскреснатиот Христос нека ги крепи сите ваши добри намери и нека ви биде сотрудник во секоја идна радост и благосостојба.

Христос Воскресе! Христос Воскресе! Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!

Воскресение Христово - Велигден

2017-то лето Господово

 
< Претходно   Следно >