Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Sample Image Sample Image Sample Image
Sample Image
Sample Image
 
Ново издание од Повардарската епархија

 Sample ImageСо благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се подготви и се испечати книгата „Свети Пајсиј Величковски“. Оваа книга ја преведе свештеникот Игор Пармачки. Ова најново издание на издаваштвото на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ излезе од печат непосредно пред започнувањето на годинешниот Саем на книгата, така што сите оние кои сакаат да ја купат оваа книга можат да ја најдат на штандот на Македонската православна црква на Скопскиот саем или да го порачаат директно од Повардарската епархија на тел. 043 221 231. 

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Во секој период од историјата, кој е различен од претходниот, Бог повикува соодветни учители, проповедници, светители, кои живеат во тој конкретен период, го знаат духот на времето, го знаат товарот на народот, и токму таквите, како запалени светилници, како ѕвезди водилки, му даваат насока на народот, како во тоа време да Го најде и следи Христа, како да верува, и покрај сите модерни противречности.

 

Една таква блескава ѕвезда заблеска и во Украина, во семејството на свештеникот Јован, во градот Полтава. Украина изобилува со свети луѓе, со свети обители и цркви, со многу нетлени мошти од светители, чии што молитви и поуки го формирале „умот Христов“ кај побожните Украинци. Најпобожни ученици во руските семинарии отсекогаш биле младите украински богослови. Светиот Пајсиј е роден во таква духовна клима, а уште позначајно за неговиот иден призив е фактот што е роден во побожно свештеничко семејство, каде што уште од мали нозе се учел на пост, молитва, на стекнување добродетели. Во детска возраст почувствувал призив од Бога кон монашки живот, па заминал во Медведковскиот манастир, кој принудно го напуштил за само неколку години. Работел во печатниците на Киево-печерската лавра, три години поминал во манастирите во Влахија и Молдавија, а потоа во 1746 година заминал на Света Гора, каде што се учел на автентичен монашки живот и на Исусовата молитва. Таму бил ракоположен за јеромонах. Поради Руско-турската војна морал да се врати во Молдо-влахија каде што се обидел да го возобнови монашкиот живот. Поминал неколку манастири и на крајот останал во манастирот Њамц, каде што се зафатил со преведување на светоотечките дела од грчки јазик. Се упокоил во 1794 година.

Светиот Пајсиј е еден од најзначајните обновители на духовниот живот во денешна Романија, а преку неговите духовни чеда и во Русија. Во неговиот живот превел многу значајни светоотечки дела, од кои најзначајно е Добротољубието, кое го превел од грчки јазик. Благодарение на неговиот превод на црковно-словенски јазик, денес сите словенски Цркви го имаат преведено ова капитално дело на свој јазик. Напишал и многу писма до разни личности, како и дело за Исусовата молитва. Во негово време бил возобновен духовниот живот во романските манастири, каде што монасите живееле под раководство на духовник – старец, се занимавале со Исусовата молитва и се причестувале редовно на Божествената литургија. Во својот живот Бог го удостоил да биде духовник на повеќе од илјада монаси, од разни националности, преку кои исихастичкото предание и автентичното старчество се проширило низ цела денешна Романија, Русија, како и на целиот Балкан.

Манастирот Њамц, е осветен од неговите свети подвизи, од неговото „пролевање на крв за да прими дух“, но и прославен е од неговите преводи и авторски дела, кои сведочат за величието на овој духовен горостас. Во манастирот сѐ уште постојат огромните повеќеспратни конаци, како сведоци за некогашниот жив монашки живот, со многу трудољубиви монаси, кои како духовни пчели собирале најубав и најчист нектар и на Бога му го принесувале како чист мед.

Од овие медоносни поуки се хранеле многу генерации христијани, а еве сега, преку овој превод на македонски јазик, и ние ќе можеме да се насладуваме и да се храниме од овој непресушен извор на вдахновение и поттик за духовен живот, за залет кон вечноста, каде што ќе се радуваме од заедницата со Бога, во друштво на ангелите и светителите. Амин!

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >