Проповед на празникот на св. Агатангел Битолски |
13.03.2017. | |
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ, АМИН! „На Божјиот народ Македонски, Мачениче, како ангел му се покажа, кога тешкото ропство османлиско тој го поднесуваше, оставен сосема без сила, а и од беззакониците наведуван кон одрекнување од верата на нивните прадедовци, но нивните патишта знаменити од опасност ти ги избави, па затоа денес те славиме и молитвено ти благодариме“ (фрагмент од четвртата песна од канонот на маченикот). Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри.
Имал овој род такви икони низ вековите, кои што како бедем и тврдина околу нас се насобрани и како ѕид не штитат од сите напади на иноплемениците. Една таква прекрасна икона, еден таков прекрасен богобојазлив маж денес е поставен на пиедесталот на нашето Македонско славење. Овде, на средината на храмот можеме да го видиме, пред сите нас изобразен ликот на светото момче, на Агатангел - маченикот Христа ради, кој како светло сонце, со лаците на светоста своја сите нас не озарува. Светли Агатангел - Македонскиот ангел со примерот свој и не потсетува на минатото, на тоа тешко минато во кое што тој, со храброста на своето мачеништво му даде кураж на овој род избавувајќи го од маките и нечестивоста Мухамедова и од душегубната прелест на Агара. Да се биде маченик за верата Христова, драги мои, е многу тешка работа. И без оглед на степенот на нашето мачеништво, ние сите верни поединечно на некој начин сме тоа - соодветни маченици или сведоци Христови за верата. Но, мачеништвото преставува и духовен подвиг чија вистинитост може да се посведочи единствено преку плодовите од Светиот Дух, а тоа се добрите дела. Делата се тие кои секој еден од нас го разликуваат од другиот, го прават икона Христова сама по себе, Лик по кој сите сме едно во Господа, но со својата слобода бираме колку ќе се уподобуваме - доближуваме до Него. Љубовта Божја, која што е така силно насочена кон овој род, за нас Македонците значи големо мачеништво, па истовремено во нас ја разгорува секогаш таа борба и предизвикот за наш се поистакнат и повозвишен духовен развој. Велам духовен развој, а не стагнација и пад. Повторно ли сега ќе има потреба да се докажуваме кои сме? Има ли уште во светот народи и поединци кои не слушнале за мирољубивоста и делата на овој свет народ? Има ли такви на кои што се уште не им е јасно дека сме постоеле, ете постоиме, и ќе постоиме, и тоа не според нечија заслуга на овие денес, тука според волјата Божја, која е света и неизменлива и секако по молитвите на оние, кои што го израмнија патот и ги направија патеките наши - мислам на мачениците и светителите од овој род. До кога самите ќе го уриваме она што сме го создавале, или ќе речам она што го создале нашите предци? Дали имаме такво право да газиме по сето она што е свето и макотрпно заработено од овие кои денес ги спомнавме? До кога се повеќе ќе размислуваме за некои “европски идеали”, а нема да ја познаваме нашата историја, која не е само државна, ами и црковна? Зашто кога не немало како држава, не имало како црква, и како јадро кое истиот народ го водело кон Бога. Како сега наеднаш сето тоа се заборава, и Црквата се остава по маргините на нашето општество, посебно од државата? Па се оди дури доттаму да се уништи сето она, за кое гинеа нашите дедовци и прадедовци, нашите деца да останат духовно необразовани и без корен, за да не знаат за себе и за сето она што им претходело на истата оваа света почва по која газиме денес. Па зарем за таа света должност не гинеа мачениците од овој род? Како сега ние ќе ја браниме татковината и таа света должност во неа ако не се потрудиме да си ја зачуваме верата прадедова, како што тоа го правел денешниот маченик? Како ќе говориме за понатамошен духовен развој, кога некој се обидува во корен да го засече сето она за кое се пролеало толку маченичка крв? И затоа реков дека развојот во духовноста исклучиво скоро секогаш зависи од поединецот, кој во исто време всушност е и маченик за верата во Христа Исуса. Но, само малкумина се тие кои можат да се пофалат со таков степен на духовен развој и просветлување на умот, малкумина се тие, кои како денешниот наш славеник ќе соберат храброст и ќе застанат пред царскиот сарај, со ферманот в рака и ќе го поднесат сиот товар на плеќите свои, без да се тетерават пред тој тежок крст. Таквото сведоштво пред агарјаните за него значела смрт, но пред Бога и пред овој род, кој вечно ќе го чевствува значи живот вечен. Па нели Ги чувме Господовите зборови во Евангелието:”Не бојте се од оние кои го убиваат телото, а на душата ваша не и можат ништо; ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од оние кои можат и душата и телото ваше да го уништат, од тие ви велам да се боите”. Светиот Агатангел не можел да трпи и да гледа како Турците неконтролирано се изживувале врз христијаните, притоа не бирајќи начини да ги принудат да пристапат кон исламската вера и затоа поттикнат и огорчен од овие настани, собрал смелост и ги изобличил незнабожците, а на верните им дал поттик да истрајат во вистинската вера. И не само тоа, на верните им го оставил и своето тело, за да им биде сладосна утеха, а главата, пак преку меч исечена, на Господа Му ја принесе низ вера и дејност света, за преку неа овој род да црпи исцеленија. Ова е доказ за љубов братољубива - душите на ближните свои поскапоцени да ги сметаш отколку сопствената. Ова е сведоштво за една вистина, за еден исповедник, и тоа несовладлив, кој Преисполнет со Евангелеието (како што вели и тропарот на празникот), посака да го избави родот свој од прелеста и венец сјаен да прими, венец кој никогаш не угаснува, сјај кој сите ќе ги растрепери и ќе ги понесе кон Бога, заради подвигот на маченикот. Такво сведоштво, таква љубов, таква несовладлива вистина и аголен камен, оваа црква и овој народ деветнаесет години години гледа во ликот и делата на Митрополитот Агатангел. Неговата татковска љубов пак, пројавена кон нас во Повардарската епархија, еве веќе единаесет години не милува и поучува со евангелската татковска љубов и се грижи за нас ништо да не ни недостасува, ниту руба свадбена, ниту прстен на десницата наша, а уште помалку пак ќе не остави да залутаме во далечна земја жедни и гладни во очајание. Па затоа сета оваа наша близина со него и нам ни дава за право да се надеваме дека денеска, на ова Божествено тајноводство, бевме уште поблизу до Бога и до светиот, заради него, заради нашиот денешен славеник. Треба ли да се зборува денес за тие дела и има ли некој, кој не слушнал и не видел, за толку кратко време, какви прекрасни зданија се извишија и во Велес, па и долж повардарието. Има ли некој кој не прочитал макар мал дел од црковно - просветната дејност за духовна наобразба на овој народ. Има ли некој кој не ги видел радосните лица на најзагрозените наши браќа и сестри кои редовно примаат благословен топол оброк во црковните кујни. Сведоци сме дека Велес, како и градовите низ Повардарието, веќе стануваат синоним за духовна култура, која преточена во дела ги полни храмовите со мноштво народ, кој повторно се враќа во прегратките Господови и таму ја пронаоѓа утехата во овие тешки времиња. Високопреосвештени Владико наш свет, дозволете ми од мое име, од името на свештенството и верниот народ од нашата Повардарска епархија, топло и молитвено да Ви го честитаме именденот со искрени желби за долг и уште поплодотворен богугоден архипастирски живот. Нека светиот новомаченик Агатангел Битолски, вашето престолно кандило пред престолот на Севишниот Бог, ви биде поттик постојано да се молите за нас и да не спомнувате во вашите молитви и нека Преблагиот Бог, преку неговите молитви, обилно ја излее Неговата благодат врз сите нас, кои Го славиме и Му се поклонуваме, Отецот, Синот и Светиот Дух, Троица едносушна и неразделна, сега и секогаш и во вечни векови, АМИН !
НА МНОГАЈА ЛЕТА ВЛАДИКО СВЕТ!
проповед произнесена 2017 Лето Господово на празникот Св. нв - мч. Агатангел Битолски храм „Успение Богородично“ - Велес проповедал: протоереј Борислав Бобевски |
< Претходно | Следно > |
---|